Законот за даноци на Трамп го разбеснува Маск
4 јуни 2025Неколку дена по неговото заминување од Вашингтон, технолошкиот милијардер Илон Маск го става на тест својот однос со Доналд Трамп со жестоки критики за еден од форсираните проекти на американскиот претседател. Маск го нападна законот за даноци и трошоци што го промовираше Трамп како „гнасен".
На неговата онлајн платформа X, тој ги критикуваше плановите за зголемување на „веќе гигантскиот“ буџетски дефицит и националниот долг. „Срам да им е на оние што гласаа за ова: знаете дека погрешивте“, напиша Маск. Потоа тој продолжи со предупредување до членовите на Конгресот кои гласаат за законот: „Во ноември следната година, ќе ги избркаме сите политичари што го предадоа американскиот народ“.
За почетокот на ноември 2026 година се закажани среднорочните избори во САД, на кои сите членови на Претставничкиот дом и речиси третина од сенаторите ќе се соочат со електоратот. За членовите на Конгресот, ваквите зборови од Маск не се празна закана: На крајот на краиштата, тој донираше повеќе од 250 милиони долари за изборната кампања на Трамп минатата година.
Тесно мнозинство во Претставничкиот дом
Предлог-законот, критикуван од Маск, кој Трамп го нарекува „голем, прекрасен закон“, помина низ Претставничкиот дом во мај, првиот дом на Конгресот што го стори тоа, со тесно мнозинство.
Но во Сенатот, неколку членови на Републиканската партија на Трамп се спротивставуваат на него. Тие се противат на планираното зголемување на горната граница на долгот и сакаат поголемо намалување на трошоците. За извршниот директор на Тесла, Маск, пак усвојувањето на законот би можело да значи загрозување на неговите деловни интереси, бидејќи законот на Трамп вклучува редуцирање на финансирањето за електрични возила и сродни технологии.
Ладна реакција од Белата куќа
Белата куќа реагираше опуштено: „Претседателот веќе знае што мисли Илон Маск за овој закон“, изјави портпаролката Каролин Ливит. Трамп цврсто опстојува на пакетот закони со којшто меѓу другото, е планирано трајно продолжување на даночните олеснувања од првиот мандат на Трамп. Ова треба да се финансира, на пример, со резови на социјалните бенефиции, што наидува на жестоко противење од Демократите.
Така, технолошкиот милијардер Маск доби поддршка за својата критика токму од демократскиот сенатор Берни Сандерс: „Маск е во право“, напиша тој исто така на X. Сандерс истакна дека најбогатите Американци ќе добијат 664 милијарди долари даночни олеснувања, додека во исто време 290 милијарди долари ќе бидат намалени од помошта за храна за оние на кои им е потребна.
Не е првата критика на Маск
Маск веќе го критикуваше законот во последните денови - но со многу повоздржани термини. Минатата недела, тој го изрази своето „разочарување“ што тој ги поткопува намалувањата на владините трошоци воведени од страна на Одделот за ефикасност ДОГЕ, кој тој го предводеше. Во исто време, тој во интервју за Си-Би-Ес рече дека е „во малку непријатна положба“ бидејќи не сака да ја критикува владата, но исто така не сака да ги поддржи сите нејзини одлуки.
При заминувањето од Вашингтон, Маск укажа на правилото дека договорите за надворешни владини службеници се ограничени на 130 дена годишно. Сепак, во последните месеци веќе имаше индикации дека влијанието на Маск во кругот на Трамп слабее. Според медиумските извештаи, тој ги загуби борбите за моќ со неколку министри во кабинетот. Освен тоа, неодамна Трамп одлучи да го отстрани од трката претходниот кандидат за раководство на вселенската агенција НАСА, кој беше близок до Маск.