Ослободителна пресуда за Рамиз Мерко за набавката на „ауди“
9 јуни 2025Струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко, доби ослободителна пресуда во судскиот процес кој се водеше против него за набавка на службено возило „Ауди“ во вредност од 67.000 евра. Судот утврди дека во процесот на јавната набавка нема докази дека сторил кривично дело и дека имал намера да ја злоупотреби својата службена положба.
Согласно приложените докази за јавната набавка на возилото, не било утврдено дека е постапено спротивно на која било одредба од Законот за јавни набавки, се наведува во пресудата на судијата Јордан Јованов.
„Уште во текстот на обвинението стои дека дозволениот лимит за набавката на возилата бил седум милиони и набавката е во рамки на тој лимит. Целокупната документација е уредна, затоа што еднаш се водела една постапка, која завршила со само една задоцнета понуда и таа е поништена. Во втората се пријавиле двајца понудувачи, имаат комплетни документи и проценка на вредноста на возилата и сите процедури коишто се во рамката им е запазена. Избран е оној што дал помала понуда, значи најповолниот понудувач, во согласност со правилата на Законот за јавните набавки“, вели Јованов.
Нема докази за манипулации
Во обвинението стои дека му е прибавена имотна корист на тој најповолен понудувач, но судот не утврдил дека се направени одредени манипулации или недозволени дејствија во рамки на постапката.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го товареше Мерко за злоупотреба на службена положба и овластување, откако Антикорупциската комисија во 2020 година поднесе иницијатива за кривично гонење на струшкиот градоначалник за набавката на патнички возила, меѓу кои и „Ауди А6“ вредно 67 илјади евра.
Случајот стана особено актуелен во јавноста откако струшкиот градоначалник, од редовите на ДУИ, во јуни 2023 година се најде на црната листа на САД поради корупција.
По наводите кои се појавија дека е вршено влијание врз одредени судски постапки, Комисија на Јавното обвинителство изврши вонреден надзор над работата на неколку обвинителства, каде се водат предмети поврзани со струшкиот градоначалник и со општината со која што раководи.
Под „лупа“ на комисијата беа 30 предмети, од кој најстарите завршени постапки датираат од 2006 година.
Против Мерко во тек се судски процеси за незаконско поставување директори во неколку струшки училишта и за поставено спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда.