ОН: Се очекуваат дополнителни температурни екстреми
28 мај 2025Климатските промени напредуваат, во следните пет години се очекува нов глобален температурен рекорд, соопшти Светската метеоролошка организација (СМО). Постои 70 до 80 отсто веројатност дека следните пет години ќе бидат уште пожешки од рекордната 2024 година, се вели во извештајот што СМО го претстави во Женева. Прогнозата на специјалната агенција на ОН е дополнителен показател дека почитувањето на границата од 1,5 степени договорена со Парискиот климатски договор станува сè поневеројатно.
Во 2015 година, Парискиот климатски самит одлучи да го ограничи глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустриското време. Оваа цел сега се смета за речиси невозможно да се постигне. СМО претпоставува дека оваа граница е прекршена веќе во 2024 година. Сепак, целта официјално се смета дека е пропуштена само ако вредноста се надмине со децении.
Прогнозата се базира на климатски модели од 15 институции, во кои беше вклучена и германската метеоролошка служба. Извештајот предвидува дека годишната просечна глобална температура на површината за секоја година помеѓу 2025 и 2029 година ќе биде помеѓу 1,2 и 1,9 степени повисока од просечната за годините од 1850 до 1900 година.
Извештајот јасно покажува дека секоја десетина од степенот на затоплување придонесува за топлотни бранови, екстремни врнежи, суши, топење на мразот, потопли океани и зголемување на нивото на морето. „За жал, овој извештај на СМО не покажува знаци на олеснување во наредните години“, истакна копотпретседателката на СМО Ко Барет. „Ова значи дека нашите економии, нашиот секојдневен живот, нашите екосистеми и нашата планета ќе бидат под зголемено негативно влијание".
Со цел долгорочно да се задржи глобалното затоплување под 1,5 степени, емисиите на стакленички гасови кои ја оштетуваат климата би требало значително да се намалат до 2030 година. Покрај тоа, од атмосферата би требало да се отстранат големи количини на стакленички гасови.
Според Комисијата на ЕУ, Европската унија е на дофат да ги постигне своите самонаметнати климатски цели до крајот на деценијата. ЕУ моментално е на пат да ги намали емисиите на стакленички гасови за околу 54 проценти до 2030 година во споредба со нивото од 1990 година. Целта на Европската заедница е намалување од 55 проценти до крајот на деценијата.