Критики за Израел за прекин на дотурот на помош во Газа
3 март 2025Германската влада ја критикува одлуката на Израел да ја прекине испораката на помош до Појасот Газа. Одлуката во Берлин била примена со „голема загриженост“, изјави портпарол на Министерството за надворешни работи на Германија. „Овозможувањето или откажувањето на пристапот кон хуманитарна помош не е легитимно средство во преговорите“, дополни тој. Претходно, вакви критки упатија и ОН.
ОН и нивните партнери мора да имаат пристап до луѓето за да можат да обезбедат витална поддршка, изјави Координаторот на ОН за итна помош, Том Флечер, во Њујорк во неделата вечерта. Меѓународното хуманитарно право е јасно во овој случај. Напредокот во последните 42 дена од стапувањето во сила на примирјето меѓу Израел и терористичката група Хамас не треба да се анулира или да назадува. Флечер од Хамас побара на Израелците да им ги предаде сите преостанати заложници.
Како аргумент за потегот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за британската телевизија Би-Би-Си соопшти дека неговата земја дејствувала затоа што Хамас извршил кражба на материјали за помош и нив ги користи „за финансирање на нивната машина за тероризам“.
Шефот на израелската влада ја обвини освен тоа палестинската група за отфрлање на предлогот на САД за продолжување на прекинот на огнот во Појасот Газа, откако неговата прва фаза истече во саботата. Израел, истакна Нетанјаху, се согласил со американскиот предлог.
Војната во Појасот Газа започна во 2023 година откако Хамас го нападна Израел, убивајќи повеќе од 1100 луѓе и земајќи преку 200 заложници, кои ги пренесе во Газа. Во одговор на терористичката акција, Израел врши напади врз цели во Појасот Газа. Повеќе од два милиони луѓе во тој регион се во најголем дел зависни од хуманитарната помош однадвор.