Охрид: Невладините се жалат, дивоградбите си врват
18 јуни 2025Молк по алармот на невладините организации дека на повеќе локации во Охрид незаконски се гради. Во пресрет на одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, кој за помалку од еден месец ќе пресече дали Охридскиот Регион ќе биде впишан на Листата на светски наследства во опасност, од Фронт 21/42 порачуваат дека надлежните институции не покажуваат свест за вредностите на светското наследство, ниту одговорност кон идните генерации.
Претставка без одговор за хотелот во Горица
Претставка изминатиот период поднесоа 25 граѓански организации во Северна Македонија, но наведуваат дека ниту една од надлежните институции не постапила во законски предвидениот рок во врска со незаконската изградба на хотелот во охридската населба Горица. Со тоа, според невладините организации, Владата и Општина Охрид го прекршиле и Законот за постапување по претставки и предлози.
Станува збор за хотел кој се гради на една од најатрактивните локации на Охридското Езеро и покрај укажувањата на екологистите дека уништувањето на зеленилото и бетонизацијата на ридот кај Горица е спротивно на препораките на УНЕСКО.
„На ридот во Горица, забрзано се гради хотелскиот комплекс на Дивелоп Груп - со незаконско одобрение за градба, издадено без оцена на влијанието врз животната средина, дури и без одобрен елаборат. Долгата листа на прекршувања на Законот за градење, Законот за општа управна постапка, Законот за животна средина, Законот за управување со светското наследство, Законот за инспекциски надзор, Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори, Бернската и Конвенцијата на УНЕСКО, а со тоа и на Уставот, деновиве се прошири и со прекршување на Законот за постапување по претставки и предлози“, велат од Фронт 21/42.
Според нив, од Кабинетот на премиерот информирале дека претставката е проследена до Општина Охрид и МЖСПП, а од Генералниот секретаријат на Владата (во која влегува и МЖСПП) ја проследиле до Општина Охрид. Од Општина Охрид, како и многу пати до сега – организациите добиле молк.
„Случајот уште во март беше поднесен и до Државната Комисија за спречување на корупцијата – до сега и од таму нема никаква одлука“, велат невладините организации.
Се уништуваат и Студенчишко блато и Галичица
Екологистите алармираат дека продолжува и уништувањето на Студенчишко блато. Според нив, „покрај незаконскиот урбан комплекс, кој се развива на незаконски приватизирано државно земјоделско земјиште, во периодов се припрема огромен терен за некоја нова градба“.
Тие наведуваат и дека континуирано се уништува и Националниот парк Галичица, каде „дивоградбите се вообичаена појава“.
Како еден од многуте примери се посочува хотелот кој забрзано никнува во селото Рамне. „Истовремено, веќе е најавен урбанистички план за селото, кој можеби по некоја случајност ќе предвидува хотел токму на локацијата на дивоградбата? Инаку кој би се осмелил да инвестира во дивоизграден хотел, кој сигурно би бил срушен ако живеевме во држава во која институциите ги спроведуваат законите?, велат од Фронт 21/42.