Староградска пловидба со ВИС „Билјана“. Концерт на вода „Ој љубов, љубов“ е единствениот од тој тип во Македонија, кој ја негува трубадурската традиција за Петровден во Охрид.
„Имавме многу голема посетеност, околу 70 пловни објекти со весла ја следеа музиката. И сега се закотвивме на старото пристаниште познато како Островче, каде што сите заедно можеме да ги испееме најубавите охридски и македонски песни“, вели еден од организаторите на настанот, Димитар Поп Стефанија.
Возобновената традиција ги оживува староградските песни. Шеста година по ред, на кајчиња, кајаци и супови Охриѓани и туристите уживаат.
„Навистина кога ќе видиме посетители во ваков број, а не е на копно, за нас значи многу. Значи не само за музиката, туку и за екологијата на градот. Сакаме да потенцираме дека Охридското езеро заслужува весла, а не заслужува мотори“, вели Јован Поп Стефанија од ВИС „Билјана“.