Огнени стихии се закануваат на Крива Паланка и Дојран
9 јули 2025Петнаесетина пожари беснеат низ Македонија, предизвикувајќи материјална штета и страв кај граѓаните, кои со денови се гушат во токсични облаци чад. Огнените стихии се приближуваат кон Крива Паланка и Дојран, заканувајќи се да ги зафатат и првите населени места. Градоначалниците побараа итна помош за справување со пожарите, а се очекува во гаснењето на огнот во пограничните зони да се вклучат и Бугарија и Грција. Премиерот Христијан Мицкоски попладне ќе заседава со кризниот штаб за пожарите во Владата.
Градоначалникот на Крива Паланка бара итна помош
Голем пожар избувна во близина на населеното место Лозаново, општина Крива Паланка, а градот се соочува со една од најголемите огнени стихии во последните неколку години, информираше градоначалникот Сашко Митовски на Фејсбук.
Тој апелираше на смиреност кај населението и побара помош од државата. „Пожарот е кај Лозаново и од она што можам да го заклучам градот се наоѓа под најголема огнена стихија во последните неколку години. Апелирам и алармирам за смиреност во оваа состојба, но истовремено апелирам за помош од сите соседни општини и државна помош вклучувајќи ја целата државна механизација што е на располагање“, вели Митовски.
Постои опасност за населеното место Лозаново и за домовите на жителите. Митовски упати апел да се вклучат сите оние што може да дојдат и да помогнат во спречување на ширењето на пожарот.
„Општината е зафатена од сериозни пожари што се шират со голема брзина и претставуваат закана за домовите и безбедноста на нашите сограѓани. Ги повикуваме сите граѓани што имаат можност и подготвеност – да се приклучат и помогнат во локализација и гасење на пожарите. Секоја помош е од непроценливо значење – и секој човек значи разлика“, велат од Општина Крива Паланка.
Алармантно и кај Николиќ
Алармантна е ситуацијата и кај Дојран, каде голем замав зеде пожарот кај селото Николиќ. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов информираше дека хеликоптер од изутрината учествува во гаснењето на пожарот над селото во околината на Дојран.
„Нашиот фокус денеска ќе биде гаснењето на пожарот во околината на Дојран над селото Николиќ. Овде има една сосема мала брана што хеликоптерот ја користи за полнење на вода и така дејствува врз овој тежок пожар, што се наоѓа на исклучително стрмен предел. Затоа го користиме хеликоптерот кој со кратки налети од три до четири минути брзо и ефикасно дејствува врз пожарот, кој во моментов има еден активен крак“, порача Ангелов во видео обраќање до медиумите.
Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов упати апел за помош до сите надлежни.
„Потребна е воздушна помош поради алармантната состојба со пожарот во село Николиќ“, вели тој во објава на социјалните мрежи.
Совети за заштита
Според Центарот за управување со кризи (ЦУК) има десетици пожари на отворен простор и тоа во општина Македонски Брод, Чашка, Чучер Сандево, Дојран, Кавадарци, Велес и Шуто Оризари. Поради повторно разгорување на пожарот во близина на Блаце целосно е прекинат сообраќајот на патниот правец Скопје-ГП Блаце во двата правци, а затворен е и граничниот премин Блаце. информира од МВР.
Последните пожари во близина на Скопје, но и во останатите делови на земјата се закана за здравјето и безбедноста на граѓаните. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) препорачува граѓаните да ги почитуваат наредбите за евакуација или засолнување, да не изложуваат на чад со тоа што ќе ги затворат прозорците и вратите и ќе ги исклучат клима уредите и вентилацијата што внесува надворешен воздух.
„Засолнете се во безбеден простор. Останете во затворена просторија со што помалку отвори кон надвор. Запечатете ги процепите околу прозорците и вратите со влажни крпи или самолеплива лента. Користете соодветна заштитна опрема и носете маска што филтрира честички“, советуваат од ИЈЗ.
Децата, постарите лица, бремените жени и лицата со хронични болести треба да останат во најзаштитените простории, а при појава на симптоми (отежнато дишење, кашлица, вртоглавица), веднаш да се побара медицинска помош.