Односите меѓу ЕУ и Кина досегнаа дно пред самитот
24 јули 2025Изгледите за пробив во обидот за решавање на тензиите меѓу ЕУ и Кина на самитот денеска (24.07.) во Пекинг, се чинат мали откако Кина планираните дводневни разговори ги скрати на еден ден. Самитот, со кој треба да се одбележи 50-годишнината од воспоставувањето на дипломатски релации меѓу ЕУ и Кина, наместо во Брисел дури беше префрлен во Пекинг откако кинескиот претседател Ши Џинпинг ја одби поканата за присуство. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот на Европа, Антонио Кошта, се среќаваат со Ши или со премиерот Ли Чијанг во кинескиот главен град. „Ова е уште еден знак за ограничената желба и амбиција на Пекинг да си има работа со Европејците“, оценува за ДВ Алиција Бачулска, соработник во програмата за Азија при Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР). Таа додава дека кинеската елита често ја доживува ЕУ како сила од средни размери со ограничено влијание во трговските преговори.
Поплаките на ЕУ не наидуваат на слух
Трговскиот дефицит од 400 милијарди евра (467 милијарди долари) на ЕУ со Кина го потпали тековниот трговски спор, разгорен со ограничениот пристап на европските производители до кинескиот пазар. Индустриските политики на Кина ги фаворизираат домашните добавувачи, кои добиваат огромни субвенции, пристап до договори како изведувачи за владата и поволни регулативи.
Брисел смета дека таквите политики условиле значително прекумерно производство, што довело до „нафрлање“ евтини кинески електрични возила на пазарот на ЕУ, со што се нанела штета на домашниот автомобилски сектор. „Обемот на кинеската економија - обемот на субвенции, прекумерниот капацитет и владините интервенции – се огромни“, вели Бачулска и додава дека без „сериозни мерки“ за заштита на европската автомобилска индустрија, ЕУ ризикува „делумна деиндустријализација“ за само неколку години.
ЕУ воведе царини и до 45% за кинески електрични возила и бара ставање крај на прекумерните капацитети и реципрочен пристап до пазарот за да се обезбедат еднакви услови за европските извозници.
Кина сега сака да ги замени царините за електрични возила со обврски за минимална цена, покрај други отстапки. Поради загриженоста за трговската политика на Кина, ЕУ во април годинава формираше Работна група за надзор на увозот чија цел е да помогне за заштита на внатрешниот пазар на Унијата, што би можело да придонесе за давачки контра ниските цени од Кина или други заштитни мерки. Работната група веднаш утврди зголемување од 8,2% на извозот на Кина во ЕУ во април, во споредба со истиот период минатата година, што го припишува на тоа дека кинеските извозници го пренасочуваат извозот во САД кон Европа за да ги избегнат повисоките царини од Трамп. Кина негира дека на домашните производители им обезбедува нелојални услови и ја обвинува ЕУ за протекционизам. Пекинг фаворизирањето на локални производители го оправдува со потребата за национална безбедност и економски развој.
Фирмите од ЕУ фрустрирани од ограничувањата на Кина за ретки минерали
Со оглед на тоа дека преговарачите на ЕУ не можат да обезбедат значителен пристап до кинескиот пазар, а Кина располага со ретки минерали неопходни за чиста технологија, производство на чипови и медицинска опрема, тоа е уште една важна точка во спорот. Според ЕК, ЕУ се потпира на Кина за 98% од своите залихи од ретки минерали, како и магнети од ретки земји. Кина минатата година воведе ограничувања на извозот на ретки метали, заради што имаше доцнење во синџирот на снабдување и прекини на производството кај фирмите од ЕУ. Вредноста на испораките со ретки метали во ЕУ се намали за 84% на 15,1 милиони долари (12,9 милиони евра) во првите пет месеци од 2025 година, според податоците од кинеската царинска служба.
На самитот на Г7 минатиот месец во Канада, фон дер Лајен ја обвини Кина за „присила“ и „уцена“ во врска со ограничувањата и наведе дека „ниту една земја не треба да контролира 80 до 90% од пазарот за основни суровини и да одлева производи како магнети“. Пекинг ги отфрли критиките, а портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи минатата недела сугерираше дека „менталитетот“ на ЕУ треба да се „ребалансира“. Иако комесарот за трговија на ЕУ, Марош Шефчовиќ, минатиот месец преговараше за олеснување на извозните контроли за ретки метали и обезбеди „зелен канал“ за некои европски производители, многу фирми јавуваат дека одобренијата премногу бавно се добиваат за да може да се спречи прекин во синџирот на снабдување. ЕУ веќе го има инструмент против принуда за следење на примери на таквите појави, како што се на пример ограничувањата со минералите од Кина. Сѐ почесто се слушаат барања европските креатори на политики како реакција на тоа да заземат построг став кон Пекинг, меѓу другото со царини, забрани за набавки или други мерки. „Треба да ја пренесеме пораката дека Европа ќе биде самоуверена и дека има алатки како инструментот против принуда, ако веќе дојде до мерење на силите“, вели Бачулска која додава дека „тоа бара политичка волја.“
Дали проблемите на Кина со Трамп би можеле да бидат во корист на ЕУ?
Аналитичари на ЕУ сметаат дека царините на американскиот претседател Доналд Трамп, кои помогнаа да се прекинат децениски блиските трансатлантски односи, се можност Брисел да ги редефинира врските со втората најголема економија во светот. Соочени со големи нарушувања во трговијата со САД, тие сметаат дека Европа на Кина ѝ е попотребна од било кога и дека може да биде принудена да понуди отстапки за време на самитот. „Мислам дека таквото мислење е многу наивно“, вели Бачулска и додава дека „Кина ја доби првата рунда од трговската војна со САД и во Пекинг владее силно чувство дека времето е на нивна страна [во преговорите со ЕУ]“. На крајот на краиштата, Ши економијата на Кина ја поместува од раст диктиран преку количините кон „развој на висок квалитет“ со ставање приоритет на новите технологии, домашната побарувачка, безбедноста и животната средина. Кина веќе ја предизвикува технолошката доминација на Западот, вклучително и во вештачката интелигенција, супер-компјутерите и производството на електрични возила. Во некои случаи, како 6Г комуникацијата, таа веќе го надмина Западот.
Некои аналитичари сметаат дека Европа и натаму ја потценува економската закана од Кина и не успева да етаблира построг пристап за да се спротивстави на некои од нелојалните трговски практики на Кина. „Постои тенденција прашањата поврзани со Кина во Европа да се маргинализираат затоа што имаме толку многу работи на домашен терен“, анализира Бачулска за ДВ, алудирајќи на војната во Украина и трговскиот спор на ЕУ со Трамп. „Кина се чини дека е само географски далечен предизвик... [но] многу од последиците од кинеските политики за многу брзо време ќе се чувствуваат во Европа“, предупредува таа.