Во мојата прва колумна за Дојче Веле во ноември 2017 пишував како, според мене, пред културната јавност во ЕУ може да се промовира посебноста на македонскиот јазик. Уште сум уверена дека тоа е можно само со добро организирана културна стратегија за промоција на македонската литература во ЕУ. Тогаш, во 2017-тата,пишував за конференцијата за македонскиот јазик, организирана во 1995-та од катедрата за бугаристика во Салцбург, за да покажам дека не смееме повеќе да се однесуваме во светот како разединети Македонци.
Конференцијата во 1995 година беше само неколку години по самостојноста на македонската држава, која од Грција веќе беше под блокада со „спорот за името“. Во 2017-та, кога потсетив на конференцијата, тој спор уште не беше надминат, но имаше Договор за пријателство со Бугарија. Опишувајќи ја апсурдната состојба на конференцијата за македонскиот јазик во Салцбург 1995, сакав да укажам дека Македонија би морала веднаш по потпишувањето на Договорот со Бугарија да го промовира македонскиот јазик пред културната јавност во ЕУ. За тоа ќе беше потребна културна стратегија за промоција на македонската литература во ЕУ, темелно подготвена со извонредни преводи, поддржана од сите политички, партиски и етнички чинители. Најдобрата одбрана на македонскиот јазик е секогаш литературата напишана на македонски.
Како се промовираше Хрватска
Хрватска стартуваше 2008 година, пет години пред приемот во ЕУ, со таква промоција на хрватската литература на Саемот на книгата во Лајпциг. Таа стратегија беше замислена како подготовка на пристапните преговори на земјата, за да се чуе во ЕУ за Хрватска. Тогашното хрватско министерство за култура ги ангажираше најдобрите преведувачи од хрватски на германски, направи богат избор на најдобрите актуелни хрватски писателки и писатели и се избори да биде „Земја гостинка“ на Саемот на книгата во Лајпциг во 2008-мата. Во пресрет на Саемот, најзначајните германски неделници објавија обемни прилози за хрватската историја, култура и литература. Се прашувате зошто мораше Хрватска да го стори тоа? Затоа што по распаѓањето на Југославија, хрватскиот јазик требаше да му покаже на светот дека тој не е веќе „српско-хрватски“, туку е само хрватски. Хрватските политичари, особено тие кои беа надлежни за културата, знаеја дека најдобрата легитимација на посебноста на еден јазик е токму литературата. Тоа може да го направи и Македонија, особено во овој „статус кво“ во пристапните преговори.
Разединетост на македонските политичари
Зошто на македонските политичари не им стана јасно веднаш по државното осамостојување дека им претстојат две тешки битки: за името Македонија и за македонскиот јазик? Зошто Македонците избраа да „спијат“ во столетниот сон на Трнорушка, дури и кога имаа долги години можност да се „разбудат“ од него, затоа што во Њујорк три децении се бараше начин да се реши „спорот за името“ со Грција? Според мене, затоа што секогаш мислиме дека светот мора да знае сѐ за нас, без да му кажеме.
Освен тоа, многу брзо по осамостојувањето, македонските политичари, а со тоа и сите етнички Македонци, се разединија по партиска линија. А со тоа се вратија во минатото, каде што таквите делби биле буквално „смртоносни“. Наместо да станат свесни за историската одговорност што ја носеа за државата и за народот, брзо по првата еуфорија на самостојноста, Македонците се разединија во непомирлив фронт. И ден-денес владее истиот фронт, кој сѐ повеќе личи на патологија. Затоа што тоа прави да се заборави кризата во која се наоѓа државата.
Популистичките гласни „борби“ во партиските табори се само обид да се прикрие чувството што го има секој македонски граѓанин: дека и државата и политиката се без компас. Меѓутоа, има историски задачи за кои мора да се работи со заеднички сили на сите политички и културни чинители. Во македонската политичка и културна јавност разединетоста и омразата кон другата политичка опција се толку големи, што секоја заедничка стратегија се чини утопија. Македонците поарно ќе ја изгубат државата, ама нема да седнат на иста маса и да направат барем заедничка македонска културна стратегија, затоа што и македонските интелектуалци и писатели се „партизирани“. Парадоксално речено, за да го одбранат македонскиот јазик пред ЕУ и пред светот, македонските политичари, интелектуалци и писатели треба да го најдат повторно својот „заеднички“ јазик. За да се разберат како Македонци во својата загрозеност. Не од промената на името на државата, туку од самите себеси. Од својот самодеструктвен менталитет. Тој заеднички јазик, околу кој може да се обединат, не е партискиот, ниту патриотскиот, туку јазикот на кој пишуваат и создаваат творците. Литературата е паметењето на Македонците, национално и културно. Затоа само таа говори со еден глас. Тој на зборот, на писменоста, на самобитноста. Македонскиот јазик, како силен вруток од кој се раѓа сета литература, може да се брани само заеднички, над сите политички и партиски табори.
Кој е виновен за неволјата на Македонците - ЕУ или самите Македонци?
За жал, ми се чини дека шансите за таква консолидација на македонската политичка и интелектуална јавност денес се многу мали. Зошто сум скептична? Затоа што во македонската „состојба на духот“ нема ништо ново во овие три децении. Тоа ми стана уште појасно кога повторно ја прочитав мојата колумна од 2017-тата за меѓународната конференција на слависти во Салцбург 1995 на тема „Постои ли македонскиот јазик?“. Јас бев таму како известувач за Дојче Веле. Учествуваа врвни слависти од Германија, Австралија, Австрија, Грција и Бугарија. За жал, не и од Македонија. Иако во програмата беа најавени десетина македонски лингвисти, писатели и филозофи, тие, сепак, беа отсутни. А зошто? Според домаќинот, затоа што тогашната македонска влада во последен момент им забранила да учествуваат на симпозиумот.
Домаќинот, професорот по бугарски јазик и литература, Ото Кронштајнер, беше познат во славистичките кругови како „бранител“ на бугарската „кауза“. Тоа го потврди учеството на двајца бугарски слависти, познати како жестоки критичари на македонскиот јазик. Кронштајнер рече дека неколку од „отсутните" македонски научници имале испратено до него по факс протестно писмо, во кое опишале зошто македонската влада не им дозволила да „стигнат" во Салцбург: „за да не ја кажеле „вистината" за македонскиот јазик". А нивната „вистина” беше слична на таа на бугарските слависти. Сите отсутни слависти беа Македонци, само не сите во Салцбург ќе го „бранеа“ на еднаков начин македонскиот јазик. Некои од „отсутните" писатели беа блиски на тогашното ВМРО. Во тоа време тие учествуваа, заедно со неколку тогаш (а и денес) влијателни политичари во таа партија, во хајката против Блаже Конески, нарекувајќи го „џуџето од Небрегово“. Затоа што ја „сменил“ македонската азбука и со тоа го оддалечил македонскиот јазик од бугарскиот. Тенорот на таа хајка беше идентичен со барањата на двајцата бугарски слависти на конференцијата. Тие бараа во Македонија да се врати „старата“ азбука. Притоа, типично за „македонските состојби“, и двајцата бугарски научници потекнуваа од Македонија. Тогаш, кој е виновен за неволјата на Македонците? ЕУ или самите Македонци?
Затоа денес Бугарија не се обидува повеќе на славистичко, туку директно на политичко ниво да го негира постоењето на македонскиот јазик. Меѓутоа, проблемот не е што „сака“ Бугарија, туку дали Македонија има капацитет да го „одбрани“ македонскиот јазик во ЕУ? Имено, може ли да им се верува на денешните политичари на ВМРО, кои денес одлучуваат за македонската надворешна политика, дека ќе умеат да го „одбранат“ македонскиот јазик, кога истите пред 30 години му се потсмеваа на Конески, нарекувајќи го „џуџето од Небрегово“? Секој знае дека и бугарските екстремни националисти и негатори на македонскиот јазик го напаѓаат токму Блаже Конески.
Без стратегија
За жал, денешните македонски политичари, од актуелната, но и од претходната власт, немаат стратегија во која би ги обединиле најкомпетентните умови во Македонија во одбрана на македонскиот јазик, култура и идентитет, како што тоа го стори Хрватска 2008-ма. Се чини дека никој во македонската политика во моментов не знае што значи заедничка стратегија во одбрана на македонската самобитност и на македонскиот јазик. А токму тие се идентитетот, а не името на државата. Ние сме Македонци затоа што нашиот мајчин јазик е македонски и зборуваме на македонски и кога не живееме во државата Македонија. Идентитетот никој не може да ни го одземе. Но, ако останеме разединети, може да ја изгубиме единствената држава на македонскиот народ во историјата. Трагично е што политичарите не се свесни за значењето на националната литература во одбрана на самобитноста на македонскиот јазик. За да сознаат, сите треба повторно (доколку воопшто го читале) да го делото прочитаат Блаже Конески. Дали македонскиот јазик успешно ќе се промовира во ЕУ и пред светот, зависи од тоа дали Македонците, барем еднаш во историјата, ќе се обединат околу една заедничка стратегија. Ако тоа како Македонци не можеме да го сториме, тогаш не го заслужуваме нашиот мајчин јазик. И ќе останеме и понатаму „смачкано племе“. И тоа го знаеше најдобро само Блаже Конески.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.