Преспански договор:седум години меѓу очекувањата и реалноста
17 јуни 2025Седум години по потпишувањето на договорот во Преспа, со кој се стави крај на спорот за името меѓу Грција и Северна Македонија, сè уште неисполнети ветувања и надежи надвиснуваат над европската иднина на македонските граѓани. Потпишувањето на договорот којшто требаше да значи историски пресврт и компромис за европска иднина, ја смири топката меѓу двете соседни земји, но не ги исполни до крај очекувањата за забрзан влез на Македонија во ЕУ.
Договорот кој во минатот често беше критикуван, негиран, па дури имаше и размислување за негово поништување, последнава година од страна на македонската владејачка гарнитура, често се споменува како можен модел за уставни измени со одложено дејство, со цел да се надмине спорот со Бугарија и да одблокира патот на земјата кон ЕУ.
Надминување на децениски спор
На 17 јуни 2018 година, во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро од грчка страна, Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа. Со него беше надминат деценискиот спор, поради кој беа закочени евроатлантските интеграции на Македонија. Со новото име, Северна Македонија стана 30-та членка на Северноатлантскиот воен сојуз, НАТО и се надева на напредок на патот кон ЕУ.
Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, а во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Договорот на 12 февруари 2019 година и официјално стапи во сила. Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.
Северна Македонија досега исполни голем дел од обврските од Договорот од Преспа, во однос на имплементацијата, како што се промената на уставното име и Уставот, менување на пасошите, регистарските таблици, менување на имињата на министерствата и институциите и слично. Но, остануваат уште обврски коишто треба да се завршат.
Седум години по потпишувањето на договорот со кој се затвори долгогодишниот спор за името меѓу двете земји, остануваат да се ратификуваат три меморандуми за соработка.
Мостови на соработка
Скопје и Атина, покрај повремените препирки околу улогата на Преспанскиот договор, најавуваат градење на мостови и зајакната економска соработка и инвестиции во енергетиката, за што беше потпишан договор за изградба на гасниот интерконектор. По седум години од потпишувањето на Преспанскиот договор, и по шест години од потпишувањето на Спогодбата за отворање на граничен премин во Преспанскиот регион, Маркова Нога - Лемос, во март годинава се направи и првиот чекор кон изградба на преминот, кој се очекува да им даде нов импулс на односите меѓу двете земји.
За разлика од бизнисот кој одржува редовни средби и разменува информации, недостига комуникација на високо политички ниво. Актуелните премиери на двете земји, Христијан Мицкоски и Кирјакос Мицотакис, за сега немаат одржано билатерална средба, а идентична е ситуацијата и на претседателско ниво.
Во октомври 2021 година, претседателот Стево Пендаровски беше првиот шеф на државата кој ја посети Грција и со високи почести беше пречекан во Атина, додека пак помалку од една година по потпишувањето на Договорот, во април 2019 година, тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас го посети Скопје и се одржа првиот Совет за соработка на високо ниво кој го сочинуваат претставници на двете влади.
„Преспа - капитал кој се девалвира“
Пред седум години, Преспанскиот договор го одбележа историскиот пресврт за Република Северна Македонија.Тоа беше чин на визија и државничка храброст, кој не само што го отвори патот за членство во НАТО, туку ја закотви земјата на вистинската страна на историјата, во срцето на евроатлантската заедница, велат од ДУИ, по повод годишината од потпишувањето на договорот.
„Седум години подоцна, ја гледаме најтешката девалвација на тој капитал.Владата, која треба да биде гарант на евростлантската ориентацијата на земјата, станува закана одвнатре. Руски наративи се бранат од владини функционери, се гласа против Украина, Додик се дочекува како почесен гостин, а Охридскиот Мировен Договор речиси една година е предмет на систематска агресија“, велат од партијата.
ДУИ ги повикува сите политички и општествени фактори да не дозволат овие тешко стекнати достигнувања да бидат избришани.