Од 1 Мај без ограничени маржи - трпезата сѐ поскромна
30 април 2025Од 1 Мај трговците во Македонија слободно ќе можат да ги формираат цените, со оглед на тоа дека истекува владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи за над 1 000 прехранбени и непрехранбени производи во трговијата на мало и големо. Владината одлука за ограничени маржи беше донесена во февруари годинава и е на сила до 30 април. Граѓаните стравуваат дека тоа би можело да доведе до енормно поскапување на цените на храната во текот на мај. Надлежните, пак, најавуваат засилени контроли. Ако се утврди дека маркетите претеруваат со цените - ќе бидат воведени поригорозни мерки.
Имаше ли ефекти мерката?
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, деновиве оцени дека мерката дала позитивен резултат. Повикувајќи се на официјални податоци, рече дека во споредба со февруари, во март има дефлација од 1,3 отсто во однос на храна и пијалаци. Податоците за април, вели тој, исто така укажуваат на намалување на цените на храната и пијалаците.
Од 1 Мај Државниот пазарен инспекторат ќе врши контроли на терен за да се види дали по завршување на мерката ќе има енормно зголемување на цените на производите. Ако трговците не се однесуваат како што треба или пак ги зголемуваат цените, ќе има поригорозни мерки.
„Маркетиншки трикови место системско решени“
Според опозициската СДСМ, „место системско решение за ценовните шокови, добивме маркетиншки трикови и привремени потези што немаат реален ефект“. Според нив, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не само што не успеа да ја стабилизира ситуацијата со економската криза туку ја влоши со низа неефикасни и задоцнети мерки.
„Најдобар пример за тоа е т.н. новогодишна кошничка, која се претстави како мерка за намалување на трошоците, но заврши како медиумска манипулација“, велат од СДСМ.
Во реалноста, според нив, потрошувачката кошничка секој месец расте. Така, во април пораснала за 836 денари, што е алармантен податок којшто покажува колку се неефикасни владините интервенции.
Според поранешниот вицепремиер и пратеник на СДСМ, Фатмир Битиќи, инфлацијата и понатаму ја нагризува куповната моќ – индексот на трошоци на живот во првите три месеци од годинава се движи од 2,7% до 5,0%, додека цените на мало растат со слична динамика од 2,2% до 5,2%, што значи дека основните производи стануваат сè помалку достапни.
„Северна Македонија останува земја со најниски плати во регионот, а истовремено со едни од највисоките цени. Владините мерки за ограничување на маржите, онлајн објавување на цените од страна на маркетите, како и симболичните обиди со ’новогодишната кошничка’ останаа без резултати. Празничната трпеза за Први мај ќе биде поскапа и поскромна за работниците“, вели тој.
Со измени на Законот за заштита на потрошувачи, што стапија во сила на 18 април, трговците на мало се обврзани јавно да ги објавуваат цените на производите на своите веб страници и да ги ажурираат секој ден до 10 часот. Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) предлага да се направи алатка за компаративна споредба на цените на производите. Од Министерството за економија и труд размислуваат за воведување на општа веб-страница на која граѓаните ќе може да ги проверуваат цените на производите.