Обвинувања за „српски свет“ ја брануваат политичката сцена
22 јули 2025По објавувањето на извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија кон ЕУ, обвинувања за блискост кон таканаречениот „српски свет“ ја брануваат македонската политичка сцена. Во обемниот извештај кој беше усвоен на 26 јуни, се изразуваше загриженост поради засиленото влијание на Русија и Кина и беше осудено промовирањето на концептот „српски свет“ од македонски функционери.
Ваквите забелешки доведоа до партиски препукувања во земјата, кои меѓусебно си ја префрлаат топката за тоа кој ги влече конците кон т.н. проект „српски свет“. Опозицијата побара одговор кои претставници на Владата го застапуваат овој проект, по што следеа обвинувања, преточени во бројки, за средби коишто функционери на СДСМ и ДУИ ги оствариле со колеги од Србија во изминатиот период.
Не сме дел од „српскиот свет“
„Ние сме македонски свет“, порача шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски во понеделникот (21.07), одговарајќи на новинарско прашање за забелешките дека Владата води надворешна политика, со која ја турка земјата кон „српски свет“. Според него, Владата работи на ширење на интересите на македонската надворешна политика. Тој е дециден дека не треба да има дилеми за стратешките правци на македонската надворешна политика.
Муцунски посочи дека критиките доаѓаат од неколкумина поранешни функционери од претходната влада, за кои вели дека за време на нивните мандати имале рекорден број средби со нивните српски колеги. Како пример го наведе поранешниот претседател Стево Пендаровски, за кој рече дека во текот на петгодишниот мандат остварил девет средби со српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Поранешните претседатели на влади од редовите на СДСМ имале над 25 билатерални средби во период од седум години со нивните колеги од Србија. Активен на оваа тема слушаме е и поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, во четири години 11 билатерални средби со неговите колеги во Србија. Јас не ценам дали тоа е добро или лошо како министер за надворешни работи, но ние треба да соработуваме со сите. Не може вие да критикувате ангажман со кој било наш сосед, а да имате историски бројки на средби токму со тие претставници“, рече Муцунски.
„Османи повеќе во Белград отколку во Приштина“
Во дебата се вклучија и од коалицијата „Вреди“, кои што го критикуваа Бујар Османи, кој за само четири години како министер „трчал 11 пати на средби во Белград, а ниту еднаш во Приштина“.
„Се сретна повеќе пати со српските власти отколку со косовските. Во Скопје го пречека и рускиот министер Сергеј Лавров, а беше и редовна ’кореографија' на прошетките и вечерите со Александар Вучиќ. На Албанците им понуди само селфи-дипломатија, заглавени европски интеграции и маркетинг за себе“, велат од коалицијата.
Бујар Османи возврати на ваквите обвинувања на социјалните мрежи, објавувајќи серија фотографии од неговите посети на Косово.
Дебатата стана актуелна по извештајот на Европскиот парламент, каде во членот 35 се изразува загриженост поради т.н. проект „српски свет“ и фактот што (некои) претставници на Владата на Северна Македонија застапувале и промовирале ваков концепт. Притоа се осудува учеството на состаноци чија цел е воспоставување сфера на влијание што ја поткопува сувереноста на други држави и стабилноста на регионот.
Постапките на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедницитеИван Стоилковиќ, честопати беа критикувани во јавноста изминатава година поради блискост со српските политичари и руските кругови. Во мај минатата година, Стоилковиќ присуствуваше на 11-тиот Московски безбедносен самит во друштво на српскиот директор на БИА, Александар Вулин, српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ и претседателот на Република Српска, Милорад Додик. Во неговите постови тој Косово го ословуваше како Косово и Метохија и не учествуваше на заедничкиот владин состанок Косово-Македонија.
Стоилковиќ беше мета на критики и поради поканата на претседателот на Република Српска, Милорад Додик да присуствува на свеченоста во Македонскиот народен театар во јануари, каде тој изнесе анти-НАТО и анти-ЕУ пораки.