Берлин: Нападот со нож има антисемитска позадина
22 февруари 2025Нападот на шпански турист кој што се случи кај Меморијалот за жртвите на Холокаустот во Берлин најверојатно има антисемитска позадина. Осомничениот изјавил дека неколку недели во него созревал план да „убие Евреи“, соопштија полицијата и берлинското обвинителство.
Осомничениот е 19-годишен бегалец од Сирија за кој се вели дека живее во прифатилиште за бегалци во Лајпциг. „Според досегашната истрага и актуелните сознанија, се претпоставува дека нападот има врска со блискоисточниот конфликт“, соопштија од Обвинителството. „Според досегашните сознанија, особено врз основа на изјавите на обвинетиот во полиција, во него веќе неколку недели созревал планот за убивање Евреи.“ Соодветно на тоа било избрано и местото за извршување на злосторството.
Осомничениот треба да се појави пред истражен судија
Полицијата го уапсила осомничениот околу три часа по злосторството во околината на меморијалот. Тој не давал отпор при апсењето, изјави портпарол на полицијата. Осомничениот денеска (22.02) треба да се појави пред истражен судија.
Се наведува дека тој со остар предмет го нападнал Шпанецот и тешко го повредил. Нападот се случи во северниот дел на Споменикот за убиените Евреи од Европа. На спротивната страна се наоѓа амбасадата на САД.