Интензивна потрага по убиецот на Кирк
12 септември 2025По смртоносниот напад врз десничарскиот американски активист и поддржувач на Трамп, Чарли Кирк, ФБИ продолжува интензивно да трага по осомничени лица. Објавена е видео снимка и дополнителни фотографии. Видео снимка прикажува лице кое трча по покрив, скока на земја, а потоа брзо се оддалечува. За информации е понудена награда до 100.000 долари (приближно 85.000 евра).
31-годишниот Кирк беше застрелан во средата (10.09) на кампусот на Универзитетот Јута Вали во Орем, Јута.
Тој таму беше гостин-говорник. Напаѓачот е сè уште на слобода. Според извештаите, тој можеби го застрелал Кирк гаѓајќи од покрив.
Кирк беше влијателен претставник на движењето „Да ја направиме Америка повторно голема“ (MAГA) на американскиот претседател Доналд Трамп и го поддржуваше во неговата изборна кампања. Милиони луѓе ги следеа неговите канали на социјалните медиуми и неговите поткасти.
Примени повеќе од 7.000 дојави
Според официјалните информации, досега се примени повеќе од 7.000 дојави во врска со убиството. Спроведени се речиси 200 испрашувања. Во шума е пронајдено оружје за кое постојат сомневања дека е оружјето со кое е извршено убиството.
Републиканскиот гувернер на Јута, Спенсер Кокс, вчеравечер (11.09) изјави дека се во тек подготовки за барање смртна казна. Тој верува дека станува збор за „политички атентат“.
Ковчегот транспортиран во Феникс
Ковчегот со телото на Кирк беше транспортиран од Јута во Аризона, каде што живеел поткастерот, во придружба на потпретседателот Џ.Д. Венс и неговата сопруга, Уша Венс. На телевизиски снимки може да се види како сопругата на Кирк излегува од авион, придржувана од Уша Венс.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во Вашингтон изјави дека веројатно ќе присуствува на погребот на Кирк.
Стејт департментот се заканува со последици
Во меѓувреме, американскиот Стејт департмент им се закани со последици на странците кои на интернет оправдуваат насилство.
Заменик-министерот за надворешни работи Кристофер Ландау, без да го спомене името на Кирк, на платформата Х напиша: „Со оглед на ужасното убиство на водечка политичка фигура вчера, сакам да нагласам дека странците кои го величат насилството и омразата не се добредојдени во нашата земја“. Ландау додава дека им наложил на конзуларните претставници да преземат мерки, без да даде детали. Во својата објава, заменик-министерот повикува да му се пријават коментарите од странци за да може Стејт департментот да „го заштити американскиот народ“. Тој не дава никакви примери или докази за наводни акции на странци.