Објавен меморандумот: Русија поставува максимални барања
3 јуни 2025Русија како услов за сеопфатен прекин на огнот бара повлекување на украинските трупи од териториите кон кои Москва претендира. Ова е содржано во меморандумот доставен до Украина за време на преговорите во Истанбул, Турција, а објавен од руските државни новински агенции Тас и Риа Новости. За да стапи на сила „30-дневен прекин на огнот“, потребно е „целосно повлекување“ на украинските вооружени сили од регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, кои се делумно окупирани од Москва, се наведува во документот. Во моментов, трупите на Кремљ го контролираат речиси целиот регион Луганск, околу 70 проценти од соседниот регион Доњецк и само околу две третини од регионите Херсон и Запорожје. Регионалните главни градови Херсон и Запорожје, со нивните стотици илјади жители, остануваат под украинска контрола.
Москва наведува максимални барања
Списокот на барања ги вклучува и клучните услови на Москва за завршување на војната, која започна во февруари 2022 година со руската инвазија на нејзината соседна земја. Прво, регионите окупирани од Русија, како и Крим, анектиран во 2014 година, ќе мора да бидат меѓународно признати како руска територија. Сите економски санкции против Русија треба да бидат укинати, Украина мора да остане „неутрална“ и, на пример, да се воздржи од приклучување кон НАТО. Испораките на западно оружје и споделувањето разузнавачки информации мора да бидат запрени, а големината на украинската армија мора да биде ограничена. Киев мора да се обврзе да се откаже од какви било барања за репарации против Русија. Понатаму, Украина мора да ги ослободи сите руски „политички затвореници“. Во согласност со прокламираната цел на Москва за „денацификација“ на својот непријателски сосед, документот, исто така, повикува на распуштање на „украинските националистички формации“ во рамките на украинските вооружени сили. Украина, исто така, треба да гарантира запирање на актите на саботажа во Русија. Изборите треба да се одржат најдоцна 100 дена по укинувањето на воената состојба.
Зеленски: Трамп треба да изврши притисок врз Путин за прекин на огнот
Барањата на Русија, кои што се наведени во меморандумот, досега беа постојано отфрлани од Украина. Наспроти тоа, Киев бараше безусловно 30-дневно примирје од Москва како предуслов за почеток на вистински мировни преговори. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот вечерта со воведување дополнителни санкции да изврши притисок врз Русија за прекин на огнот. Тој очекува „силни чекори“ од Трамп, изјави Зеленски пред новинарите. Вашингтон треба „да изврши притисок врз Русите за прекин на огнот со силни санкции“, додаде Зеленски. Прекинот на огнот од два до три дена, што го предложи и Русија, според него е „кратка пауза“ и ја обвини Москва за „реторички игра".
Договорена размена на воени заробеници
Во Истанбул претходно заврши вториот круг разговори меѓу делегациите од Украина и Русија за завршување на војната. Единствениот опиплив исход беше обновена размена на воени заробеници.
Според шефот на руската делегација, Владимир Медински, секоја година треба да се разменуваат најмалку 1.000 воени заробеници. Покрај тоа, двете страни се согласија за размена на 6.000 тела на убиени војници. Понатаму, според шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, на Русија ѝ е предаден список со имиња на киднапирани деца, чие враќање го бара Киев. Украина предложи и датум до крајот на јуни за дополнителни разговори. Меѓутоа, клучните прашања можат да се решат само на ниво на шефови на држави, истакна украинскиот министер за одбрана и шеф на делегацијата, Рустем Умеров.