Ново руско оружје - агенти за еднократна употреба
24 мај 2025Германската Сојузна служба за заштита на уставниот поредок (германската разузнавачка служба за внатрешна безбедност) предупредува од „агенти за еднократна употреба“ кои дејствуваат во име на Русија. „Со години забележуваме јасно зголемување на активностите на руските разузнавачки служби“, изјави за новинската агенција ДПА, Синан Селен, заменик-шеф на службата.
Во овие активности, тие користат и луѓе кои преку социјалните мрежи или на други начини се врбувани за индивидуални акции или операции. Тоа се таканаречени „агенти од ниско ниво“, кои се нарекуваат и „агенти за еднократна употреба“. Според Селен, регрутирањето на овие лица често служи за дезинформации, саботажа или извидување на цели.
„Агенти за еднократна употреба“
„Агенти за еднократна употреба“ се лица кои официјално не се вработени во разузнавачките служби. Таквите поединци често се врбуваат преку апликации за размена на пораки како Телеграм за во замена за мала сума пари да извршат задача што на прв поглед може да изгледа безопасно. Според германските разузнавачки служби, најчесто се врбуваат поединци кои претходно се истакнувале со проруски изјави.
Наводно, Русија неколку години сѐ повеќе го користи овој метод, бидејќи стотици професионални шпиони беа принудени да ги напуштат своите дипломатски позиции по почетокот на руската агресија врз Украина. Освен тоа, употребата на „агенти за еднократна употреба“ служи и за прикривање на вистинските налогодавачи.
Според Селен, зголемената употреба на овие агенти е и реакција на успесите на домашното контраразузнавање.
Трајна закана
Неодамна станаа познати наводните планови за напади врз товарниот сообраќај во Германија. Во Германија и Швајцарија се уапсени тројца украински државјани. Сојузното обвинителство ги товари за шпионажа со цел саботажа. Според официјални наводи, постои сомнеж дека зад наредбата како нарачатели стојат државни актери од Русија.
Сојузната служба за заштита на уставниот поредок претпоставува дека руските активности во Европа претставуваат долгорочна закана – без оглед на војната на Русија против Украина и натамошниот развој на тој конфликт. Оваа закана, како што се оценува, останува трајно интензивна.