Аналена Бербок ќе го предводи Генералното собрание на ОН
9 септември 2025Аналена Бербок (44), поранешната шефица на германската дипломатија, останува на светската сцена. За разлика од повеќето нови работни места, кои започнуваат во понеделник, Бербок својата работа како претседателка на Генералното собрание на ОН ќе ја почне во вторник (9 септември). Политичарката од Зелените беше министерка за надворешни работи на Германија до мај годинава додека во Берлин на власт не дојде новата влада предводена од Фридрих Мерц, во која немаше место за Зелените. Експресно, уште на почетокот на јуни годинава, Бербок беше избрана на чело на Генералното собрание на ОН, па го напушти и германскиот парламент. Но, изборот во ОН не се случи како што е вообичаено, едногласно, туку со тајно гласање. Според дипломатите, тоа било по барање на Русија. Како министерка, Бербок беше остар и гласен критичар на агресорската војна на Русија против Украина. Таа на крајот освои 167 од можните 193 гласови во Њујорк.
Не е особено престижна функција
Во период од една година поранешната лидерка на Зелените и кандидатка за канцелар ќе води и ќе подготвува состаноци во Њујорк. Тоа не е особено престижна функција бидејќи бара многу дискусии зад затворени врати за теми што треба да се дискутираат во Генералното собрание. Но, следната година се избира нов генерален секретар на ОН, а Бербок ќе помогне и во подготовката на тие избори во соработка со амбасадорите на 193-те земји-членки на ОН. Сегашниот генерален секретар, Антонио Гутереш, е на функцијата до крајот на 2026 година. И од родната Германија Бербок во Њујорк не беше испратена од сите страни со добри желби. На партискиот конгрес на партијата на Демохристијанската унија во Бон, канцеларот Фридрих Мерц рече дека во новата влада веќе нема „болни дискусии“ како во последниве години „со надворешната политика на дамата која сега е во Њујорк“.
Бербок навистина никогаш не се воздржуваше од изнесување остри ставови, не само кон Русија, туку и кон Кина. Член на поранешната влада, која ја сочинуваа Социјалдемократите, Зелените и Либералите, кој сакаше да остане анонимен, за ДВ открива дека од секогаш било чудно што „најмалку дипломатската личност што ја познавам“ стана министерка за надворешни работи.
Хелга Шмид беше предвидена за функцијата
И самото именување на амбициозната политичарка од Зелените на функцијата во ОН не помина без врева. Во март се обзнани дека тогашната малцинска влада на Социјалдемократите и Зелените ја номинирала Бербок за работата во Њујорк.
Подолго време се знаело дека функцијата ќе им им припадне на групата западноевропски земји и дека Германија смее да номинира кандидат. Тогашниот портпарол на владата во Берлин кон крајот на март рече дека Бербок е „високо квалификуван за работата“. Именувањето било усогласено и со новата влада, поточно со Фридрих Мерц, идниот канцелар. Но, Германија за работата во Њујорк всушност првично ја планирала многу почитуваната дипломатка Хелга Шмид. Родена во 1960 година, Шмид има истакната кариера во Министерството за надворешни работи, меѓу другото и како шеф на кабинетот на поранешниот министер за надворешни работи Јошка Фишер, кој беше на таа функција од 1998 до 2005 година - и исто така беше редовите на Зелените. Подоцна Шмид била еден од архитектите на нуклеарниот договор меѓу ЕУ и други земји и Иран, кој беше успешно окончен во 2015 година, но потоа го поништи американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговиот прв мандат.
Бербок сака да обединува?
Берок по нејзината номинација во Берлин рече дека „како претседател, доколку бидам избрана, ќе им служам на сите земји-членки, големи и мали. Како искрен посредник. Како сила што обединува. Со отворено уво. И отворена врата.“ А кратко потоа, на нејзиното последно патување во странство како министерка за надворешни работи, на данскиот остров Борнхолм додаде дека „се наоѓаме во ситуација свесни повеќе од било кога за важноста на нашиот Устав, европскиот мировен поредок и Повелбата на Обединетите нации.“ Обединетите нации постојат веќе 80 години и нивните вредности мора да се бранат и почитуваат секој ден, рече таа. Неочекуваната номинација на Аналена Бербок веднаш предизвика реакции. Фактот дека техничката влада забрзано ја додели функцијата, исто така наиде на критики.
Поранешниот претседател на Минхенската безбедносна конференција, Кристоф Хојсген, рече дека е „срамота да се замени најдобрата и меѓународно најискусната гераманска дипломатка со застарен модел“. Хелга Шмид неодамна, како генерален секретар, „ја спаси Организацијата за безбедност и соработка во Европа од распаѓање“, рече Хојсген, кој пак неколку години беше советник за надворешна и безбедносна политика на поранешната канцеларка Ангела Меркел.
Зеленото дуо ја напушти германската политика
Самата Аналена Бербок времето минато како министерка за надворешни работи на Германија, од декември 2021 година до мај оваа година, го гледа како како предност. „Како министерка за надворешни работи, многу патував по светот. Тоа вклучуваше и малку подалечни региони, или на Блискиот Исток. Тоа не можев ни да го замислам на почетокот на мојот мандат, дека некои земји од Заливот и арапските земји ќе ги посетувам почесто отколку партнерите од ЕУ заради ситуацијата на Блискиот Исток. Тоа создава уште поинтензивни врски и со овие земји“, аргументира Бербок. Почетокот на мандатот на Аналена Бербок е во време кога поранешниот вицеканцелар и министер за економија Роберт Хабек, се повлекува од германската политика. Тој го врати мандатот во парламентот и во иднина ќе предава на Институтот за меѓународни студии во Копенхаген. Бербок и Хабек долги години беа две водечки политички фигури на Зелените, кои сега од опозиција мора да бараат нов почеток.