Киев задоволен од новиот ултиматум на Трамп, Москва огорчена
29 јули 2025Русија и Украина, како што се очекуваше, реагираа многу различно на новиот ултиматум на американскиот претседател Доналд Трамп. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги пофали постапките на американскиот претседател како важен чекор кон мирот.
Русија прави сè што може за да ја продолжи војната и да ѝ наштети на Украина, истакна Зеленски во својата вечерна видео порака. „Постојано нагласувавме - и сите партнери го знаат ова - дека санкциите се клучен елемент.“ Мир преку сила е можен затоа што Русија ги чувствува ефектите од санкциите и загубите што произлегуваат од тоа, изрази оптимизам Зеленски.
Официјален Кремљ молчеше за објавата на Трамп. Но, поранешниот руски претседател Дмитри Медведев предупреди на војна меѓу Русија и САД, секој ултиматум од Трамп е чекор кон војна, напиша тој на платформата X. „Не меѓу Русија и Украина, туку со неговата сопствена земја.“ Медведев е познат по особено радикални изјави, но во исто време, како шеф на Советот за национална безбедност, тој и натаму има значително влијание во Москва.
За време на вчерашниот состанок со британскиот премиер Кир Стармер, Трамп објави дека ќе го зголеми притисокот врз Кремљ, најавувајќи дека ќе го скрати рокот од 50 дена, по кој врз трговските партнери на Русија ќе бидат воведени значително повисоки царини, на „десет или дванаесет“ дена. Со тоа се скратува првичниот рок за постигнување прекин на огнот или мировен договор, поставен за почетокот на септември.
Новата казнена царина од 100 проценти има за цел да ги охрабри трговските партнери на Русија - особено Кина и Индија - или да купуваат помалку руска нафта и гас или да извршат притисок врз земјата која располага со ресурси, за да постигнат мирно решение во Украина.
Трамп ги оправда своите постапки со својата разочараност од лидерот на Кремљ, Владимир Путин. Иако Трамп води разговори со рускиот претседател за завршување на војната, Путин потоа ги ракетира украинските градови.
Дури и по новата најава на Трамп, Москва ноќеска продолжи со нападите врз Украина. Руски ракети погодиле казнено поправна установа во Запорошката област, објави гувернерот Иван Федоров. Првичните извештаи велат дека 16 лица се убиени, а најмалку 35 други се повредени. Во украинските напади со беспилотни летала во рускиот Ростовски регион, според гувернерот Јуриј Сљусар, е убиено едно лице.
Досега, Путин, за разлика од украинскиот претседател Зеленски, ги отфрли предлозите за безусловно примирје. Тој аргументира дека Украина би можела да го искористи примирјето за да собере нова сила за да ја продолжи војната со нови испораки на оружје од своите сојузници, понатамошна мобилизација на војници и прегрупирање на трупите. Во исто време, Русија не се откажува од сопствените барања, кои се блиску до капитулација на Киев.