Новата улога на Германија во НАТО: база за логистика
26 јуни 2025Улогата на Германија во одбранбената стратегија на НАТО значително се промени од 90-тите години кога Западна Германија беше држава што директно се граничеше со Варшавскиот пакт. Во случај на напад од исток, Западна Германија ќе беше прва на удар. Германската војска (Бундесверот) и сојузниците би се обиделе трупите на Варшавскиот пакт да ги потиснат на територијата на Сојузната Република.
Денес позицијата на Германија се разликува - на исток се земји како Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија, Бугарија и балтичките држави. Сите тие во меѓувреме се приклучија на НАТО. На таквото проширено подрачје на Алијансата Германија веќе не се наоѓа на потенцијалната линија на разграничување, туку во средината.
Нова улога како база за логистика
Во случај на можен руски напад, бојните полиња судејќи по сѐ, би биле лоцирани источно од Германија - на територијата на новите членки на Алијансата кои имаат директна граница со Русија или нејзиниот сојузник Белорусија. Оттука произлегува и новата улога на Германија како база за снабдување.
Командантот на покраинскиот штаб на Баварија, бригадниот генерал Томас Хамбах вели дека „примарна задача на Германија во рамките на НАТО е да овозможи да функционираат распоредувањето и снабдувањето“. Германија треба да функционира како логистички центар за НАТО, нагласува тој. Голем дел од линиите за снабдување од САД, јужна и западна Европа се пресекуваат на германска територија, а потоа од таму се распоредуваат на фронтовите.
„Оперативен план Германија“
Сојузната влада и Бундесверот одговорија на новата улога со развој на „Оперативен план Германија“ - стратешки план за вонредни ситуации. Големи делови од планот се тајни, но некои клучни елементи се објавени - војниците, оружјето, муницијата и залихите мора да бидат примени, складирани или претоварени во вистинско време, а потоа се испраќаат на фронтот на исток. Принципот не се разликува од оној на цивилна шпедитерска компанија, само што се одвива во многу поголем обем.
Тука е и протокот во обратен правец - бегалци, ранетите и тела на загинати, како и оштетена воена опрема, мора да се транспортираат назад во Германија. Севкупно станува збор за огромен логистички потфат кој армијата сама не може да го совлада.
Сите се повикани
Во случај на вонредна состојба, сите може да бидат вклучени - хуманитарни организации, волонтери, компании, цивилното население. Во праксата Бундесверот веќе сега преговара со хуманитарни организации и приватни даватели на услуги како на пример за привремени локации за единици во транзит. Една приватна компанија има наредба да набави и да ја држи подготвена опремата за 17 такви места. Строго доверлива е локацијата на овие одморалишта за противникот да не може да ги нападне.
Хуманитарните организации како што се Црвениот крст или Малтешкиот ред се во преговори со Бундесверот. Нивните задачи вклучуваат грижа за бегалците од воените зони или распоредување на ранетите војници во болниците. Тоа не им се допаѓа на сите хуманитарци, вели Мартин Шелајз, сојузен комесар за отпорност на кризи при Малтешкиот ред. Тој вели дека „секако има критички гласови кои се пацифистички настроени“, но веднаш додава дека „сепак многу од оние кои дошле во Малтешкиот ред како цивилни регрути немаат ништо против соработката со Бундесверот, па дури има и такви кои велат дека денес сосема поинаку гледам на тие нешта“.
Не е само фокусот на логистика
Логистиката е важна, но не е единствениот дел од „Оперативниот план Германија“. Планот ја регулира сајбер безбедноста и употребата на резервистите. Оперативниот план, исто така, постојано се развива. Сепак, суштината останува иста - станува збор за целосна одбрана и на воен и на цивилен план. Во случај на вонредна состојба, сите граѓани на Германија - како и на другите земји членки на НАТО - мора да помогнат, како што е предвидено во „Оперативниот план Германија“.
Автор: Арно Тримпер, АРД