Нова одбранбена стратегија на ЕУ
20 март 2025„Колку е важна одбраната за нас, се гледа по тоа колку вложуваме во неа. А, во изминатите десет години не ни беше толку важна“, рече Каја Калас, специјалниот пратеник на ЕУ за надворешна политика, при претставувањето на новата одбранбена стратегија во Брисел. Таа додаде дека од 1945 година светот не видел такви пресврти и дека е дојдено време да се дејствува.
Европската комисија (ЕК) ја претстави таканаречената „Бела книга“ за одбранбените способности на ЕУ. Стратешкиот документ треба да покаже како ЕУ и нејзините земји-членки може да ја зголемат способноста за одбрана до 2030 година. Една од главните причини за тоа е Русија. Во документот се наведува дека „ако ѝ се дозволи на Русија да ги постигне своите цели во Украина, нејзините територијални амбиции ќе се прошират. Русија ќе остане закана за европската безбедност во догледна иднина“.
Тешко дека рускиот лидер Владимир Путин ќе може да биде одвратен само со документот, тоа што мора да се направи е спроведување на плановите, смета еврокомесарот за одбрана Андриус Кубилиус. Одредени европски тајни служби сметаат дека е можно Русија до 2030 година да ја тестира посветеноста на НАТО за взаемна помош, предупредува Кубилиус.
Белата книга не се однесува само на Русија, туку посочува и на сè поагресивната Кина, на неизвесностата на Блискиот Исток предизвикана од падот на режимот на Асад во Сирија и на состојбата во Газа. Покрај сето тоа, има опасност од хибридни напади и чинови на саботажа на инфраструктурата.
Да се прошират воените способности
ЕК ги идентификувала критичните области во кои земјите-членки треба да ги прошират своите способности за да го зголемат степенот на одбрана. Покрај противвоздушна одбрана, ракетна одбрана, артилериски системи и беспилотни летала, тука се вбројуваат и воените транспортни капацитети. Со својата стратегија ЕУ сака да стави на располагање и обемни фондови за таа намена.
Од Комисијата нагласуваат дека кога станува збор за одбраната уздите и натаму ги држат земјите членки. Но, Унијата сака да се погрижи постоечките ресурси да бидат што е можно поефикасно користени, на пример преку заеднички развој, производство и продажба на воени системи. Голем проблем за европската одбрана се бројните различни системи во земјите членки, кои не секогаш се компатибилни.
Финансирање преку ново задолжување
Уште пред две недели претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, го претстави својот план „Повторно вооружување на Европа“ за изнаоѓање 800 милијарди евра за одбраната во следните неколку години. За таа цел, дозволеното максимално задолжување на земјите членки на ЕУ треба да се подигне до 1,5 проценти од нивниот брутодомашен производ, со што треба да се мобилизираат до 650 милијарди евра за одбрана. ЕУ планира на членките да им стави на располагање дополнителни 150 милијарди евра во форма на заеми. Некои членки на ЕУ притоа треба да профитираат од поволните услови за кредитирање на ЕУ. Со овие средства треба да се поттикне заедничка набавка на оружје од страна на различни земји од ЕУ и нивни партнери, како Норвешка или Украина. Дозволени се набавки од компании со седиште во ЕУ и доколку 65 отсто од компонентите се од европско потекло.
Индустријата за оружје ги поздравува предлозите, особено повикот за повеќе заеднички набавки. Од гледна точка на индустријата, нарачки со долгорочна перспектива се важни за планирање на сигурни приходи, се вели во здружението на компании од воздушната, безбедносната и одбранбената индустрија на Европа.
Поддршката за Украина клучна
Значителен составен цел од стратегијата е континуираната воена поддршка за Украина. Т.н. стратегија на „бодликаво прасе“ подразбира вооружување на Украина до тој степен што ќе стане несовладлива. Украина ќе остане прва линија на фронтот на европската безбедносна и одбранбена политика, се вели во Белата книга. Тоа е „централната арена каде се одредува како ќе изгледа новиот меѓународен поредок“. Покрај конкретната воена помош, како два милиони парчиња артилерија годишно или системи за противвоздушна одбрана, Украина според планот треба да биде вклучена и во иницијативите на ЕУ.
Проширување на партнерства
И променетата улога на САД исто така е опфатена во Белата книга. САД се наведуваат како традиционално силен партнер, но во меѓувреме се кристализирало дека САД сакаат да ја намалат својата улога на „примарен безбедносен гарант“. Комесарот за одбрана Кубилиус тоа го формулира со зборовите дека „450 милиони граѓани на ЕУ не треба да се потпираат на 340 милиони Американци за да се бранат од 140 милиони Руси кои не можат да победат 38 милиони Украинци“.
Билатералниот дијалог со САД ќе се води и понатаму, а соработката во некои области ќе биде и зајакната. Особено со НАТО, но и со други земји, како Индија, треба да има засилена соработка во однос на безбедносни и одбранбени прашања. Предлозите ќе бидат наскоро разгледани од земјите-членки.
Додека конзервативната пратеничка група на ЕПП генерално ја поздравува Белата книга, либералната група „Обнова“ и Зелените сметаат дека е премалку амбициозна. Пратеничката од Зелените, Хана Нојман, повикува на „вистинска стратешка независност“ и во финансирањето. Според неа, треба да се разговара и за еврообврзниците, односно за заедничко задолжување, како и за специјализирана европска банка за одбрана.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик