Трамп ги одложува новите американски царини за една недела
1 август 2025Според владин претставник, новите американски царини за увоз од странство ќе стапат во сила на 7 август, а не овој петок. Американскиот владин претставник за новинската агенција ДПА во четврток вечерта (локално време) дополнително потврди дека ова важи и за царината од 15 проценти за увоз од ЕУ. Американскиот претседател Доналд Трамп претходно потпиша извршна наредба за новите царински прописи.
Претходно, Трамп го назначи 1 август како датум за воведување на новите царини. Овој датум беше назначен и во прегледот на ЕУ за договорот неодамна склучен во Шкотска меѓу Европската Унија и САД - таму, во врска со царините од 15 проценти, беше наведено: „Од 1 август, САД ќе ја применуваат оваа максимална царина за поголемиот дел од извозот на ЕУ“.
Претставникот на администрацијата на Трамп, на прашањето на ДПА зошто датумот на почеток не е овој петок, одговори: Намерата е да се даде повеќе време за спроведување на новите правила.
По истекот на рокот за преговарање, со декрет американскиот претседател воведе нови казнени царини за земјите без трговски договор со САД. Според списокот објавен од Белата куќа, Канада, со 35 проценти, и Швајцарија, со 39 проценти, се меѓу најтешко оптоварените земји.
За Канада е наведено дека „не соработувала“ во борбата против шверцот со фентанил во САД. Сепак, Трамп за Ен-Ви-Си њуз изјави дека можеби повторно ќе разговара со канадскиот премиер Марк Карни и генерално е отворен за понатамошни разговори.
Во остра спротивност на ова е одлуката да му се одобри на Мексико, вториот најголем трговски партнер на САД, 90-дневно одложување за да се овозможат понатамошни преговори. Ова значи дека Мексико, засега, ќе избегне зголемување на царините на 30 проценти.
Трамп ја воведе највисоката царинска стапка од 50 проценти за Бразил, но ги исклучи секторите како што се авијацијата и енергетиката. Причината е судското гонење на поранешниот бразилски претседател и пријател на Трамп, Жаир Болсонаро. Други највисоки царински стапки се воведени за Сирија од 41 процент, Лаос и Мјанмар од 40 проценти и Ирак од 35 проценти.
Индија сега ќе се соочи со царинска стапка од 25 проценти, откако преговорите за пристап до индискиот земјоделски пазар заглавија. Тајванската влада ја опиша царината од 20 проценти воведена за Тајван како „привремена“ и најави дека има намера да преговара за пониска стапка. „Откако ќе се постигне конечен договор, се очекува царинската стапка дополнително да се намали“, се вели во соопштението на кабинетот во петокот.
Другите трговски партнери, како што е Австралија, поминаа со поблаги последици. Основната царинска стапка од 10 проценти продолжува да важи за австралиските стоки. „Иако сме во најдобра можна позиција според новиот американски царински режим, ќе продолжиме да работиме на елиминирање на сите царини во согласност со нашиот договор за слободна трговија“, изјави во петокот портпаролот на австралискиот министер за трговија Дон Фарел. САД традиционално имаат трговски суфицит со Австралија.
Трамп ги оправдува американските царини со трговски дисбаланси и фактот дека некои партнери не направиле доволно отстапки во преговорите или не застанале на страната на САД по економските и безбедносните прашања. Правната основа за царините е спорна, Трамп за нив се повикува на закон за вонредна состојба од 1977 година.