Никошур Дан: Прагматичар против корупцијата во Романија
19 мај 2025Вториот круг од изборите во Романија беше изненадувачки невозбудлив – на задоволство на проевропскиот табор. Непартискиот либерален реформски политичар, Никушор Дан, освои речиси 54 проценти од гласовите, односно 850 илјади гласови повеќе од неговиот противкандидат, деснорадикалниот Ѓорѓе Симион.
Клучен за успехот беше огромниот пораст на излезноста - во првиот круг од претседателските избори, на гласање излегоа 53 проценти од лицата со право на глас, додека во вториот круг одзивот беше 65 проценти. Очигледно многумина од оние кои не гласаат направија исчекор откако видоа дека Симион имаше убедливо најдобар резултат во првиот круг. Големиот број дополнителни гласачи спречија Романија да добие деснорадикален претседател.
Прагматичен професор по математика
Идниот шеф на романската држава, Никошур Дан, е 55-годишен професор по математика, кој дури може да се нарече и математички гениј. Како тинејџер двапати го освоено златен медал за Романија на Меѓународната олимпијада по математика. Неговите колеги од предизборната кампања велат дека тој и се однесува онака како што човек си замислува типичен математичар – екстремно прагматично.
На пример, Дан на големо жалење на тимот, многупати одбил да се појави на социјалните мрежи бидејќи според „неговата логика и пресметки“ тие не би донеле никаква непосредна корист.
На крајот, напорите беа доволни за победа, а Дан од подиумот пред телевизиските камери порача: „Би сакал да им се заблагодарам на десетиците илјади Романци кои во изминатите недели се бореа за нашата идеја. Тие докажаа колкава е моќта на граѓанското општество. Оваа моќ е многу посилна од отуѓеноста во земјава“, рече тој.
Втор круг на избори меѓу двајца протестни кандидати
Во Романија де факто многу луѓе се отуѓени од политиката. И деснорадикалниот Ѓорѓе Симион, и непартискиот реформски политичар, Никушор Дан, беа протестни кандидати.
Претседателскиот кандидат на големата владејачка коалиција од ПСД, ПНЛ и УДМР, Крин Антонеску, отпадна уште во првиот круг од гласањето. Потоа, на почетокот на мај, се распадна владејачката коалиција. Премиерот Марсел Чолаку си поднесе оставка. Владата стануваше сè понепопуларна и предмет на обвинувања за корупција.
Романија е трета најкорумпирана земја во ЕУ, по Унгарија и Бугарија. Дан сака да го смени тоа од позиција на претседател и многу луѓе му веруваат. Зашто, за разлика од многу други романски политичари, тој самиот не се поврзува со коруптивни дејствија. Во својот победнички говор, Дан рече: „На денешните избори победи заедница на Романци кои сакаат темелни промени. Заедница која бара функционална администрација, земја со помалку корупција и просперитетна економија за романските граѓани.“
Кој ќе добие мандат за формирање влада?
Една од првите задачи на претседателот Дан ќе биде да најде нов премиер и да го овласти да формира влада. Во моментов тешко може да се замисли со која влада Никушор Дан би можел добро да соработува, бидејќи реформските сили немаат мнозинство во романскиот парламент.
Дан сака да допре и до приближно петте милиони гласачи на десничарскиот претседателски кандидат Симион. „Тоа е заедница која е толку огорчена што верува дека решение за Романија е револуција. Наша должност е да ги убедиме овие луѓе дека решение за Романија е реформа на судството и реформа на администрацијата. Ни претстојат тешки времиња во кои економијата треба да се доведе во рамнотежа. Ве молам за надеж и трпение“, апелираше новоизбраниот претседател.
Симион ќе беше непријатен за ЕУ
Поразениот кандидат на претседателските избори, 38-годишниот лидер на партијата АУР, Симион, се огласи со, во одредена мера бизарно, видео. Облечен во елегантен син костум и седејќи на елегантна дрвена маса, својот изборен пораз го објави придружен од меланхолична музика на пијано. „Време е да ја продолжиме нашата борба за правда и вистина, за традиционалното семејство, за христијанската вера и слобода“, рече Симион.
Како претседател, Симион веројатно ќе беше доста непријатен за ЕУ. Тој сакаше да ѝ се спротивстави на Европската Комисија и да се бори за поголеми ингеренции на националните држави. Тој е против воена поддршка на Украина, има националистички ставови и соништа за Голема Романија, на пример преку обединување со Република Молдавија. Од друга страна, новиот претседател Никушор Дан е Европеец по убедување.
Автор на текстот: Оливер Зос, АРД