Арбитража: Македонија го доби случајот „Казандол“
19 август 2025Македонија во арбитражна постапка го доби случајот „Казандол“, информираше вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
„Сакам да информирам за донесената пресуда во арбитражната постапка „Казандол“ каде државата беше тужена од неколку инвеститори. Нивното барање беше 115 милиони евра отштета, но можам со гордост да кажам дека овој случај го добивме, сите 11 основи по кои државата беше тужена се одбиени и заштедени се 115 милиони евра“, рече Николоски на прес-конференција во Владата.
Според него, пресудата е целосно во корист на земјата. Николовски вели дека случајот не бил воопшто лесен, имајќи предвид дека претходната влада веќе го имала затворено со завршни зборови во 18 јануари 2023 година.
Одбиена спогодба
Новата влада на почетокот на годината побарала случајот повторно да се отвори. „Кога тужителите сфатија дека не им стојат добро работите, понудија спогодба со државата за помала сума, која варираше од 35 до 48 милиони евра. Ние таа спогодба ја отфрливме, затоа што бевме убедени во нашите аргументи“, вели Николоски, кој е дециден дека Македонија нема да плати ниту едно евро за случајот „Казандол“.
Во овој случај државата беше тужена од страна на неколку инвеститори во рудникот Казандол во Валандовско. Нивното барање беше да се исплати отштета од 115 милиони евра од страна на Македонија. Тие имале ангажирано една од најдобрите адвокатски канцеларии во светот.
Владата предводена од поранешниот премиер Зоран Заев во март 2018 година донесе одлука за едностран раскин на договорот за концесија со британско - украинската компанија „Сардич“, бидејќи не бил исполнет условот во рок од две години од доделувањето на концесијата да се изгради постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да експлоатира најмалку 50 проценти.
Договорот со инвеститорите беше потпишан на 22 јули 2015 година.
Втор добиен арбитражен спор
Според Николоски, ова е втор случај кој го добива државата пред Арбитражниот суд. Тој се надева на позитивен исход во уште неколку спорови коишто се водат против Македонија.
„Ова се затворени процеси и до донесување пресуда детали не смеат да се изнесуваат. Постапките се многу комплицирани. Но, ако продолжи овој тренд, а јас сум убеден дека ќе продолжи, тогаш надлежните органи ќе треба сериозно да се позанимаваат со тоа како биле отворани арбитражите и како бевме сите убедувани дека Македонија ќе губи стотици милиони евра, а некогаш и милијарди, а еве не ги губи и зошто овој случај бил затворен во декември 2023 година. Ние повторно го отворивме, имало простор и еве го добивме“, рече Николоски.
Тој најави дека Владата донела одлука за реконструкција на железничката линија од Скопје до Кичево на Коридорот 8. ЕУ ќе обезбеди 5,3 милиони евра грант за физибилити студија, а водечка финансиска институција ќе биде Европската банка за обнова и развој која ќе одбере консултант, по што ќе започнат работите на терен.