Независните во менгеме на правна празнина
11 август 2025Имаат право да учестуваат на изборите, но не се знае под кои услови. Вака накусо може да се опише ситуацијата пред независните граѓански иницијативи кои планираат да учествуваат на локалните избори во октомври со свои листи.
Дамоклов меч над граѓанските иницијативи претходно беше обидот да им се наметне повисок законски праг за кандидирање на изборите. Но, Уставниот суд на 20-ти мај годинава одлучи да ги укине членовите 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик од 11 март 2024 година, со кои беа изменети членовите 61 и 62 од Изборниот законик.
Тие одредби, за кои на 26-ти февруари година Уставниот суд поведе постапка, значеа дека за независните кандидати и листи да се најдат на гласачко ливче, треба да соберат потписи од 1% од вкупниот број гласачи запишани во конкретната изборна единица - доколку станува збор за парламентарни избори, односно 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, односно Градот Скопје, ако станува збор за локални избори.
Како е сега?
Согласно со член 60 од Изборниот законик, независните како група избирачи/подносители на листа, имаат право да поднесуваат листи на кандидати. Но бидејќи одредбите кои ги регулираа условите во делот на потребните потписи во мај беа укинати од Уставниот суд, а Собранието во меѓувреме не донесе нови измени, сега на сцена е правна празнина во која тие услови не се предвидени и регулирани.
Во сегашната ситуација, според професорот по уставно право и политички систем Денис Прешова, граѓанските иницијативи може да имаат кандидати и без да собираат потписи.
„Во согласност со постојната законска рамка и со ваквата законска празнина, овие групи на избирачи, независните листи, можат да поднесат листи на кандидати без да собираат потписи бидејќи Изборниот законик сега не предвидува колкав број или процент на потписи е потребен за поднесување листа на кандидати, дали за пратеници, или пак, за членови на Совет“, објасни Прешова за БИРН.
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, повикувајќи се на членот 60 од Изборниот законик, потенцираше дека ДИК нема право никому да му го ускрати законското право за учество на избори.
„Согласно Уставот и Законот, секој има еднакво избирачко право да бира и да биде избран. Значи, ДИК нема право и никому не му го ускратува законското право за учество на избори. Членот 60 постои во Изборниот законик, тој е јавен и достапен за сите. Значи сите – и политички партии и коалиции и група избирачи, согласно членот 60, имаат право да учествуваат на изборите“, рече Кондарко.
Автентично толкување
Но, граѓанските организации стравуваат дека во последен миг може да се случат политички акробации кои би ги спречиле да кандидираат нивни претставници на локалните избори. Од тие причини дел од нив почнаа процес за да се регистрираат како партии, токму со цел да избегнат евентуални полиитички игри.
„Со нас си играат како со мали деца. Денеска некој ќе толкува на еден начин, утре друг ќе толкува на друг начин и ние не знаеме на што сме“, реагираше Горјан Јовановски од „Зелен хуман град".
„Пред еден месец имавме состанок со ДИК. Претседателот на Комисијата ни кажа на сите независни, дека тие немаат право да го толкуваат Законот и дека ќе чекаат автентично толкување на законот од страна на Собранието. За денеска, иако нема автентично толкување од Собранието, да се појави претседателот со негово толкување што може и не може да се случи на наредните избори. И тоа е големиот проблем. Институциите во '5 до 12' прават нови бирократски лавиринти со цел ние, како ‘Зелен хуман град’, и другите независни да не можеме да се кандидираме на овие локални избори ", изјави Јовановски за ТВ Телма.
Како ислустрација за неизвесноста, го посочи и податокот дека дури и на веб-страницата на ДИК последниот консолидиран текст на Изборниот законик е стара верзија, каде се уште се спомнува „1%", иако Уставниот суд во мај ги укина одредбите што го одредуваат тој процент.
„Немаме точна и конкретна информација, каде сите институции заедно ќе се сложат ‘како е', и затоа решивме да не доволуваме тие лавиринти да направат уште една сопка во нашата борба“ дециден е Јовановски, додавајќи дека Собранието е надлежно за автентично толкување на законот.
Според Прешова, доколку Собранието не ја пополни правната празнина која е настаната од 20 мај, Државната изборна комисија нема законска основа да ги отфрли кандидатските листи и мора да ги прифати.
„Член 65 став 4 од Изборниот законик, кој упатува на укинатите законски одредби од член 61 и член 62, станува беспредметен и неприменлив, бидејќи во законските одредби на кои упатува, бројот на потписи не е регулиран. Во оваа смисла посегањето по автентично толкување, механизам и надлежност на Собранието кој е прилично контроверзен и спорен од аспект на поделбата на власта и владеењето на правото, ќе биде контрапродуктивно и само може дополнително и непотребно да ги усложни работите“, смета Прешова.
Еднаков третман пред законот
На локалните избори во 2021 година за независни гласаа 56.000 граѓани, со што внесоа свои независни претставници во 33 општини и во Градот Скопје.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, пред два дена ги распиша локалните избори за на 19-ти октомври, кога ќе се гласа за градоначалници и за членови на општинските совети. Во општините во кои нема да се избере градоначалник во првиот круг, вториот ќе се одржи на втори ноември.
Основно правило што провејува во сите меѓународно правни документи во врска со избирачкото право е дека правната рамка треба да обезбеди натпревар на сите политички партии и кандидати на изборите врз основа на принципот на еднаков третман пред законот.
„Политичкиот плурализам како темелна вредност на уставниот поредок, утврден во член 8 став 1 алинеја 5 од Уставот, создава повеќе позитивни обврски за државата како гарант на плурализмот да овозможи различните политички опции на граѓаните да можат ефективно да се изразат со учество, под еднакви и фер услови, на слободни и демократски избори“, наведе во мај Уставниот суд во образложението на одлуката за укинувањето на посочените членови.
„Тука, пред сè, спаѓа обврската на државата да обезбеди соодветна правна рамка за ефикасно остварување на избирачкото право која ќе пропише фер услови за учество и на помалку застапените, ранливи групи граѓани, но и на граѓаните кои се кандидираат независно од политичките партии. Или со други зборови кажано, законодавството со кое се регулираат изборите треба да го поттикнува, а не да го ограничува плурализмот на политичките ставови и мислења, да создава услови за постоење на плуралистичка политичка клима, фер изборен натпревар и средина во која ќе се промовира учество не само на политичките партии, туку и на другите групи и поединци во политичкиот и јавниот живот, во која и граѓаните како поединци ќе можат слободно, како независни кандидати да ги изнесуваат своите ставови и мислења кои најчесто се различни и спротивни од оние на политичките партии и партиските кандидати“, наведе Уставниот суд.