Нетанјаху му се закани на Хамас со целосно уништување
3 јули 2025Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му се закани на радикалниот исламистички Хамас со негово целосно уништување. „Ќе го елиминираме Хамас“, изјави Нетанјаху вчеравечер (2.07) за време на посетата на градот Ашкелон, во близина на Појасот Газа. „Ќе го уништиме до корен“, нагласи тој.
Нетанјаху не ги коментираше изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека Израел се согласил со предлогот за 60-дневен прекин на огнот. Трамп соопшти дека Израел се согласил со „неопходните услови“ за договор за прекин на огнот во траење од 60 дена, во текот на кои САД ќе соработуваат со сите страни во конфликтот за да се стави крај на војната.
Хамас соопшти дека ќе одржи „национални консултации за предлозите добиени од медијаторите“. Целта е „да се постигне договор што гарантира крај на агресијата, ќе постигне повлекување (на Израел од Појасот Газа) и итно ќе им помогне на нашите луѓе во Појасот Газа“.
Точните услови од новиот предлог на медијаторите за прекин на огнот сè уште се нејасни. „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на израелски функционер и на Палестинец близок до Хамас, објави дека предложениот договор предвидува ослободување на десет од преживеаните заложници и префрлање на телата на 18 киднапирани лица во замена за палестински затвореници што се држат во израелските затвори. Според официјални израелски извори, 50 киднапирани лица сè уште се држат во Газа, од кои, како што се верува, најмалку 20 се живи. Ослободувањето на заложниците и враќањето на телата ќе се спроведува постепено, во пет групи во период од 60 дена, објави весникот.
Покрај тоа, тројца израелски претставници, како што се вели, изјавиле дека најновите напори имале за цел да му дадат на Хамас посилни гаранции дека привременото примирје може да го отвори патот кон траен крај на војната. Барањето на Хамас за цврста обврска дека примирјето ќе доведе до крај на војната е една од главните точки на сопнување во преговорите досега. Нетанјаху во минатото велеше дека е подготвен да се согласи на привремен прекин на огнот, но нема трајно да ја заврши војната сè додека Хамас не се откаже од своето владеење во Појасот Газа и неговите лидери не заминат во егзил - услови што Хамас досега ги отфрлуваше. Досегашниот став на терористичката организација беше дека сите заложници - живи и мртви - ќе бидат вратени само ако Израел стави крај на војната.